// Google analytics code

Рождество Христово – Митрополит Струмички Наум

nativity7~+~

Свети Григориј Богослов вели: „Оној Кој седи на Небото над небесата, на истокот на Својата слава и светлина, се прославува [денес] на западот на нашата сиромаштија и ништожност; и Синот Божји прифати да стане и да се именува Син Човечки“.

Несоздадениот, Кој предвечно, бестрасно, бестелесно се раѓа на начин надумен од Бог и Отецот, се роди денес бестрасно и во тело, на начин надумен, од Богородица и Секогашдева Марија, во Витлеем Јудејски.

Несместливиот, во Чиишто прегратки почива сѐ што е создадено, денес, воплотен, почива во прегратките на Својата Пресвета Мајка. О, чудо неискажано; не со промена на местото, затоа што е секаде присутен, туку по снисходување Божјо, зашто е Единствен Човекољубец!

Бог стана човек, за човекот да може да стане бог по благодат.

Од Бог и Отецот испратениот и доброволно дојдениот Син Божји ни дарува во Црквата – таа несоздадено-создадена икона на Света Троица – и низ нејзината Света Евхаристија да го преобразуваме нашето постоење, образувајќи ги меѓусебните лични односи според подобие на она Христово светотроично „како“: „Сите едно да бидат, како Ти, Оче, што си во Мене и Јас во Тебе; и тие во Нас едно да бидат, светот да поверува дека Ти си Ме пратил“ (Јован 17, 21).

Возљубувајќи се еден со друг, да бидеме живи и светлозрачни икони на Божјото јавување во тело, вечни сведоци на светотроичниот благодатен Домострој на спасението, откриен во Личноста на Богочовекот Исус Христос, во Неговото воскреснато Тело – Црквата, и ологосени гласници на радосната вест: Христос се роди!

Христовото рождество, како историска случка и како празнично Литургиско учество, е суштински поврзано со личниот мистичен опит и дар Божји на отворањето на срцето. Откако несоздадената благодат на Крштението ќе се пројави од нашето доволно очистено срце и откако ќе ни го открие местото на срцето, тогаш и ние ќе станеме веродостојни сведители на Христовото рождество.

Иста е благодатта на учество во секој момент од Христовиот живот, која сите ја добиваме на Литургијата, собрани околу нашиот Епископ и причестувајќи се со Светите Христови Тајни, со благодатта на Светото Крштение која се пројавува и во нашето срце, откако доволно ќе го очистиме од страстите.

Во Црквата, во нејзината Света Литургија, т.е. Благодарење на Црквата, целиот Христов живот станува содржина на благодатниот живот на нашето срце.

Затоа и темата за смртта и воскресението Христово не е несоодветна за Рождеството, бидејќи јаслите во кои Христос е положен се прикажани на иконата како Неговиот иден гроб, а повоите со кои Христос е повиен се како повои погребни. И воопшто, кога Вечноста влегува во историјата, времето станува релативна категорија – постојана сегашност. Впрочем, целиот Негов Домострој на нашето спасение е страдање до истоштение. Почетокот го покажува веќе крајот. Во пештера роден, во пештера погребан и оттаму воскреснат. “Синот Човечки нема каде глава да потслони”. (види: Лука 9, 58).

Преку православниот духовен живот срцето го чистиме од славољубие, среброљубие и сластољубие. Ако не го очистиме срцето од своите страсти, тогаш нашето срце станува како домовите витлеемски во кои Христос не можел да најде место, односно Богородица не можела да најде место за да Го роди Христос, така што морал да се роди во некоја пештера, во некои јасли надвор од домовите на витлеемските жители. А таа пештера го претставува кое било друго место освен нашето извалкано, од страстите и гревот, срце. Затоа и велиме дека, на личен план, Рождеството Христово можеме вистински да го славиме само ако со умот го пронајдеме влезот за внатрешноста во нашето срце, влезот во пештерата каде што Христос положен во јасли лежи.

Мислите ли дека витлеемските жители навистина немале место во своите домови? Не, едноставно не сакале да си ја нарушат својата комоција, не сакале да се откажат од комфорот и од компромисот со овој свет; тесно им било во срцата. Исто како и нам денес што ни е тешко да се потрудиме во аскетско-исихастичкиот подвиг или да примиме и нахраниме некој сиромашен човек дома, не сфаќајќи дека така Самиот Христос не Го примаме. Витлеемските жители немале место во своето срце, но за разлика од нас, и не знаеле што прават. Ќе најдеме ли ние?

Затоа, во деновиве на прославувањето, сеќавајте се делотворно на Христос – во ближниот што страда, бидете и во молитвите со Него, за посебната благодат што ни е дадена во Црквата, во овие денови, да не остане неискористена и да не го оставиме нашиот дом – нашето отворено срце, без Него. И внимавајте да не ја замениме вистинската радост со еуфорија, со душевност!

Да, во овие денови на големите празници Христови, како што е Христовото Рождество, имаме посебна благодат што ни е дадена да влеземе во срцето, ако сме се подготвиле за тоа соодветно и ако тоа навистина го сакаме. Затоа, треба да се обидеме да влеземе во срцето и молитвено да пребиваме таму, а не да ни помине овој благодатен период само во телесно празнување; да го бараме најнапред Царството Небесно, а не прво сѐ друго, па на крај и тоа. За да не излезе дека го празнуваме Христовото Рождество без Христос или надвор од Него.

Да не се збунуваме ако не ја почувствуваме благодатта на Рождеството Христово; и немој да се растажуваме, ниту да се присилуваме од нас однатре да го произведеме тоа чувство; треба само да се смириме како недостојни и благодатта ќе се појави, таа е дар. Исто како што и нашиот живот и пристап кон Бог е давање и дар.

 

Христос се роди!

Митрополит Струмички Наум

(06.01.2022 16:55)


About The Author