// Google analytics code

Преображение – Отец Гаврил Галев

C2F045A8-7175-4E98-BF13-2F6A94257740~+~

 Денес е Преображение, Господово преображение, и не само Господово, туку и преображение на апостолите. Човеково преображение. Зошто? Затоа што Бог е секогаш истиот со својата божественост. Он зеде човечко тело, заради нас и нашето спасение и стана сличен на нас.

Со телото, таа Негова божественост на некој начин ја сокри од нас, меѓутоа никогаш не се променил, секогаш бил Бог со сета Своја слава. А што е со човекот? Тој се променил. Тој бил создаден според образот Божји и предназначен да го стекне и подобието Божјо. Да расте во заедницата и гледањето на славата Божја. Меѓутоа човекот тоа не го постигна. Тој го послуша советот сатанин, и место кон небесата, погледна кон земјата и отпадна од заедницата со Бога, а неговата природа се помрачни. Тогаш за него се помрачија небесата, се “помрачи” за него и славата Божја.

На гората Тавор Бог повторно му ја врати надежта на човекот. Се преобрази, поточно ја преобрази човековата природа и му овозможи повторно да може да ја гледа славата Божја. Во овој момент Бог ги удостоил овие троица избрани апостоли Петар, Јаков и Јован, да им се преобрази срцето, да им се преобрази умот и да им се преобразат телесните очи за да можат да ја видат славата Божја,… колку што можеа. Таа слава, светлина, се гледа пред се во нашето срце, со духовното око, умот.

Така се преобразува целокупниот човек. На ист начин како што и во наше блиско минато се преобразило и лицето на Светиот Серафим Саровски. Така и до ден денеска се преобразуваат и се удостојуваат да ја созерцуваат и да ја гледат славата Божја оние кои што го очистиле срцето од страстите и ја активирале крштенската благодат која што секој од нас ја добива на светата тајна крштение.

Тоа се постигнува само со континуиран аскетско-исихастички подвиг. Со непрестајно бдение над нашето срце и co внимание, не само на делата и зборовите, туку уште повеќе на помислите, зашто од помислите се раѓа гревот.

Да се трудиме да ја исполнуваме волјата Божја и да го отстрануваме се она што не одделува од Бог, односно да живееме во покајание. Гордоста, суетата, високото мислење за себе, тоа се нашите најголеми препреки.

Кога човекот ќе мисли самo за себе, високо, кога ќе се возгордее со својот ум, тогаш нема просветление, нема простор за светлината Божја, за благодата Божја, тоа е помрачен ум. Затоа целиот наш живот треба да биде подвиг, целиот наш живот треба да биде искачување, ослободување од стариот човек и преобразување. Љубовта никогаш да не ни олади и молитвата да не ја прекинуваме.

Преображението Христово е всушност поттик. Да не поттикне на тоа што Бог ни го ветил и сака да ни го даде. Меѓутоа тоа зависи од нас. Колку ние го бараме и колку живееме согласно тоа, толку и добиваме.

Преображеното на Тавор не е само еден обичен настан, театар или драма која што Бог сакал да ја изведе пред нас и да не  воодушеви. Преображението е сушта суштина. Овој настан се случил пред воскресението Христово и тие се поврзани меѓу себе. Преображението и Воскресението ни се дадени, но cамо преку распетието. Затоа светите отци велат дека нема Тавор без Голгота. Целта ја знаеме и патот го знаеме, изборот е наш дали ќе одиме по него и стигнеме до целта.

На Преображеното се покажуваат Мојсеј и Илија и разговараат со Господ Исус Христос. Тие се појавуваат како представници на Стариот Завет, на живите и на умрените, тоа дека се што било напишано, пророкувано во Стариот Завет, е вистина и се исполнува со Христос. Петар, Јаков и Јован се преставници на Новиот Завет и тие ги преставуваат трите најголеми христијански добродетели, верата, надежта и љубовта. Во средината е Христос и Хростос треба да ни биде центар на нашиот живот.

 

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

19.08.2021


About The Author