// Google analytics code

Животот без Христос е бескорисно трошење на времето – Отец Гаврил Галев

veronika~+~

(Лука 8 : 40-56)

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

 

Христос е господарот на животот и на смртта. Христос е алфа и омега, почетокот и крајот (а тој е неограничен со ништо) и се во овој живот зависи од Христос. Слободната воља, пак што ни ја дал, постанува дар за живот, ако ја насочиме за градење заедница со Него, или пак проклетство за вечни маки, ако ја употребиме да се оддалечиме од Него.

Жената која што имала крвотечение ја представува секоја душа која што слободната воља ја употребува да отпадне од Бога, секоја душа која се отстранила од Бога и животот го поминува некорисно, односно на штета на своето спасение. Како што губењето на крвта значи губење на физичкиот живот, така и губењето на духот, на благгодатта на Светиот Дух, значи губење и умирање на духовниот живот, што е всушност втората смрт.

Оваа жена не живеела побожен живот, не живеела корисен живот, не живеела живот во добродетели, туку живеела живот во грев, во безделничење и во исполнување на страстите, а тоа е само безцелно трошење на животот. Подоцна откако потрошила многу време барајќи спас по разни лекари и ниеден од нив не можел да и помогне, таа се освестила.

Секоја душа е изгубена ако целта на нејзиниот живот ја има промаршено. Не е целта на овој живот да се насладуваме, да стекнуваме земни богатства или слава (сластољубие, среброљубие, славољубие), туку целта на овој живот е да растеме и да го достигнеме Христос. Да го имаме Христос и на тој начин да спечалиме спасение.

Откако изгубила сѐ и се освестила, жената покажува едно крајно смирение. Се сметала себеси за недостојна и не сакала публицитет, па од толку народ што имало околу Христос, таа незабележливо сакала само да се допре до крајчето на облеката Негова.

Животот во искушенија, без Христос и отсуството на благодат ја довел оваа напатена жена до покајание. Доживеала самоосвестување дека е во заблуда, дека го троши својот живот, и дека Христос е се и само Тој може да и помогне. Затоа направила подвиг, придвижување, се приближила кон Христос за да го допре.

Посакала само да се допре до крајчето од облеката Негова. Облеката Христова значи благодатта Христова. Таа побарала нешто, Бог и дал се. Заради нејзиното смирение Бог и помогнал. И’ дал исцеление и нов живот.

Тоа што Христос поминувал покрај неа, значи дека Христос никого не присилува, на никој не му ја нарушува слободата. Но кога ние ќе го побараме, Тој е секогаш тука за (до) нас.

 

Raising-of-Jairuss-Daughter-c-1315-21Во вториот дел од евангелието, девојката која што била на умирање исто така значи секоја душа која залудно го потрошила својот живот без Хростос. Таа душа е веќе умрена. Меѓутоа, љубовта и молитвите на ближните направиле да го умилостиват Хростос.

И во овој случај, како и во претходниот, таткото на детето се освестил дека само Христос е оној што може да ги промени работите, дури и ќерка му да ја воскресне од мртвите затоа и го побарал. Дошол до Христос и го замолил, а Христос веднаш тргнал. Господ е секогаш спремен да ни помогне, но Тој ништо не прави насилно. Кога смирено и со отворено срце ќе го побараме, односно кога ќе ја отвориме вратата на нашето срце, Тој ќе дојде и ќе влезе. Тогаш нашата умрена душа ќе ја почуствува благодатта Божја, присуството Божјо кое што е живот и кое што воскреснува.

Така ќе биде и со секоја душа која што се кае, со сите оние души кои што вистински се каат за грешнитe дела, за потрошеното време без Христос, а Господ е милостив и ќе не оживее и ќе не воскресне за живот вечен. Амин

 

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

06 / 08 / 2021

 


About The Author