// Google analytics code

Излезе Сејач да сее

SowerВо името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

~+~

Мислам дека ова Евангелие само по себе е доволно разбирливо и нема потреба за дообјаснување. И тоа, не малку, туку многу е разбирливо. Проблемот зошто не можеме да го разбереме е во нас самите затоа што ние всушност не сакаме да го разбереме. Повеќе сакаме да си угодуваме на себе, поточно на своите страсти отколку да ја спознаеме вистината и да се спасиме.

Ако му служиме на Бога, ќе бидеме од оние од последната група на луѓе посочени од Христос во параболата, кај кои семето, односно словото, паѓа на добра и чиста земја и донесува плод. Тоа значи луѓе со чисто срце, искрени, исполнети со љубов кон Бога и кон другите, ставајќи се себе на последното место.

За жал, сите не се такви, затоа се овие примери, на Сејачот кој го сее словото, и кај едни паднале покрај патот, други паднале кај каменито земјиште, трети паднале во трња и сите не донеле плод и биле загушени. Тоа се тие искушенија кои што секојдневно ги среќаваме во нашиот живот и со кои треба да се бориме, а не да им се предаваме и да дозволиме да не угушат.

Нашата цел не е од овој век. Нашиот пат не привремен и краток, туку е вечен и не завршува со смртта, но продолжува во царството небесно кое е бескрајно и вечно. Треба да се трудиме, да се бориме со сите нив и да го продолжиме патот и влеземе во вечното царство коешто за нас е подготвено.

Тоа за кое што оваа Сабота (Задушница), ќе ги спомнеме умрените затоа што сметаме, верyваме, дека тие не се умрени, туку се преминати од онаа страна, во царството небесно, во вечноста, кај што продолжува нашиот пат. И затоа се што правиме треба да го правиме за таа цел, односно да му служиме на Бога за да бидеме соединети со Бог, којшто е бесмртен и вечен.

Господ ни го покажува начинот односно клучот, средството, со кое ние ќе успееме на тој пат, а тоа е трпението, кое што секогаш е неразделно сврзано со смирението. Е тоа за жал бидејќи го немаме и сакаме се преку ноќ да стане, затоа и не донесуваме плод.

Трпение е неминовно за да успееме да ги победиме искушенијата и се избориме со страстите.  Како носители на паднатата човекова природа и наследници на паднатиот род човечки,  општо човештвото и лично самите, многу сме грешни и отпаднати од благодатната заедница со Бог. Заради тоа сега со трпение и со мака треба дa го стекнуваме тоа што сме го изгубиле и тоа што Бог го приготвил за нас.

Ние денес се сакаме да постигнеме наеднаш, без мака и труд, затоа не успеваме и немаме. Без континуиран, трпелив аскетско исихастички подвиг, нема очистување на срцето (почвата), без кое семето неможе да донесе плод. И да не заборавиме, без трпение нема спасение.

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

08 / 11 / 2022

 


About The Author