// Google analytics code

Hајголемото чудо од сите чудеса е простувањето на гревовите – о. Гаврил Галев

775017A3-9B6C-47E3-A5A7-8DF6E58D9CB9Преку овој настан и разговор Господ Исус Христос му открива многу новини на Еврејскиот народ во тоа време, како и на нас денес.

Ова се случило на почетокот, брзо после неговото појавување како проповедник меѓу народот и луѓето, кои сеуште незнаеле точно кој е Он. Слушнале за Неговите чуда и затоа го барале.

Hајголемото чудо од сите чудеса што Господ ги правил е простувањето на гревовите. Се случувале и претходно исцеленија на болести, ама никогаш не се случило некој да може да прости гревови на некој друг. Затоа и книжниците биле во право кога рекле дека никој неможе да простува гревови освен Самиот Бог (Мт. 9:3). Но нивната грешка била во тоа што тие не го спознале преку Неговите дела.

Навистина, најголемото чудо е човекот грешник да се обрати во покајание, да ги исповеда своите гревови, да му бидат простени и да постане праведник. Прв и основен услов за простување на гревовите е вистинската вера и живот во Црквата. Тоа означува пребивањето во Неговиот кораб и град (Мт. 9:1). Надвор од тој кораб и град, од Црквата Христова нема спасение.

 

Во овој свет и век сите сме грешни и сите имаме потреба од простување на гревовите. И навистина тоа е најбитната работа во животот за нас, да се ослободиме од гревовите и да наследиме живот вечен. Се она што ни се случува во животот, било болест, било немаштија, било некоја несреќа, потекнува од нашата грешност и падната човекова природа, а за наше спасение.

 

За жал, неблагодарни сме и неправедни. Кога сме здрави, прави, млади, силни, убави, богати…, не го бараме Бога. Мислиме дека цел свет е наш и се можеме. Забораваме на Него, се мислиме моќни и самите себе се прогласуваме забогови  и се поставуваме на местото Божјо. Меѓутоа Бог не нѐ напушта и Тој го сака нашето обраќањето. Затоа допушта разни искушенија за да си ја сфатиме и видиме нашата немоќ и сиромаштија, та да го побараме и да побараме помош од Него.

 

Друго што овде ни открива Исус Христос е тоа, дека Тој е вистинскиот Бог, воплотеното Слово Божјо, избраниот Месија, а ни ја открива уште и тајната на срцето човеково.

 

Како што и сами забележувате, тие само што помислиле во себе, Тој веќе им ги знаел нивните мисли, и им се обратил со зборовите:  “Зошто мислите лошо во срцата ваши?” (Мт. 9: 4) Кој друг може да знае што има во своето срце, осовен самиот тој човек и Единиот Бог, кој е Господаp и Творец на сето сознание.

 

Бог уште ни открива дека срцето е психо-физички центар на човекот и во кого се собрани сите сили човекови. Од срцето, како извор, потекнуваат сите наши мисли, чуства и желби. Срцето треба да биде престол Божји, место каде што пребива Бог преку Неговите енергии. Тоа треба да е чист извор на благодат, светлина, топлина, љубов, радост и на секој совршен дар Божји. Но, нашето срце се затворило, се изладило и потемнeло, постанало полно со нечистотија и расипаност и од него потекнуваат и најголемите зла.

 

Нашата слободна волја постанала заробена од гревот и ѓаволот и затоа е потешко да се простуваат гревовите на срцето, отколку да се излекуваат болестите на бесловесното тело. Бог ја видел таа искрена вера и смирение кај овој болен човек и неговите роднините кои што го донеле, и затоа му ги простил гревовите. А за да покаже дека простувањето е вистинито и реално, потоа го ослободува и од болеста, кажувајќи му да си ја земе постелката и даоди. Постелката пак, се нашите страсти, кој што треба ние да ги контролираме, а не да бидеме заробени од нив и приковани како во постелка (Мт. 9: 5-7).

 

 

Според тоа, согласно денешното Евангелие, ќе бидеме оправдани, ако го прославуваме Христос, како што го прославил овој болен човек и простодушниот народ со него. Или пак ќе бидеме осудени како горди, суетни, непокорни и лоши луѓе, како што биле еврејските книжници.

 

Затоа најбитно во овој привремен живот на земјата e да си ги спознаеме своите гревови, преку своите немоќи и да се исповедаме. Да се исповедаме, тоа значи да живееме според Божјата волја, според образот и подобието Божјо, а тоа е да имаме љубов помеѓу нас, да се смируваме едни пред други, да се трпиме и на тој начин да го стекнеме Царството Небесно кое што е створено и создадено единствено за нас.

Амин.

 

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

25 / 07 / 2022


About The Author