// Google analytics code

Штетна грижа

„Па затоа не грижете се и не говорете: што да јадеме, или што да пиеме, или во што да се облечеме? Зашто сето тоа го бараат незнабошците, а вашиот Отец Небесен знае дека за сето ова имате потреба.“

Прекумерната грижа и создавањето паника за нашите секојдневни потреби нѐ сврстува во редот на незнабошците. Посебно од ваков вид незнабоштво страдаат исплашените од Апокалипсата. Зарем може некој да си мисли дека дома ќе складира, не знам колку, храна и ќе се спасува самиот себе, а другите ќе ги гледа како умираат од глад и нема да им даде да јадат; и уште ќе си мисли дека е добар христијанин? Господ да чува од таква прелест!

Стравот произлегува од базирањето на нашата сигурност врз поседувањето на многу добра од овој свет, а не врз верата во Бог и Неговата докажана грижа за нас. Безгрижноста и мирот ни происходат од повеќегодишниот опит на Божјата љубов и грижа за нас.

Христијанинот, со свои раце си го заработува лебот за себе и своите ближни. Нормално е да има некакви резерви дома од некои работи во случај на некакви несреќи и вонредни состојби, како што имаме прва помош или ПП – апарат во автомобилот; и толку. Нема страв, нема непотребна грижа. Да го поминевме во молитва времето потрошено на помисли во грижа за овоземното, во многу поубав свет ќе живеевме. Сепак, животот на село е посоодветен за нас, од животот во град.

„Но, барајте го најнапред Царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде“.

Заповедта за барање на Царството на Бога и Неговата правда е заповед за сите христијани. Тоа е заповед за градење на личен однос со Бог од која никој не е исклучен. Тоа е, всушност, заповед за умно-срдечната молитва.

Некои луѓе, молитвата ја ставаат во редот на еден од талантите Божји, па некој го добил таквиот талант, а некој – не, и лажно ја смируваат својата совест. Не е така! Талантите, за ова или она, Бог ги дава за надградба на Својата Црква, а молитвата сите треба да ја имаме. Без неа, просто, нема начин да изградиме личен однос со Бог, па дури, нема начин да ги активираме и талантите на потребното ниво. И да не превидиме, барањето на само човечка правда, нѐ одвојува од православниот духовен живот.

„И така, немојте да се грижите за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за своето; на секој ден доста му е неговото зло.”

Колку само многу оваа реченица ни покажува дека сите ние се наоѓаме во духовна војна со силите на злото; и дека таа војна е од таков интензитет што не ни дозволува луксуз да размислуваме и за утрешниот ден. Ако некој се фати себеси дека се грижи и за утрешниот ден, нека знае дека таквиот веќе ја изгубил и денешната војна. Секој што има опит од подвигот на молитвата, знае за каква војна говорам.

„Има ли меѓу вас човек, кој, ако му посака неговиот син леб, да му даде камен, и кога посака риба, да му даде змија? И така, ако вие, бидејќи лоши, умеете да им давате на своите чеда добри дарови, колку повеќе вашиот Отец небесен ќе им даде добра на оние што Му бараат?“

Еве, на крај од денешното евангелие, и една утеха за нас раслабените во верата; за тоа колку нашиот Небесен Отец се грижи за нас. Но, сепак, да не го заборавиме редоследот: за нас лично го бараме само и најнапред Царството Небесно, а за другите, може да бараме и според нивните потреби.

Митрополит Струмички Наум
08 / 06 / 2026

++++++++++++
Сеноќно бдение во манастирот посветен на Свети Леонтиј Струмички и Покров на Пресвета Богородица во Водоча.


About The Author