За лојалноста кон духовниот отец, како и за правилниот однос кон духовниците на Црквата
~+~
Римскиот стотник е извонреден пример за љубов кон духовниот отец (или кон духовникот), посебно за тоа, како треба да го заштитуваме од непотребен труд, односно, како да му оставиме време да се одмори и да си ги возобнови силите – за да може да им помогне и на другите што страдаат.
Вистинската вера и љубов на стотникот, ја препознаваме, не само од љубовта кон Богочовекот Исус Христос, туку и од љубовта што ја покажува и кон својот ближен – тој не моли за себе, туку за својот слуга, како и од љубовта кон сите други што страдаат и имаат потреба од Христос, за кои покажува сочувство и на кои им остава време и можност за пристап кон Него.
Неговото однесување е сосема спротивно од болното врзување за духовниот отец (или духовникот), од несовесното трошење на неговото време, од љубоморното чување на него – само за себе; но, и од непријателството кон секој што ни се чини дека ни ја загрозува нашата позиција кај него, како и кон секој што мислиме дека ја загрозува неговата позиција на духовен отец (или духовник) – општо.
Не заборавајте дека, единствен духовен отец е Епископот на локалната Црква, сите други кои се поставени од него – презвитерите или помошниот Епископ, да им помагаат на луѓето во духовниот развој, се само духовници кои се негова продолжена рака и кои сѐ што прават – прават во негово име, и нормално – во Христово име, како што Епископот сѐ прави во Христово име. Сите вистински духовници ги насочуваат своите чеда, не кон себе, туку кон својот Епископ и кон Христос, а секој вистински Епископ ги насочува, не кон себе, туку кон Христос – вака се чува единството на Црквата. Нормално, и духовните отци, т.е. Епископите, треба да имаат љубов меѓу себе – по тоа ги познаваме.
Исто така, на пример, вообичаено е во нашата локална Црква (Епархија), оние кои што ќе покажат интерес за монашки живот, духовниците да ги пренасочат кон духовниот отец, т.е. кон мене. Истото важи и ако некое духовно чедо излезе дека е некаков поспецифичен случај – за кој се бара поголемо духовно искуство, т.е. опит или, пак, доволно е само така да сака, па да премине под мое духовно раководство – ако проценам дека така треба. Затоа, би било големо непознавање на редот во Црквата, како и болна душевна состојба и приврзаност кон духовникот, кога некој, во ваков случај – на пример, само би помислил, а камоли кога би изјавил дека, тој што преминал кај мене – го предал или изневерил својот духовник. Таквата мисла или тврдење токму би била изневерување на Самиот Христос, на Чие место седам и Чија икона претставувам како Епископ.
Деца, не би имало од таквото однесување никаква штета за мене, туку за вас, како и за поредокот црковен. Јас во догледно време си одам, просто, должност ми е на тој што доаѓа после мене да му оставам правилно Предание; потоа јас ќе бидам административно во позиција на духовник, а не на духовен отец. Тоа е вистинска љубов и за тој што доаѓа после мене, и од моја и од ваша страна, оти што ќе сееме сега, тоа ќе жнееме после. Секоја болест што нема да се превенира или лечи, ќе се прошири; посебно духовните болести. Чувањето на Преданието е задача и на духовниците, ако се грижат за духовниот развој на своите духовни чеда и за нивниот генерален напредок. А извор, на опишаново Предание, на вака поставените односи, е самата света Литургија на Црквата – која ја предводи и на која претстои Епископот; сѐ извира од неа. Кој се исклучува од Епископот, кој ја возглавува Литургијата, на место и во обличје Христово – како Негова икона, се исклучува од сѐ!
Притоа, нормално е дека Епископот не може со сите свои духовни чеда да оствари личен однос како што тоа може духовникот со оние – кои што тој духовно непосредно ги раководи, ниту таква амбиција би била здрава и возможна; и нормално е секој слободно да си го бира духовникот кај кој ќе се исповеда или, пак, да го промени, но сето тоа треба да се случува преку правилен однос и кон духовникот и кон духовниот отец – во рамките на локалната Црква. Надвор, од вака опишаното однесување, нема духовен развој, туку душевно разболување.
Духовникот, всушност, ја има улогата на стотникот од Евангелието – тој треба да го растерети Епископот, својот духовен отец, а тоа, во исто време, ќе значи и побрзо исцеление за оној за кој се моли, т.е. за оној што духовно го раководи. Таква улога требаше да имаат и оние што се на државни функции, но за тоа – другпат.
Побожниот однос кон духовниот отец (или духовникот), на почетокот – до отворањето на срцето за умно-срдечната молитва, подразбира врзување за неговото слово, а не за него самиот; затоа што правилен личен однос се остварува дури на вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот.
Словото на духовниот отец, треба да е слово Христово – слово што води кон Христос во нашето срце, а словото на духовникот, треба да е слово на духовниот отец и слово Христово. Од друга страна, пак, таму каде што нема слово Христово, вообичаено доаѓа до, најблаго речено – душевно и телесно врзување за „духовникот“. Разликата е како од здравје до болест. Неколкупати сум ве потсетувал досега за темава, затоа што е ретка оваа појава меѓу нас – но сепак постои на некое неосвестено ниво, ама денес го користам евангелското четиво, најјасно да ви ја објаснам.
Видовме што значи збор (слово) во сила, т.е. слово Христово. Богочовекот Христос кажа само збор и слугата на стотникот во истиот час оздравува. Божјиот збор, т.е. зборот во сила е извршен: тоа го гледаме и при создавањето на светот и човекот – од ни од што претходно постоечко; тоа го гледаме и при многуте исцелувања болни; и при умножувањето на лебот и рибите; и при управувањето со природните стихии; и при изгонувањето на демоните; и при претворањето на водата во вино; и при воскреснувањето на мртвите; итн…
Исто така, извршен e и Литургискиот (Евхаристиски) збор, и тој е збор во сила; извор на слово во сила, кое и постојано го обновува и преобразува светот, кој, пак, често отпаѓа од Христос; извршен е затоа што Христос, преку конкретниот свештенослужител на Литургијата, е Оној Кој што принесува и Се принесува, Кој прима и Се раздава, т.е. Оној кој служи. Ние сме само Негови сослужители.
Божји збор, Литургиски збор, збор во сила, соодветно, има веќе и оној што го просветлува својот ум – преку дарот на умно-срдечната молитва; оној чиј ум невидливо богослужи пред олтарот на неговото срце. Таквиот ви пренесува Предание, а тоа ќе продолжи ако има кој да го прими. Сами си го одредувате „крајот“ на Преданието; никакви сатански сили.
Затоа, немате баш благослов да служите и не би ви препорачал да се причестувате, ако намерно не го читате и небрежно се однесувате кон словото на својот Епископ – тоа е исто како да не сакате да учествувате во Литургијата; затоа што и тоа е дел од едната света Литургија што ја служиме. Немате оправдание, ако не одвоите барем пет минути – еднаш или два до три пати, во седмицата, да прочитате што имам да ви порачам. Почитувајте го словото на својот Епископ, ако сакате да бидете исцелени.
Со еден збор: Христос ни е сѐ, ние сме ништо и да не се занесуваме многу!
Митрополит Струмички Наум
28 / 06 / 2026
+++++++
Божествена Литургија во манастирот на Свети Леонтиј Струмички и Ерусалимски и Покров на Пресвета Богородица во Водоча.

