Премин од смрт во живот
~+~
„Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, а преминал од смрт во живот.“
Како ние денес го слушаме словото на Богочовекот Христос и кога преминуваме од смрт во живот?
Словото Христово го слушаме на два начина – однадвор и однатре. Однадвор преку послушанието кон нашиот духовен отец – со што го ставаме умот во процес на исцеление. Однатре, кога енергијата на нашиот ум ја насочуваме кон нашето срце – изворот на нашето слово, и кога таму ги пратиме зборовите на молитвата: Господи Исусе Христе, помилуј нас. Зошто и тогаш го слушаме словото Божјо? Затоа што: никој не може да го нарече Исус Господ освен со помош на благодатта на Светиот Дух.
Овие два начини на слушање на словото Божјо треба да се восогласени; не може некој да мисли дека се моли правилно, а да не е во послушание на својот духовен отец; и обратно, не може да е во послушание, ако истовремено не ја насочува и енергијата на својот ум кон своето срце – тоа е голема прелест.
Овој исихастички начин на молитва е вистинска молитва; сѐ друго е само обид за молитва. И многу личи на средбата помеѓу Отецот и блудниот син. Нивните желби се восогласија: Отецот копнееше синот да му се врати, а блудниот син се сети дека – во домот на неговиот Отец и слугите имаат изобилство на храна, и реши да се врати кај својот Отец. Така и нашиот ум – се враќа во својот дом, а тоа е нашето срце, т.е. својата енергија ја насочува кон нејзината суштина – во срцето, а однатре Божјата благодат, многу повеќе, го пробива својот пат кон „отворот на срцето“, а попатно го чисти гревот и ги преобразува нашите страсти – таму внатре вгнездени.
И уште додека блудниот син беше далеку, Отецот притрча кон него и го прегрна. Да, умно-срдечната молитва е дар Божји; никогаш енергијата на нашиот ум, не ќе можеше да го пробие патот до својата суштина во срцето, ако благодатта Божја не го пробиеше патот однатре. Непремостлива е разликата помеѓу Несоздадениот и создаденото, затоа: Оче не сум достоен да се наречам Твој син, но прими ме како еден од твоите наемници.
Гледате, деца, ви говорам, не за предворјето, туку за самиот духовен живот, од првиот степен на духовниот развој – очистување на срцето од страстите. На вториот степен – просветлување на умот, самата лично усвоена несоздадена светлина на умот ни го покажува патот, т.е. преку неа го слушаме гласот Божји. Преминот од смрт во живот почнува веќе на првиот степен, но се заокружува на вториот – со просветлувањето на умот, кое произлегува од дарот на умно-срдечната молитва. А, за сето ова ни треба само малку вера во Отецот и Синот и светиот Дух.
Христос Воскресе!
Митрополит Струмички Наум
22 / 04 / 2026
++++++++++++
Божествена Литургија во црквата ,,Св. Јован Крстител” кај Струмица.

