// Google analytics code

Отец Гаврил Галев: За радосотворниот плач или таговната радост

ikonaДарот на плач и солзи е еден од најголемите Божји дарови. Тоа е дар што ни е суштински потребен за нашето спасение. Според Отците од пустината, плачот е единстветиот пат по кој се доаѓа до стекнување добродетели, очистување на срцето од страстите и гревовите, просветлување на умот и обожување. Плачот претставува еден своевиден духовен исон во духовниот живот.

„Плачот по Бога е тага на душата, такво расположение на страдално срце што секогаш го бара она за кое жеднее и коешто, откако ќе го најде, трча со брзање кон него и горко плаче“. „Во солзите на таинствен начин живее и утехата, а во плачот радост“.

Слично на дете кое подолго време не го видело својот родител, па кога повторно ќе го здогледа, се исполнува со радост и тага. Радост, зашто повторно го гледа и тага, зашто толку време не било со него. Радост, бидејќи сме со Бога, а тага, зашто спознавајќи Го, си ја гледаме својата ништожност и недостојност.

Причините за солзи се многубројни, разновидни и со различен ефект. Има природни солзи кога плачеме за умрените, при разделба, од радост и сл. Има и бесовски солзи кога плачеме од суета, блудна страст, пијанство, гнев, омраза и злопамтење, човекоугодништво. Има и очистителни солзи кои се раѓаат од страв Божји, од помислата на смртта, од љубов кон Бога и сл. „Солзите се раѓаат од некои мисли, а мислите како основа го имаат разумниот ум“.

„Плачот и солзите тешко се стекнуваат, зашто тие се ветената земја, а на синовите Израилеви им било потребно четириесет години да стигнат до неа“ – така му вели еден, за нас непознат, но не и за Бога, Старец на братот кој се трудел да стекне солзи. Но, од друга страна, тие многу лесно се губат. Човечката врева, грижите за телесното, раскошот, могусловието, празнословието, смеењето, гневот, стомакоугодието можат да бидат причина за тоа. Па дури и посовршените можат да ги изгубат солзите преку сладосласно пеење и бавење со академска теологија.

Свети Јован го предупредува почетникот во подвигот на плачот да не и` подлегнува на помислата дека Бог е неумолив и немилостив, откривајќи му дека тој ист демон, пред да згреши човекот, Бога го нарекува човекољубив, милосрден и снисходлив.

смирениеПлачот и смирението секогаш се нераздвојни. Него посебно го подгрева стравот Божји, сеќавањето на смртта, судот, адот и адските маки, и љубовта кон ближниот и Бога.

Радоснотворниот плач е основното чувство што го краси секој монах и христијанин. Сиот Отечник од α(почеток) до ω(крај), е натопен со такви солзи, и ако сакаме да наведуваме примери, би паднале во искушение да го препишеме целиот Отечник (Πατερηκων).

И ако крштавањето нe очистува од минатиот грев, Свети Јован ќе каже, дека солзите по крштевањето се поголеми од самото крштевање, затоа што ги измиваат минатите гревови и оние направени по крштевањето.

 

Отец Гаврил Галев


About The Author