// Google analytics code

Немам човек…

~ + ~

Овој историски настан од животот на Богочовекот Исус обработува многу прашања од православната симболика и животот на човекот, воопшто.

Најнапред, во него се разгледува темата за смислата и споредбата помеѓу стариот и новиот завет. Потоа, бањата ја означува светата тајна крштение преку која човекот се раѓа за живот вечен. Раздвижувањето на водата ја симболизира благодатта Божја. Исто така, овој настан го симболизира покајанието и ревноста со кои се раздвижува таа крштенска благодат во нас, не’ преобразува и ги лекува нашите страсти итн.

Во овој настан можеме да го анализираме и психичкиот склоп на една група на луѓе кои себе се нарекуваат праведници и исполнители на законот. Кои всушност, обземени од сопственото его и суета, исполнети со перфидните страсти на егоизам, суета, високо мислење за себе, себичност, завидливост, љубомора и слично, неможат да ја согледаат вистината и да ги постават правилно вистинските вредности во животот во кој човекот е најсветото нешто и затоа ги поставуваат нивните лажни принципи над љубовта. На тој начин го затвараат своето срце за другиот и несвесно го гонат и убиват Бог (во човекот). Таквите “праведници” фарисеи, исто како еврејските старешини, ако заземат лидерски места во ерархијата, стануваат прогонители на Христос: “го гонеа Исуса и сакаа да го убијат”. Заслепени од самите себе, срцето им се скаменило и не покажуваат милост и љубов кон ближниот, па во името на некој си закон, погазуваат и убиваат конкретни личности.

Но има и еден момент којшто по малку е скриен за окото на обичниот човек, но не и на светитите отци кои го толкуваат карактерот на раслабениот.

Тој човек, според Светите Отци, е токму оној што подоцна Му удрил шлаканица на Исуса кога Тој беше на суд пред првосвештеникот Кајафа. Затоа Христос, откако го нашол по настанот, му се обратил и го предупредил: „Ете, оздраве, не греши повеќе, за да не те снајде нешто полошо.” (Јован 5:14). Зашто не само што телото страда и боледува, туку уште повеќе душата и тоа е полошото, а најлошо е ако душата своја си ја погубиме за во пеколот.

Спасителот Исус Христос, кој ги знае и нај скриените тајните предели на човековото срцето го познавал и тој човек. Сепак, како човекољубив, му дал шанса. Но човекот, кој бил искривен не само во телото, туку и во душата, заслепен од страстите, до него не допреле овие зборовите Христови и сеќавањето на доброто дело што му го направил, па затоа најпрво, откако дознал дека Христос бил “човекот” што му помогнал кого фарисеите го барале, го наклеветил, а многу подоцна дури и му удрил шлаканица без причина.

Ова сведочи за карактерот на тој човек кој реално немал никој свој кој ќе го фати и пренесе до бањата. Да бидеш болен 38 години и да немаш никој близок кажува дека овој човек навистина бил многу расипан по карактер и на сите им откажало трпението, па се одрекле од него и го оставиле. Затоа што, најчесто, луѓето се однесуваат кон нас, како што и ние со нив и вината не треба да не ја бараме во другите, туку во себе.

Да се помолиме, Господ да ни даде ум и разум и да го отвориме своето срце за Бог, па преку Неговата благодат да имаме љубов меѓу себе. Да не бидеме како оние “праведници” кои од завист сакале да го убијат Христос. Да не бидеме и како овој раслабен кој останал сам без никого. Туку поучувајќи се од нивниот пример какви не треба да бидеме, да го отвориме своето срце за благодатта Божја да продејствува во нас и да не направи добри луѓе. Амин!

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

Недела на Раслабениот

29ти Април 2018


About The Author