// Google analytics code

Недела на Свети Јован Лествичник

Во оваа недела посветена на најголемиот подвижник и духовен писател, свети Јован Лествичник се читаше Евангелието во кое што како што чувме, некој човек кој имал син, кој што бил глув и нем и од време на време демонот го стресувал и го туркал во оган и во вода. Таткото го донел кај апостолите, но тие не можеле да го излекуваат. Тогаш Господ ги изговорил овие страшни зборови, страшни зборови за нив, меѓутоа се што е напишано во Евангелието е вечно и современо, така да тие зборови се упатени и кон нас: “О роде неверен и развратен, до кога ќе бидам со вас, до кога ќе ве трпам?”

Бог не’ створил по својот образ и подобие, односно ни ги дал сите Негови сили и одбележија да бидеме синови Божји и богови по благодат. Тоа е една огромна можност, потенцијал и реалност. 

Тоа значи дека Бог ни дал сила за да се спротивставуваме на секоја непријателска сила, на секоја неприлика, посебно на демоните и да ги победуваме, затоа што секое зло доаѓа од нив.

Oсобено ние православните христијани на кои што со светата тајна крштение ни се обновуваат тие дарови, ја добиваме полнотата на дарот на Светиот Дух, за да бидеме синови Божји.

Што значи тоа да се биде Син Божји? Да замислиме некој цар, и да се биде син на царот. Значи буквално целото царство да ти се покорува, се да е твое и никој ништо да не смее да ти возврати. 

Меѓутоа гледате, ние немаме власт ни над себе и не можеме да си ги контролираме своите мисли, чувства, зборови и делата. Немоќни сме. Паѓањето во оган и вода е да се оди од крајност до крајност. Немаме постојаност. Немаме достоинство човечко, ќе речам, не само Божествено, туку и човечко. 

И затоа Господ ги кажува овие зборови – до кога ќе бидам со вас. 

Господ ни дал се што е потребно за ние самите да можеме да контролираме се, ако сме со Него.

Тој ни дал ние да бидеме со Него ,но заради нашето неверие, односно заради нашиот погрешен избор, ние му веруваме повеќе на светот, на силата, на парите, на световното и на се друго отколку на Бога, односно не сакаме да живееме побожно. 

А секој кој што живее побожно и не се надева на ништо световно, треба да знаеме дека Бог тогаш е со нас. Ако ние сме со Него и Тој секогаш e со нас, зашто Тој на сила никогаш не се наметнува. 

Затоа треба да се трудиме во нашиот духовен живот да напредуваме, да не стоиме во едно место, да не е едно исто, се тоа па тоа, туку да се трудиме да ги откриваме сркиените тајни, односно скриените гревови на нашите срца и да ги исповедаме. Да се ослободуваме. Да се каеме, за секоја наша грешка, за секоја наша грешна помисла да се каеме, а не само да бараме оправдување и другите да ги обвинуваме. Знаеме, со голем авторитет, што никој не ни го дал, да ги судиме другите, а своите грешки и слабости не сакаме да си ги признаеме. 

Тоа е пораката од ова Евангелие, дека сме слаби и дека треба да си ги признаеме нашите грешки и смиренo и искрено да си ги исповедаме, тогаш Бог ќе ни помогне. 

Без наша насоченост кон Него, тој ништо не може да ни помогне. Молитвата и постот се тие две состојби со кои ние покажуваме интерес за Него. Со целото свое битие се трудиме да бидеме со Него. Со умот и со срцето (молитвата), но и со телото (постот).

Mолитвата не е само да бараме, а не сме се потрудиле да се подготвиме да го добиеме тоа нешто. Не добиваме затоа што не се даваме. Бог кога дарува, пред се, дарува духовни дарови кои се за наше вечно спасение. Тој ни дал психофизичка способност, здравје, памет и се што ни е потребно за живеење во овој свет и да ни е добро. Меѓутоа сепак треба да знаеме нашиот живот завршува тука. Еден ден ќе заврши и ние треба да се претставиме пред Гоcпода и затоа треба повеќе да се трудиме во духовниот живот, кој е вечен. 

И не само тоа, Бог ни го дава да го изживееме Царството Небесно уште сега и овде. Да живееме како синови Божји овде на земјата, меѓутоа ако го отвориме нашето срце. Односно, ако се откажеме од овој свет, односно од гревовите и гревовните навики и гревовните правила на овој свет, и се посветиме на Бога, на духовното, на вечното.

Молитвата не е барање, туку заедница со Бога. Молитвата е давање.  Ние кога се молиме треба да се даваме на Бога.

Замислете некој постојано да доаѓа, да тропа на вашата врата, да бара милостиња, вие му давате милостиња и му давате можност самиот да се потруди за себеси, а тој со прст да не сака да ce помрдне, да не сака да се поправи. 

Како вие би ја процениле таквата ситуација?

Истото се случува и со нас. Ние постојано се нешто кинкаме, се нешто не ни чини, се нешто не е во ред и се нешто бараме од Бога, а ќе речам повторно и повторно, не се трудиме да напредуваме во Бога.

И “status quo” ситуацијата во духовниот живот не е добра. Стоењето во место, е назадување. затоа што се’ се движи. Затоа и свети Јован неговата книга ја нарекол “Лествица(скала) кон Божественото искачување. Така се нарекува затоа што духовниот живот е подвиг, искачувањe до Бога, до Царството Небесно. И ние треба постојано да се искачуваме на таа скала. Не е лесно, но вреди.

И секако постот кој што е потребен не само за нас православните, тукy и за сите, и не само телесниот пост. Гледате дека кој не пости редовно и како што треба според правилата на Православната Црква и благословот од неговиот духовен Отец, тој нема благослов ни да се причести. Сакам да истакнам колку е значаен постот во нашиот живот. Не како што некои сакаат да го релативизираат.

Зашто постот има и духовна страна, затоа што кога постиме, ние покажуваме дека сакаме да напредуваме во заедница со Бога, и повеќе се надеваме на духовното, а не на овосветското и материјалното

Кога не постиме, нашите тела се силни, и мислиме дека ние можеме цел свет да го освоиме. Меѓутоа една малечка болест, една малечка непогода, една малечка рана на нашето лице и веднаш паѓаме духовно, веднаш очајуваме и губиме секаква надеж. Тоа е знак дека не сме здрави, односно не сме силни, и затоа постот е да ги зајакне тие наши душевни сили. Постот е воздржување и од лошите дела, од лошите зборови и лошите мисли. И кога ќе живееме така и нема да дозволиме ништо да не оддели од заедницата со Бог, животот ќе ние биде убав и ние ќе имаме мир во нашето срце, што е најважно. Се друго да добиеме, ако мирот во срцето го загубиме, се ни е бадијала. А мирот ќе го добиеме само кога ќе бидеме заедно со Миродавецот, а тоа е Бог. 

Бог по молитвите на св. Јован Лествичник и на светите 40 Севастијски маченици и по молитвите нашите свети 40 Битолски Новомaченици да ни дарува мир и разум да пре-успеваме во Бога и нашето искачување по нашата лична лествица во заедницата и познавањето на Бога. Амин

Отец Гаврил Галев
Игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

22 / 03 / 2026


About The Author