// Google analytics code

ЛЕПРОЗНОТО СУШТИНСКО – БЛАГОДАРАМ – Презвитер Горан Стојчевски

o.GORAN.Stojcevski2„Господи, Боже, Седржител, единствен Свет, Кој ја примаш благодарствената жртва на оние кои од сè срце Те повикуваат…„ – од Светата Литургија
“Се појавуваат луѓе неучени и нè престигнуваат во Царството небесно; а ние со својата мудрост за Него се грижиме без усрдност и бедно се тетеравиме овдека, во овој живот, тонејќи во сквернавењата на плотта и крвта“ .- м. Наум

 
Сите сме чуле за онаа народната, дека сме толку во неред како „село без кучиња„. Да, нашето срце оддадено на страстите кои толку се вкорениле во него што лесно им овозможуваме на демоните да прават неред во нас, бидејќи не бдееме и не го чуваме нашето срце, и така стануваме пример за неред, а нередот укажува на хаос, а хаосот на ништовност и непостоење, т.е. на пеколна состојба. И во таков неред, и во такво едно село влегува Нашиот Спасител, и, ако сме подготвени да Го примиме и молитвословејќи Го непрестајно Неговото Име, како лепрозните т.е. бдееме над нашето срце, тогаш Он истото и Го очистува. Ние во своите гревови сме навистина лепрозни како оние од Евангелието, и секако ако ја прифатиме благодатта Божја исповедувајќи Го Христос Нашиот Бог да се смилува над нас грешните, ќе го чистиме нашето срце од страстите содејствувајќи и на благодатта Божја, но тука нашиот подвиг не завршува, туку треба да се исполнува низ благодарење. Бидејќи, ете, десетмина лепрозни беа и сите се очистија одејќи по патот за да се покажат на свештениците како што им заповеда Христос, но само еден навистина продолжи и беше просветлен, та се врати да му заблагодари на Господа. И, овој што се врати го доби она што го бараше од Спасителот, да биде очистен од болеста, но тој беше решен евхаристиски да го продолжи својот живот, да заблагодари на Господа. Овој благодарен човек поважно му беше да ја претпочита содржината, иако тргна да ја запази и формата, односно да се покаже на свештениците.

Полезно е, секако и повеќе од потребно да се покажеме пред свештенослужителите за да се исповедаме за нашите гревови, да добиеме молитвено правило, начин на воздржување преку постот и запознавање на заповедите Господови преку читањето на Светото Евангелие, но формата си има своја суштина која не смееме никако да ја промашиме, нашиот живот да биде непрестајна литургија, вклучена во Литургијата на Црквата, нашето лично благодарам да биде вклучено во соборното Благодарам, оти тогаш вистински се среќаваме со Христос преку Неговото Тело и Крв, Кое не само што не само што нè очистува од гревот, туку и нè просветлува да бидеме свесни, како што вели св. Симеон Нов Богослов, за Неговото присуство со благодатта која од нас чини евхаристиско битие, човек благодарен на Бога, благодарен за тоа дека очистен од лепрата на гревот во Христос Нашиот Бог и Спасител, благодарен дека повторно е едно со Својот Создател повторно преку Телото и Крвта Христови.

Но, и тука содржината не се исцрпува, дури и да имаме благослов за причестување треба да знаеме и тој благослов да преумножиме, односно Бог го преумножува согласно нашето покајание, и согласно колку начето покајание е исполнето со благодарење. Секако практикувајќи ја формата ќе бидеме очистени, но само ако како што вели еден наш отец, ако нашиот начин на живот е восогласен со Евхаристијата, која е единствен наш терен во овој свет, тогаш ќе бидеме и просветлени за да познаеме дека единствената наша содржина е обожувањето во Христа Исуса, постојано благодарејќи Му на Бога и Отецот, Кој нè направи способни да учествуваме во наследството на светиите во светлината и нè избави од власта на темнината и нè воведе во царството на Својот возљубен Син, во Кого имаме откуп преку Крвта Негова и опростување на гревовите…Он е пред сè и сè преку Него се држи (Кол.1,12-17).

Постојаната благодарност согласно постојаната будност низ молитвените евангелски зборови, Господи Исусе, помилуј ме, несомнено ќе нè врати кон Господа да го потврдиме нашето благодарам, бидејќи Божјата благодат која просветлува прави од нас да бидеме свесни дека сме очистени.
Ако нашиот живот не е восогласен со Литургијата на Црквата, тогаш само ќе им се покажеме на свештениците дека сме ја запазиле формата, не дека не сме се очистиле оти благодатта Божја се дава штедро, но ако останеме само на ова нема да бидеме во состојба да видиме дека сме се очистиле, односно нема да и дозволиме на благодатта да нè просветли, а ако тоа не можеме да го видиме тогаш ќе промашиме содржината, т.е. состојбата на потполн човек кој како евхаристиско битие може да биде обожен, целта на нашето очистување од гревот, да бидеме едно со Нашиот Господ во благодарност без разлика на искушенијата на тој Пат, од Кој ако суштински се оттргнеме ќе бидеме претркани од некој Самарјанин кој знае да благодари.

И повторно сами избираме дали ќе бидеме само номинални, или пак, само верни формалисти, или пал ќе бидеме благодарни чеда на нашиот Христос, сами избираме дали ќе бидиме лепрозни кои благодарат и гледаат дека се очистени, или ќе си останат лепрозни, а заради неблагодарноста кутрите не можат да видат дека се очистени.
Господ Бог по молитвите на Пресвета Богородица нека нè окрепува во нашиот подвиг на очистување на нашето срце од страстите, нека нè просветли со Својата благодат за да видиме дека сме очистени од гревот и да ни даде сили непрестајно да благодариме за да нè обожи во Него. Амин!
Соборен храм, 20 декември 2016 г. Св. Амвросиј Милански и преп. Григориј Григоријатски


About The Author