// Google analytics code

Да пораснеме барем до Стариот Завет – Митрополит Струмички Наум

nnnВо минатата беседа реков дека сите треба да запаметиме: „Светиња со меч не се брани! Без оглед на тоа кој така направил, кој така рекол, кој тоа теолошки го брани, кој тоа го пренесува и кој тоа го застапува – ако сакате да сте барем малку од малку православни. Зарем Богочовекот Христос не е нашата најголема Светиња? Зарем нема да ја послушаме Неговата заповед и зарем нема да го следиме Неговиот пример?“ (види: Јован 18, 10-11; Матеј 26, 51-54; Лука 22, 50-51).

Под меч се подразбира сѐ она што е карактеристика и за периодот пред Стариот Завет: сто очи за едно око и сто вилици за еден заб. Односно, сѐ она што ние денес како христијани си го правиме едни на други како религиозни психо и социопати, без трошка срам и страв Божји, да не речам – без грам вера. Сепак, нели, Стариот Завет постави и некоја мерка: око за око, заб за заб. Би ги замолил сите ако може да пораснеме барем до Стариот Завет, како добра основа да се запознаеме и со Новиот. (Не ми се верува дека дојде ден да треба и вакво нешто да напишам.)

Уште реков дека после брзоплетото христијанизирање (со непочитување на правилата за подготовка на крштението, подготовка што дотогаш траела три години), и откако христијанството станало помодарство во Империјата, ширум се отворија вратите за христијаните само по име (номиналните христијани) да се поистоветуваат со минливите форми на општествено организирање од овој свет (прво со државата, подоцна со нацијата, денес со партијата итн.), кои немаат ама баш никаква врска со Царството Небесно. И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака.

Единствена светла појава, после разводнувањето на првобитното христијанство, остана монаштвото, кое, сепак, успеа да го задржи маченичкиот етос на првата Црква и да го пренесува и да го шири меѓу верниот народ низ вековите до денес. Маченички етос не само како одбивање да се поистоветат со минливите форми од овој свет (па макар биле тие и религиозни), туку и како аскетско-исихастички подвиг за влез во Царството Божјо, кое е внатре во нас (види: Лука 17, 21), уште во овој живот, како и негово сведоштво и Предание.

И уште реков дека поради неправилен душевен живот, наместо да ги искачуваме степените од природниот начин на духовниот живот: очистување на срцето од страстите, просветлување на умот и боговподобување, постои голема опасност – посебно кај оние што се на раководни места во Црквата, да се симнат по степените на противприродниот начин на живот: религиозна невроза, религиозно растројство на личноста (психопати или социопати) и религиозна психоза или демонизираност.

Но, ако Богочовекот Христос, односно тоа што ни е најсвето, не се брани со меч – напротив се губи, како треба да Го браниме? Христос се брани со светост, односно со љубов, и Христос се брани однатре, од Црквата. Христос се брани со заемно личносно проземање – ние слободно влегуваме во Христос и Христос слободно нѐ прозема и влегува во нас – постепено преобразувајќи нѐ. Христос конечно се одбранува кога станува неразделив од нас – живот на нашето срце, но и ние неразделив соборен дел од Него, и кога Христос лично Го сведочиме со нашиот живот; а ако Он така сака, и бескрајно повеќе со нашата смрт и после неа.

Богочовекот Христос е нашиот вечен живот и нашето восиновување од Отецот; Тој е Син Божји и икона на Отецот (види: Кол. 1, 15); Тој е Вистина за сите иста (не како нашите човечки вистини, кои негде важат, а негде не важат, и кои негде смееш, а негде не смееш да ги кажеш); Тој е и Глава на Црквата, која е Телото Негово; Црквата е и тело на Богородица Марија, како што е и Он Нејзин Син или Син Човечки; Тој е и Светото Предание; Тој ни е сѐ што преку Светиот Дух Господ добиваме после Неговото Воскресение; Тој ни е единствениот Дар на нашиот Отец Небесен од Светиот Дух и Марија Дева.

Да погледнеме сега за момент, со духовното око, во Стариот Завет и да го видиме тригодишното девојче како чекори кон Светињата на Светињите од старозаветниот храм и како влегува внатре. Да погледнеме и да видиме како малата Марија го посветува Својот живот за да ни ја покаже вистинската Светиња, а како старозаветната станува сенка во Нејзиното присуство. Да видиме како Пречистата Дева девет години во осама се подготвува преку умно-срдечната молитва (според великиот Григориј Палама) да Го прими во Себе Единородниот Син Божји. Да видиме како времето се исполнува и како Тој бара дозвола да се воплоти во Неа и како Таа слободно и љубовно Го прифаќа. И на крај, да видиме како Богородица и Приснодева Марија станува Вечнонова и Единствена Светиња на Светињите – Ширшаја Небес.

Пресвета Богородице…!


About The Author