// Google analytics code

Отец Гаврил Галев: Преображение Господово

~+~

(Матеј 17, 1-13)

На овој ден светата Православна Црква го слави споменот на светото Христово Преображние на гората Тавор пред очите на апостолите кое во суштина е и нивно преображение. Имено, во Светото Евангелие тоа е оној настан каде се опишува како Господ пред да појде на своето славно страдание, се искачил на гората, а со себе ги зел Петра, Јакова и Јована, и се молел цела вечер сам. Потоа се преобразил. Неговото лице, та дури и Неговата облека, биле посјајни од денот и од сонцето. Тогаш Бог им ги отвара духовните очи на умот на Петар, Јаков и Јован и ги преобразил за да можат да ја видат делумно славата Божја. Неможејќи во целост да се соочат со оваа Христова Божествена слава, исплашени паднале долу на земјата. На овој настан се јавиле и св. пророци Мојсеј и Илија, меѓусебно разговарајќи за настаните кои требало да се случат.

14238150_1104199726314477_5684299291068550184_nПреображението Господово е настан преку кој Исус Христос покажувајќи се со сета Божествена слава, сака да ги утврди своите ученици, да го утврди сето човештво до ден денес, дека тој е вистински Бог Кој од предвечност е роден од Отецот и во времето се роди од Марија Дева и прими човечко тело и стана Човек, совршен Бог и совршен Човек. Неговото човечко тело како параван, како завеса го криеше неговото Божество, па затоа ние луѓето, можевме да разговараме и да се дружиме со Него како со човек. Меѓутоа, позади неговото човечко тело се криеше Неговото Божество и кога настана преображението, всушност во Него не настана никаква промена, туку во тој момент само им се овозможи на апостолите да го видат тоа Божество.

Преку преобразението Господ ни покажа дека настаните кои што следат, страданието, Крстот, слегнувањето во адот и воскресението се реални и вистинити и дека се од Бога предвидени за нашето спасение. Господ ги избра овие тројца апостоли за да бидат сведоци на неговото Божество и да сведочат за Него и преку нивното сведоштво ние да поверуваме дека Христос е вистинскиот Бог и нашиот Спасител.

Сигурно ќе се запрашате зошто Јаков, Јован и Петар? Поради нивната ревносност и поради подготвеноста, и од друга причина што со апостолите тогаш бил Јуда, кој што бил неподобен да учествува на тој настан, па Господ за да не го остави сам и да не се посомнева, а и подоцна да не се оправда за своето предавство, ги остава и останатите апостоли со него. Ги избира само Петар, Јаков, и Јован и како праобразба на трите добродетели – верата, надежта и љубовта. Петар ја претставува верата, Јаков надежта, а Јован љубовта. Покајанието, смирението, љубовта.

Понатаму се вели дека св. пророци Мојсеј и Илија во моментот на Христовото преображение биле со Него потврдувајќи го како Неговото Божество, така и настаните што ќе дојдат и дека ова што сега се случува е претскажано од пророците уште пред многу векови. Мојсеј е претставник на законот, Илија на пророците, Мојсеј е претставник од мртвите, а Илија кој што бил жив однесен на небото е претставник на небесата. Значи, целата творевина сведочи за овој настан и за Божеството Христово и за воскресението Негово подоцна што ќе дојде.

Со овој настан Господ ни ја отрил и тајната на Црквата како заедница. Нејзиниот вечен карактер и неограниченост.

Се во животот, или попрецизно, во Црквата е христоцентрично, Христос е глава на Црква, а околу Христос се собрани сите заедно, живи и упокоени.

IMG_4577-HDRИ како што Господ се искачи на гората Тавор, така и ние треба да се искачиме во повозвижен духовен, добродетелен живот, односно да внимаваме над нашето срце, преку стекнување на добродетелите, а оставајќи го метежот на страстите на овој свет. Пред се, творејќи ги овие три, главни добродетели – верата, надежта и љубовта. На овој начин ние полека си ги чистиме своите срца од страстите, се чистиме од гревот, од неверието, сомнежот, гневот, нељубовта, омразата и се просветлуваме. Нашето срце го ослободуваме, а нашиот ум го просветлуваме и целите се преобразуваме. Само така се удостојуваме да партиципираме во овој божествен настан, само така можеме да учестуваме и да ја примаме таа благодат Божја и да бидеме учесници во Божјата природа, богови по благодат. Своевремено во вториот век, а подоцна и во третиот, прво св. Иринеј Лионски, а подоцна и св. Атанасиј Алаександриски ќе речат: Бог стана човек, за човекот да стане бог (по благодат).

Ако сме вистински ученици Христови, ако сме вистински христијани, треба да живееме вистински христијански живот и треба вистински да Го слушаме, и љубиме, односно да веруваме во Бога. Преку исполнувањето на Неговите заповеди да Го исповедаме, и на тој начин ќе ја оствариме Неговата промисла за нас и нашето назначение да бидеме синови Божји, богови по благодат.

Амин

о. Гаврил
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија



About The Author