// Google analytics code

ЗНАЧЕЊЕТО НА ВЕЛИГДЕНСКОТО ЈАЈЦЕ

Постојат повеќе толкувања околу символиката на велигденското јајце, како и причините и начинот на негово фарбање. Иако голем дел од обичаите кои го следат фарбањето (вапсувањето) се од сомнително протекло, постои Православно предание кое нуди објаснување на елементите кои го следат овој радосен чин.

Имено, Православното предание символиката на вапцање црвени јајца ја поврзува со новозаветната Пасха, односно Велигден, со ликот на светата мироносица Марија Магдалена рамноапостолна (наречена Магдалена според Магдала, покрај Генисаретското Езеро од каде што е нејзиното потекло). Посведочувајќи ја својата верност кон Христос за време на Неговата проповед, но и Неговото страдание и погребение (имено, таа била единствената која заедно со Пресвета Богородица и свети Јован Богослов стоеле под Крстот), Марија на третиот ден од Распнувањето пошла кон Христовиот гроб да Го миропомазе Спасителот Христос. Кога пристигнала таму, видела дека каменот е тргнат, и Христос не бил на местото каде бил положен. Марија побрзала да ги повика апостолите Петар и Јован, кои и самите се увериле дека Сонцето на Животот Го немало во гробот. Стоејќи подоцна сама на местото каде Христос бил положен, видела два ангела, за веднаш потоа да Го види својот Учител, кој и рекол да им каже на другите ученици дека Христос се враќа кај Неговиот и нивниот Отец, Неговиот и нивниот Бог; таа го сторила тоа, што всушност претставува и прва проповед на Воскресението Христово.

Апостолите понатаму го ширеле Благовестието на Христовото Воскресение по сите краишта на земјата, а со нив заедно заминала и Марија Магдалена, која според сведоштвото на Светото Предание, заминала да проповеда во паганскиот Рим. Таму таа насекаде Го проповедала Христа и Неговото учење, но кога луѓето не и верувале дека Тој воскреснал, таа им го повторила она што им го рекла и на апостолите: „Го видов Господа!“ Од голема ревност, го посетила и императорот Тибериј, на кому исто така му го проповедала Христовото Воскресение. Со неа понела и едно јајце, како символ на Новиот Живот и Воскресение, и давајќи му го на императорот, му се обратила со зборовите: „Христос воскресна!“ Тибериј ја отфрлил можноста за воскресение од мртвите, велејќи дека никој не може да воскресне од мртвите, исто како што и јајцето кое таа му го донела не може да стане црвено. Во тој момент, јајцето станало црвено, за и тоа да сведочи за зборовите на мироносицата, и таа ги повторила зборовите на апостолите – дека верата во Воскресението Христово не е како минливото злато и сребро, туку дека скапоцената Крв Христова е како неизвалкано и чисто Јагне. На тој начин се создала традицијата за подарување на пасхални јајца на денот на Пресветлото Воскресение Христово. Според едно древно манастирско правило, кое се чува во манастирската библиотека на свети Атанасиј, близу Солун, постои молитва на самиот ден на Воскресение за благословување на приложените јајца, во кое е означено дека игуменот ги разделува јајцата, велејќи им на возљубените: „Како што примивме од нашите свети отци, кои го зачуваа овој обичај уште од апостолско време, кога светата рамноапостолна Марија Магдалена пред верните прва го прикажала примерот на овој радосен дар.“

Според материјали од Ерусалимската Патријаршија

 

 


About The Author