// Google analytics code

За постот и причестувањето – Патријарх Павле

imageКакво значење има Светата Причест за духовниот живот на Христијаните, јасно е од зборовите на самиот Господ: „Јас сум живиот Леб кој слезе од небесата. Кој јаде од овој Леб ќе живее вечно… Ако не го јадете Телото на Синот човечки и не ја пиете крвта Негова, нема да имате живот во себе. Кој го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. Затоа што Моето Тело е вистинското јадење и Мојата Крв е вистинското питие.“ Поради потполната вера во овие Господови зборови, првите Христијани итале кон Светата Причест, не по некоја наредба, туку од непосредното чувство дека без Него неможат да живеат духовно, исто така како што човек не дише по наредба, туку спонтано, чувствувајќи дека без воздухот се задушува и умира. Секоја недела и празник оделе на Светата Литургија и на повикот на ѓаконот: „Со страв Божји, вера и љубов пристапете!“, сите по ред пристапувале и се причестувале. Тие притоа потполно чувствувале дека пристапуваат кон најдлабоката тајна на нашата вера и кон најголемиот дар на Божјото милосрдие, па се труделе кон Сесветиот и Пречист Бог во Светата Причест, да пристапуваат во чистота и светост на срцата и душите. Се нарекувале „светии“ и навистина биле свети; се чувале од секаков грев, бидејќи знаеле дека „оној кој прави грев, роб му е на гревот“, дека гревот го свртува човекот во правец кој води спротивно од Бога, ја валка душата и ја прави неспособна за Светата Причест. Оној којшто, сепак, паѓал во грев, веднаш се подигал, со исповед ја чистел својата душа од гревот, за да не ја прими во нечистота Светата Причест. „Затоа што оној кој недостојно јаде и пие од оваа чаша, ја јаде и пие својата осуда, не разликувајќи ги Телото и Крвта Господови“.

Во исто време, Христијаните свето ги држеле правилата на постот, знаејќи дека постот е божествено устројство, затоа што уште во Стариот Завет Бог го наредил постот како „вечна наредба“. Во Новиот Завет, самиот Господ Исус Христос постел и рекол дека и Неговите ученици ќе постат. Постеле и светите Апостоли и сите светии. Постот го држеле во одредено време, заради потребата од пост, а се причестувале заради потребата од Причест — постојано, како за време на постот, така и за време на мрсот; во постот постеле и се причестувале, во мрсот мрселе и се причестувале, онака како што денес прават свештениците. Првобитно, немало некоја посебна подготовка за Причест, ниту пак постот е сметан за едно од средствата за подготовка за Причест. За Причест се подготвувало со целокупниот живот, држењето на сите Божји заповеди и чувањето од секој грев.

Така постапувале и свештениците и верниците во Црквата Христова за целото време на гонењето, во првите 300 години, додека во неа пристапувале само оние кои од цврста вера во Царството Небесно биле подготвени на секакви тешкотии, само за да го задобијат. Моралниот живот на Христијаните тогаш бил на високо ниво. Но, кога дошла слободата, под царот Константин, во 313 год., во Црквата почнале да доаѓаат и оние кои во неа не го барале и не го нашле „богатството скриено во нива“ и коишто не биле спремни да дадат сè за да ја купат таа нива… Заради тоа, многу се снижило нивото на моралниот живот кај Христијаните. Кон Светата Причест многумина и тогаш пристапувале редовно, но без сериозна грижа да бидат што подостојни. Други, пак, почнале да го одложуваат своето редовно пристапување кон Светиот Путир, под изговор дека сакаат што подобро да се подготват. Но, борбата за очистување на својата душа не ја воделе постојано, туку повремено, само неколку дена пред Светата Причест. Меѓутоа, и тоа им паѓало тешко, па сè почесто ја одложувале и подготовката и самото причестување, додека не паднале на тоа да се причестуваат само четири пати годишно или уште поретко.

Заради оние првите, Црквата, по зборовите на светиот Јован Златоуст, го востановила 40-дневниот пост пред Воскресението: „Воочувајќи ја штетата којашто доаѓа поради небрежното пристапување, Отците одредиле 40 дена… за сите ние внимателно да се очистиме во оние денови со молитви, милостина, пост, сеноќни бденија, солзи, и на тој начин да пристапиме кон Светата Причест со чиста совест, колку што е тоа возможно“. Оние другите, пак, светиот отец ги опоменува дека мораат да се трудат, не повремено, пред самото Причестување, туку треба постојано да се трудат да живеат така за да можат со чиста совест редовно да пристапуваат. На прашањето „кому треба да се даде за право, дали на оние кои ретко се причестуваат, или на оние коишто тоа го прават често“, тој одговара: „ниту на едните, ниту на другите, туку на оние коишто се причестуваат со чиста совест, со чисти срца и беспрекорен живот. Таквите нека пристапуваат секогаш. А оние коишто не се такви — никогаш. Затоа што тие на себе навлекле суд, осуда, казна и маки.“

Но, од овие средства за чистење на душата за оваа најприсна средба со Господа, за примањето на Неговото Тело и Крв, во свеста на нашиот народ се дошло дотаму што во телесниот пост се гледа „все и всја“. Многумина од свештениците пред Причеста на верниот ќе му постават само едно прашање: „дали постеше?“’ и штом чујат потврден одговор, ќе речат: „пристапи!“, како единствено тоа да е важно, а сè друго небитно, и тоа — дали овој знае кон што пристапува и зошто, и тоа — дали го знае Символот на верата, и основните молитви, и дали му се устата и јазикот чисти од лаги, пцости и грди зборови, и дали се со некого скарани, дали можеби се блудници; а ако е во прашање жена, да не е можеби суеверна, да не оди по бајачи и гатачи, да не носи некакви амајлии, или можеби, да не направила чедоморство… А за интересирањето на свештениците за редовната молитва, читањето на Светото Писмо и богомислието на оној што сака да се причести, и да не говориме.

Против ваквиот механички пристап кон Светата Причест, во православниот свет свештениците–пастири интензивно настојуваат верните да се причестуваат што почесто, по можност на секоја Литургија, подготвувајќи се за тоа со постојано бдеење над својата душа. Познавајќи ја добро духовната состојба на секој одделен член од своето паство, на едните им советуваат да се причестуваат повеќепати во текот на постот, на други да го прават тоа и за време на мрсот, при што на некои да постат два–три дена, некои седум дена, а некои да се причестуваат постојано и без пост.

Неоспорно е и тоа дека сфаќањето на нашите верни треба да се подигне во правец на редовно пристапување кон Светата Тајна на Причеста, но под услов постојано да бдеат над чистотата на својата душа, над држењето на духовниот пост, чувањето на срцето, очите, ушите и сите сетила од сè што е грешно, а не само со држењето на телесниот пост, и тоа само една недела пред Причестувањето. Значи, треба да се чуваме од секоја крајност и едностраност.

 

 

Loop


About The Author