// Google analytics code

За Господовата Молитва – Игумен Гаврил

onВовед

Верувам сите знаеме која е Господовата молитва. Многумина ја знаат и на памет, но не сум сигурен дека сите го знаeме нејзиното значение. За тоа се погрижиле светите Oтци, кои длабоко проникнувајќи во словото Божјо несебично ни го оставиле во наследтво нивното искуство за да и ние го научиме суштинското значење на оваа молитва. Неа, Господ Исус Христос ни ја даде преку апостолите, а кога тие го замолиле да им каже како да се молат. “Кога се молите, не говорете многу како незнабожците, зашто тие мислат дека поради многуте зборови ќе бидат услишени; вие, пак, немојте да бидете како тие, оти вашиот Отец небесен знае од што имате нужда уште пред да сте Го помолиле. Туку молете се вака: и им ја кажа молитвата: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата; лебот наш насушен дај ни го денес; и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници; и не воведувај не во искушение, но избави не од лукавиот, зашто Твое е царството, и силата, и славата во сите векови. Амин! (Мат, 6,7-13, Лук 11,2-4)

Оваа молитва која Отецот ни ја предаде преку Синот била и е основна молитва која од тогаш до денес се применува во Православната Црква на нашите Богослужби. Преку нејзините спасителни зборови Бог ни даде се што ни е потребно за нашето спасение. Ако малку повнимателно погледнеме, ќе заклучиме дека во неа се опфатени двете најголеми заповеди кои Господ Исус Христос ни ги даде во Новиот Завет: возљуби Го Господа со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!’ Тоа е прва заповед. А втората е слична на неа: ‘Возљуби го својот ближен како себеси!’ Друга заповед, поголема од овие, нема. (Мат. 22, 37-39; Мар. 12, 30-31).
Преку оваа молитва ние не бараме ништо свое и ништо на земјата. Најчесто, а кога ние се молиме, не еднаш сме се “фатиле” како молиме од Бога нешто и бараме ова или она за себе или другиот, бараме нешто што е од овде и за овде на земјата. Но Господ не учи поинаку. И прозбата: „лебот наш насушен, дај ни го денес;“ има сосем друго значение, а за кое – ќе видеме подоцна.
Ние веруваме во Бог Света Троица: Отец, Син И Свет Дух. Ние веруваме во личносен Бог. Заради тоа ние можеме и лично да му се обратиме, да го спознаеме и заедничариме со Него, а тоа значи дека нашиот Бог е конкретно Некој и ние со Него можеме да воспоставиме лична љубовна заедница преку молитвата.
Оче – Бог пред се е Личност и ние со Него треба да воспоставуваме личносен, односно синовски однос. Кога се обраќаме кон некого со Отец, зар тоа не значи дека се обраќаме кон својот родител, кон Оној кој го чувствуваме близок, орагански и духовно поврзан? Тоа значи дека и нашиот Бoг е Личносен, а во едно и Троичен преку Отецот, Синот и Светиот Дух. Синот е Син по природа, додека ние сме синови по благодат. Преку крштението ние се восиновуваме и стануваме браќа на Христос. Преку овој призив ние ја спознаваме големината на љубовта Божја.
Следниот збор во Господовата молитва, а по именката Оче, е зборот „наш“ . Што значи „наш”? Отецот е наш Отец. Не е само мој и твој, туку на паствата негова, на Црквата, на нам. Затоа оваа молитва не е лична, туку секогаш наша, на Црквата. Надвор од Црквата и црковната заедница, оваа молитва ќе се осмелам да кажам: не важи, нема сила, нема спознание. Оче наш! и ние сме браќа и сестри и неминовно е, а да не се љубиме преку Него, а во Него.
Кој си на небесата – тоа значи дека Господ е на небесата, т.е. во Неговото Небесно Царство. Меѓутоа, по Неговата природа Тој е безграничен и е насекаде. Небесата повеќе ја означува светоста Божја, отколку местото на Неговото пребивање. Уште значи дека нашиот Отец Кој е на небесата, ние треба преку нашиот ум и срце, нашите стремежи да ги насочиме кон небесата, кон добродетелите. Зошто спротивното, земното, што друго е освено страстите.
Да се свети името твое – Господ по Својата суштина е свет, меѓутоа ние велиме да се свети името Твое, со мисла дека треба да го прославуваме името Божјо. Како го прославуваме името Божјо? Името на Бог е светo, и ние верните кои се трудиме во градењето на личносната заедница со него знаеме дека е така, бидејќи е Божјо. Нашиот живот, зборови, мисли преку љубовно градената личносна заедница со Него се осветуваат. Тогаш и оние кои не го пoзнаваат Бога, а слушајќи ги само зборовите и гледајќи ги делата наши извршени во името Негово, ќе можат да Го спознаат и слава на Бога, да го прослават. Ние го прославуваме Бог преку нашите добри дела и целиот наш дободетелен живот. Како што на Литургијата ѓаконот се обраќа кон Владиката со зборовите од Новиот Завет: така да засвети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен” (Матеј 5,16). Тоа значи дека кога правиме добри дела, тогаш ние Го прославуваме Бога. Оние пак другите кои Бога не го спознале, кога ќе го видат тоа, та и тие да Го прослават. Погрешно е многу обратното, и срамно за чедата Божји.
Да се свети името Твое – и зар не е тоа повикот на срцето кон непресушната постојана Исусова молитва? Кога таа молитва ќе ја прифатиме целосно, со целиот наш живот и ќе ја симнеме во срцето, тогаш Го прославуваме името Божјо. И ако Господовата молитва е скратено Евангелие, Исусовата молитва е постојаното Евангелие кое гори во срцата наши.
Господовата молитва е подолга и бара внимание, а понекогаш и услови. Но што друго е молитвата ако не заедничарење со Господа, како што не подучи и св. Апостол Павле кој вели: молете се непрестајно и постојано бидете во заедница со Господ, и затоа што Го сакаме Господ и не сакаме да се одделиме од Него. Затоа Светите Отци ја скратиле и Господовата молитва и ја усогласиле Исусовата молитва, чиј корен е во самото Евангелие. „… Двајца слепи и викаа: “Помилиј не, Исусе, сине Давидов!” (Мат. 7,27); И ете, една жена Хананејка, кога излезе од оние краишта, повика кон Него, велејќи: “Помилуј ме, Господи, Сине Давидов!(мат.15,22) и Уште двајца, седнати покрај патот, штом чуја дека минува Исус, извикаа и велеа: “Помилуј не, Господи, Сине Давидов!” (мат. 20,30); Па, кога чу оти е тоа Исус Назареецот, почна да вика и да вели: “Исусе, сине Давидов, помилуј ме!” И мнозина му велеа да молчи, но тој уште повеќе викаше: “Сине Давидов, помилуј не!” (Мар. 10, 47-48 и Лук. 18,38-39)
Тој е начинот, и ние можеме постојано да ја кажуваме Исусовата молитвата: Господи Исус Христе, помилуј ме, на секое место и во секое време и секогаш да сме со Господ и Господ со нас.
Да дојде царството Твое – Неговото Царство е совршено Царство и е на небесата. Бидејќи не можеме да им служиме на двајца господари, на Бога и на мамона, односно на небесниот цар и светот истовремено, го молиме да дојде Неговото царство благодатно. Ние христијаните, кои се крштеваме во името на Отецот, Синот и Светиот Дух и повторно се раѓаме, стануваме жители на тоа Царство небесно и него го бараме. Бесмислено е кога православните христијани надмудрувајќи се меѓусебно се делат по територии на Грци или Македонци или Бугари или Срби, заборавајќи при тоа дека ние сме жители на тоа едно, не земно, туку Небесно Царство. Всушност, кога се крштеваме, се крштеваме во името на Отецот и Синот и Светиот Дух и сите стануваме браќа и сестри и дел од тоа едно царство и сме нова нација – христијанска. „Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски; зошто сите ние сmе едно во Христос Исус. “(Гал. 3, 28) Чинејќи го спротивното, делејќи се меѓу себе, Го делиме Христос, ја делиме Црквата, го делиме Царството Небесно, што е многу спротивно на духот на Евангелието, чиј дел е и оваа молитва.

Со нашето крштевање, нашето срце станува храм на Светиот Дух, храм Божји, на Света Троица. Зар Господ не ни вети дека нашето срце ќе го направи Негов дом? И зар во домот свој Царот нема да дојде, а при тоа невселувајќи го во него и Царството Негово? Но, како веќе реков, не можеме да имаме двајца господари. Или Бог ќе го вселиме во нашето срце, или нашите страсти. Па како што Христос дојде пред храмот и ги растури сите маси на менувачите, така и ние да се трудиме преку исполнувањето на Божјите заповеди, добрите дела, постот, молитвата, причеста, да го исчистиме нашето срце, домот Господов, претварајќи го во достојно место за еден Цар кој во нас ќе зацари. Зошто чистиот пребива во чисто. Кога Бог царува во нас, ние се смируваме, чувствуваме мир и спокој, ја чувствуваме сета слобода и се осветуваме. Во спротивно секогаш ќе бидеме изложени на тиранијата на ѓаволот кој што не поробува со страстите, со себељубието и не носи во униние. Празнина, досада, осаменост, пеколот на овој свет.

Продолжува…


About The Author