// Google analytics code

БЕСЕДА ЗА ГЕРГЕСЕНЦИТЕ – ИГУМЕН ГАВРИЛ

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух,

Демоните се паднатите ангели од небесата, предводени од главниот демон или ѓаволот, односно сатаната, кој што бил светлоносецот, Луцифер, кого Бог најмногу го сакал и најмногу доверба имал во него. Меѓутоа, губејќи го својот разум и сакајќи да биде поголем од Бога, тој се возгордеал и затоа од светол ангел, станал црн ѓавол. Потоа на небесата, бидејќи гордоста никогаш не го признава својот грев и секогаш бара и друг да повлече со себе,односно поради гордоста се јавуваат и зависта, и омразата, и пребирањето, и сите тие лоши, негативни работи, тој почнал да ги лаже и другите ангели, за да ги турне заедно со него. На небото настанала борба, пришто архангел Михаил застанал напред пред сите и ги повикал оние коишто не отпаднале од Бога, од љубовта Божја, другите, пак, Бог ги протерал од царството небесно во овој свет. Затоа во овој свет тие владеат, односно владеат, како што се гледа тука, во одредени рамки.

Тие немаат ништо со царството небесно, меѓутоа тука се да не лажат нас. Но, тоа наше лажење треба да го сфатиме како наше зацврстување, затоа што и ние бевме отпаднати од благодатта Божја и заради тоа треба, како св. Петар што се одрече трипати, а потоа и трипати Го исповеда Христос, така и ние да се потрудиме да го стекнеме нашето спасение.

Како што гледате, демоните сакаат само зло, така и овие двајца мажи, кои во се биле нормални како и другите, но дозволиле да влезе еден легион демони во нив, а тоа го дозволиле затоа што им била помила својата слава, отколку славата Божја и наместо да се надеваат на Бога, тие се надевале на себе и го оставиле Бога, останале незаштитени од благодатта Божја, и заради својата гордост, во некој свој момент, нам непознат, биле завладеани од демоните. Тоа и во денешно време се случува реално, а и во помали граници и со сите нас, демоните влегуваат и завладуваат со човекот. Според степенот на нашиот грев, и демоните владеат со нас. Ние можеби ќе видиме т.н. среќни луѓе на земјата, меѓутоа треба да знаеме дека сите оние коишто прават грев, се робови на гревот, односно робови на ѓаволот и демоните, и тие не се среќни луѓе, туку тажни, без разлика колкава слава и богатство да имаат на земјата.

И што сакаат демоните да направат? Да го растурат тој личносен однос меѓу луѓето, односно тој социјален живот во нас, затоа што човекот е создаден како социјално битие. Личносен однос значи личносна заедница на еден со друг во Црквата Божја т.е. во едното тело, затоа многу погрешно е кога наместо зборот личност ние го употребуваме зборот. Индивидуа е соодветен термин за оние со кои завладеал ѓаволот и ги одделил, како овие двајца мажи, од заедницата со општеството, затоа што тие не можеле да живеат со нив и создавале постојан конфликт. Така и ние кога создаваме конфликт со луѓето, иако мислиме дека конфликтот ни го создаваат луѓето, односно кога не можеме заради својата гордост да живееме со нив, тогаш треба да знаеме дека во нас владее демонот и во нас се наоѓа студенилото на темнината, затоа што ние сме горди и секој друг ни пречи и секој друг ни е непријател, како што тоа ќе го наречат филозофите во денешното време – дека во другиот го гледаат својот пекол. Или пак онаа изрека од римското време, која вели дека еден на друг сме си волци.

Меѓутоа, тоа е затоа што, како што реков, сме дозволиле гордоста и суетата да завладее во нас, а тоа е присуство на ѓаволот и демонот во нас, и на тој начин ние не можеме да воспоставиме здрава заедница со кој било. Меѓутоа, Бог е голем и нема ниту една сила на светот, па дури и како што се вели во Писмото, вратите на пеколот не можат да ја срушат Црквата, односно не можат да ја срушат силата Божја. А вратите на пеколот се сметаат за најсилната орда на ѓаволот, што значи дека во моментот кога ние ќе се обратиме со покајание кон Бога, тогаш и демоните излегуваат од нас, односно се ослободуваме од страстите и од нивното заробеништво, како што се случило со овие луѓе, затоа што и демоните знаат дека Бог е Бог и дека Исус Христос е Син Божји и Он има власт да ги изгонува и само по Негова дозвола тие одат таму каде што Господ ќе им дозволи.

Така и овие демони, кои биле легион или многу, кога Го виделе Исус Христос, се уплашиле од Него и го исповедале, велејќи: „Што имаш Ти со нас, Исусе? Ти си Синот Божји.“ И плашејќи се од Христос, побарале ако не можат во луѓето, барем да влезат во свињите. Меѓутоа, како што гледате, свињите не можеле да го издржат тоа нивно присуство и се издавиле, што значи дека човекот, кој е според образ Божји, е големо битие, голема сила има и има висока вредност. Но, ние робувајќи им на нашите страсти и гревови, ќе забележиме дека човекот ништо не вреди во денешно време. Дека е послаб, јас често го зборувам тоа, од едно мало цигарче или од некоја друга страст, на која и се поклонува на колена и и робува и бара милост од  неа, само за да ја задоволи. А тоа значи дека човекот во крајна граница се понижил самиот себе.

Гледате дека и демоните не знаат се и не можат се, а ние најчесто се плашиме да им објавиме војна, затоа што божем се многу и силни, но како што гледате, побарале да се вселат во свињите, а свињите се издавиле и тие останале голи и празни, и како што се вели на друго место во Светото Писмо, заминуваат во пусти предели и пак бараат некоја невнимателна душа, за да влезат во неа. И св. Апостол Павле, во апостолот што се читаше денеска, вели дека со срцето се верува со оправдание, а со устата се исповеда за спасение, што значи дека ние треба да поверуваме во Христос и тоа нас ќе не оправда дека Христос е Бог, но тоа нема да не спаси, туку ќе не спаси само нашата уста, исповедувањето на Исус, односно животот според Христос. Така и тука овие безумни гергесенци ја спознале силата Божја, но место да се израдуваат дека дошло спасението во нивниот дом, тие Го изгониле Христос од нивниот град, затоа што Тој им уништил едно крдо свињи. Помила им била свинската слава, отколку славата на човекот, дека тие нивни двајца браќа (на некој биле синови, на некои биле и роднини) биле ослободени од демоните, кои со година ги мачеле и од кои самите тие имале проблеми со нив.

Меѓутоа како што гледате, демонската помраченост, нивната заробеност од сластољубието, односно желбата за прејадување, препивање, блудството, ги натерала повеќе да им служат на тие страсти, отколку на Бога, затоа што онаму каде што е Господ, тука исчезнуваат и страстите. Затоа ние не можеме да им служиме на двајца господари, туку или на Бога или на демонот. Или ќе се трудиме во подвигот на очистување на срцето од страстите и стекнувањето и зачувувањето на благодатта внатре во него, претворајќи го нашето срце во Негов дом, Негов град, како што се вели тука, или пак ние ќе го направиме град на разврат или разбојничка пештера, во која ќе се одвиваат најбедни и најниски дела.

Затоа е потребно не само да се верува дека Исус Христос е Бог, туку потребно е со својот живот, уста и дела, насекаде и секогаш да Го проповедаме и да Го исповедаме и живееме Христос. На тој начин ќе ја отвориме нашата уста, нашето срце, и тоа ќе стане Негов дом, и Тој ќе дојде во него да живее. Тоа е поуката од денешното Евангелие. Кој има уши да чуе, нека чуе. Амин!

 


About The Author