// Google analytics code

АКО НЕКОЈ ИСКРЕНО ТРАГА ПО ВИСТИНАТА, НЕМА ДА БИДЕ ОДВЕДЕН ДО НЕКОЈА РЕЛИГИЈА, ТУКУ ДО САМИОТ ХРИСТОС – ИНТЕРВЈУ СО АРХИМАНДРИТ ДАНИЕЛ (БАМБАНГ ДВИ) БЈАНТОРО, ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА ВО ИНДОНЕЗИЈА (2 ДЕЛ)

fr-Daniel2496-300x225~+~

2 ДЕЛ

Мојата прва посета на една црква

Моето познавање за христијанството беше нула во тоа време, не знаев што треба да правам понатаму. Единствениот христијанин што го знаев беше погоре спомнатиот наставник, па затоа одлучив дека мора да појдам кај него дома за да знам кој е следниот чекор што треба да го направам после оваа моја одлука. Тој се изненади кога ме виде таму и кога го прашав за адресата на црквата. Му објаснив што ми се имаше случено и тој многу се израдува заради мојата одлука да верувам во Господ Исус Христос. Малку знаев за многуте вероисповеди што постојат во христијанството. Имав само некое општо знаење дека постојат римокатолици и протестанти, ама за Православната Црква воопшто ништо не знаев, затоа што тогаш овде немаше Православна Црква. Тој ми ја даде адресата на неговата Холандска реформистичка црква. Не знаев што можам да очекувам кога одлучив да влезам во храмот тоа неделно утро. Се разбира, не кажав никому од моето семејство кога го направив тоа.

Мојот дедо

Меѓутоа, еден ден дедо ми ја откри тајната, бидејќи Новиот Завет што ми го имаше дадено наставникот ми испадна од под кошулата додека одев набрзина пред него. Беше шокиран кога ја виде книгата. Ми удри шлаканица и ме нарече „срам“ во семејството. Бев многу исплашен, особено кога се прочу веста и еден од моите роднини сакаше да ме убие заради тоа. Ужасно се исплашив, зашто бев младо момче, средношколец, така што морав да избегам од дома и да се кријам во домот на мојот школски другар повеќе дена. Но, подоцна дедо ми успеа да ме пронајде. Ми рече да одам дома со него, но јас се колебав да го послушам. Откако ме увери дека никој нема да ме повреди, најпосле си отидов дома со него. Кога стигнавме, ме седна пред себе и пред баба ми. Ме праша зошто го напуштив исламот.

 

Разговорот со мојот дедо: значењето на исламот

Му реков дека не го напуштив исламот, а тој ме праша дали би одел повторно во џамија, на што јас одговорив: „Не“. Не сфаќаше што мислам со тоа, па јас го замолив да го објасни значењето на зборот „ислам“ („покорност“) и „муслиман“ („покорен“). Откако ми го објасни значењето на зборот, јас го прашав дали знае, откако ќе умре – тогаш беше на 104-годишна возраст, а мојата баба беше неговата последна жива и најмлада од четирите негови жени – дали ќе оди во рајот или не. Тој рече дека не знае. Понатаму ми објасни дека е тоа заради исламското верување дека влегувањето во рај или пекол ќе биде одредено според тежината на добри дела или лоши дела за време на нечиј живот, бидејќи тие ќе бидат измерени на есхатолошка вага за време на Судниот ден. Го прашав дали се обидел да го заслужи патот во рајот. Тој одговори потврдно и за возврат ме праша дали има некој друг пат освен тој – реков: „Да, има.“ Го прашав дали би сакал да се спаси заслужувајќи си го патот преку добри дела, дали е ова во согласност со значењето на зборот „покорност“ („ислам“). Според моето сфаќање, покорност значи дека човек треба да Му се потчини на Бог и да се потпира целосно на Неговата помош, и дека Бог е Оној Кој спасува, а не човекот кој се обидува да си го заслужи спасението со свои сопствени напори. Тогаш го замолив дедо ми да ја објасни сторијата за Адам и Ева според Куранот.

 

Разговорот со мојот дедо: падот на Адам и Ева според Куранот

Адам и Ева, според Куранот, биле сместени од Бог во рајот (Куран 2, 30–39; 4, 1; 7, 189; 7, 11–25; 15, 26–44; 17, 61–65; 20, 115–126; 38, 67–88), но заради измамата на ѓаволот („иблис“), тие јаделе од забранетиот плод и биле изгонети на земјата и таму требало да умрат. Тогаш го прашав дали има гробишта во рајот, а тој рече дека нема, затоа што рајот е место на вечен живот. Ако Куранот вели дека Алах ги сместил Адам и Ева во рајот, тогаш, реков, значи дека тие биле создадени не за да умрат, туку за да имаат вечен живот. Но, бидејќи го послушале „иблис“, тие биле прогонети од рајот, отуѓени од Бог и Неговиот живот, затоа Адамовиот дух веќе не бил оживуван од Божјиот живот, неговиот дух умира, а тоа е и причината за неговата физичка смрт. Сите ние негови потомци сигурно сме во иста незавидна положба како нашиот праотец, отуѓени од Бог – доказот е дека никој од нас не е во рајот, и лишени од божествениот живот – а доказот е дека сите ние ќе умреме, затоа што сме мртви во духот, што резултира со наша физичка смрт.

Тогаш го прашав дедо ми, имајќи ја предвид таа човечка духовна незавидна положба, каде ќе оди тој ако умре. Може ли мртвиот дух да се соедини со живиот Бог по ослободувањето од човечкото тело во смртниот час? Значи, нашиот човечки проблем не е толку одењето во рајот, колку што е обновувањето на божествениот живот во нашиот дух. Кога божествениот живот ќе се воспостави одново во човечкиот дух, тогаш можеме одново да се соединиме со живиот Бог, а тоа всушност и е рајот. Никаков обем на добри дела не може да помогне ако е духот сè уште во состојба на смрт. Дедо ми одговори дека ако е вистина она што го реков, тој не би можел да оди кај Бог во рајот доколку умре со оваа состојба на духовна смрт. „Па што тогаш да се прави?“ – ме праша. Јас реков дека наспроти вообичаеното сфаќање на муслиманите дека Исус Христос не бил распнат на крст туку преобразениот Јуда Искариотски, кој бил распнат место Него (Куран 4, 157), Куранот исто така на друго место вели поинаку:

„(И запомни) кога Алах рече: ‘О Исус! Погледни! Јас ќе те земам (арапски: „мутауафика“ = „ќе направам да умреш“) и ќе те воздигнам кон Мене, и ќе те очистам од оние кои не веруваат и ќе определам оние кои те следат да бидат над оние кои не веруваат на Денот на Воскресението. Потоа Мене ќе Ми се вратите (сите), па ќе ви пресудам за она што станавте деленици!“ (Куран 3, 55).

„Нека биде мир на мене и на денот во кој сум роден, и на денот кога ќе умрам и на денот во кој ќе бидам оживеан! Ете, тоа е Исус, синот на Марија: (ова е) словото на вистината, врз кого оние лага фрлаат“ (Куран 19, 33–34).

70827018_2542541302505700_6098426365692870656_nГо прашав дедо ми, штом “пророкот” Исус умрел и бил воздигнат жив и вознесен кај Бог, по ова воскресение што ѝ направил Он на смртта? Тој одговори дека Исус Христос ја поразил смртта. Тогаш, додадов, значи дека Он бил победник над смртта, што значи дека Он исто така би можел да ја порази смртта во нас, што значи дека Он би можел да го востанови вечниот живот т.е. божествениот живот во нас. Значи, ако веруваме во “пророкот” Исус, тој божествен живот ќе ни биде вратен во нас, така што кога ќе умреме, нашиот дух ќе биде во состојба на живот, па така ние ќе можеме одново да се соединиме со живиот Бог кога ќе умреме. Дедо ми се сврте кон баба ми, која тивко седеше до него, прашувајќи ја што мисли таа. Таа рече дека верува на неговото расудување и дека ќе го следи него. Тројцата седевме во тишина добри петнаесет минути, а јас не знаев што да очекувам и што уште да кажам. Одеднаш дедо ми кажа нешто што ме вчудоневиди. Тој рече: „Мислам дека си во право, можам ли и јас да верувам во Него?“ Толку многу се израдував заради ова неочекувано случување. Да ја скратам приказната, на крајот морав да ги однесам дедо ми и баба ми дома кај наставникот, бидејќи не знаев што да правам. Откако поминавме некои основни поучувања во оваа Холандска реформистичка црква, се крстивме. Не помина дури ни година, а дедо ми почина како крстен христијанин. Две години подоцна и баба ми почина како крстена христијанка. Полека моите најблиски роднини – родителите, тетките и чичкото, моите браќа и сестрата и моите братучеди – исто така станаа христијани.

 

Во Харизматското движење

Набргу по ова го напуштив родниот град и паднав под влијание на силното Харизматско движење во главниот град Џакарта. Станав активист на ова движење, имајќи под свое водство многу млади луѓе. Чувствував дека Светиот Дух ме повика да го проповедам Евангелието по цела Индонезија. Па така станав слободен проповедник и се осмелив да проповедам по целата земја. Во еден строго муслимански регион на островот Суматра бев уапсен од полицијата и ставен во притвор три дена заради преобраќање на муслиманите и проповедање на улица. Ме предупредија да запрам со моите активности и да го напуштам тој крај, зашто инаку… На крајот морав да заминам оттаму и да се вратам во Џакарта. Продолжив со моето проповедање и евангелизација сè додека христијанскиот гувернер на покраината Северен Сулавези не побара да бидам свештеник за млади. Во тој период почнав да размислувам за природата на христијанството, бидејќи видов толку многу догматски и практични несогласувања меѓу различните христијански вероисповеди. Исто така ми недостасуваше и нешто од редовниот литургиски живот што го имав како муслиман. Се прашував, штом Исус беше Евреин, а и сите Негови ученици беа Евреи, тогаш христијанството е всушност источна религија, затоа што потекнува од азиско (западно-азиско) тло. Ако е така, тогаш првобитното христијанство мора да има барем некои сличности со јудаизмот и исламот, бидејќи сите три настанаа среде семитското културно милје. Но христијанството што јас го примив досега беше Западно, и се прашував дали првобитното Источно Христијанство на Апостолите на Исус Христос сè уште постои. Не најдов никаков одговор на ова прашање во тој период. Еден ден Гувернерот ме замоли да заминам во Јужна Кореја за да видам како се шири христијанството во таа земја и да научам како да основам молитвен дом или планина по угледот на најголемата црква во Сеул (Full Gospel Church). Со негова помош најпосле заминав во Сеул.

Разговорот го водеше:

о. Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија


About The Author