// Google analytics code

Преподобен Гаврил Светогорец, епископ Велички

324787378_571541904881977_6532638430814045791_nГосподи Исусе Христе, помилуј нѐ

 ~+~

Старчество

Старчеството е света тајна на дуовно раководење во Светиот Дух во  Црквата, а старец е света и просветлена личност или во најмала мера оној кој поминал соодветен пат во духовниот живот, во повигот на очистувањето на срцето од страстите, просветлувањето на умот и обожението на целовкупната личност и се стекнал со просветителниот дар на Светиот дух, со кој може да води, раководи и други по него кон Царството Божјо, нашата единствена и реална цел во овој живот овде на земјата. Старец може да биде епископ, јеромонах, свештеник, па дури и обичен монах кој не мора да е стар по години туку според своето духовно искуство.

Старец е човек со внатрешен мир, преку кој можат да се спасат ил јадници луѓе. Нему, како плод на молитвата и на самоодрекувањето, му е даден Светиот Дух, дарот на расудувње кој му овозможува да ги “чита” тајните на човечките срца; така тој одговара не само на прашањата што му ги поставуваат, туку и на прашањата – честопати многу потемелни – за кои не ни помислувале да ги постават. Заедно со дарот на расудување, тој поседува и дар на духовно исцелување – има моќ да ги возобнови човечките души, а често и нивните тела. Ова духовно исцелување тој не го спроведува само со своите утешни зборови, туку и со своето молчење, па дури и со самото свое присуство. Колку и да е важен советот, многу е поважна песредничката молитва. Своите ( духовни ) деца ги прави целосни така што постојано се моли за нив, се поистоветува со нив, ги прифака нивните радости и нивната тага како  свои сопствени, ги зема на своите плеќи бремето на нивната вина или вознемиреност. Никој не може да биде старец ако неуморно не се моли за другите. Истакнува диоклијскиот епископ Калист.

Старците според својот надворешен изглед воопшто не се разликуваат од преостанатите, дури и на прв поглед можеме да стекнеме погрешно мислење за нив. Меѓутоа кога од поблиску ќе ги запознаеме и разговараме со нив можме да заклучиме дека во нив се крие една огромна ризница. А таа ризница е самиот опит на Црквата, опитот (искуството) во Светиот Дух што се пренесува од генерација на генерација во Црквата. Тие се носители на преданието на Светиот Дух на Црквата.

Смислата на духовното раководење во духовниот живот преку личносниот однос на духовениот  отец и неговото духовно чедо е нов квалитет на однос: растење во Христа, според икона и подобие на Бога Света Троица; светотаински, личносен, неповторлив, длабок, искрен, слободен и љубовен.

Тоа не е однос на заробување туку на ослободување. Целта на духовнот отец е преку нивните заемни односи да го порасне, да го воспита и образови, и да го ослободи духовното чедо од заробеноста од страстите.

Врската меѓу духовното чедо и духовниот отец, односно  старецот е вечна врска (затоа што е вечна љубовта) И продолжува и по смртта, се до Страшниот суд. На денот на Судот старецот ќе рече: Еве ме мене и моите духовни чеда.

Во ова наше денешно безориентирано време, време на отпадништво од верата и добродетелниот живот такви старци ни се непходно потребни. Старци кои ќе бидат кадарни да ги понесат нашите гревови И да ги исцелат нашите слабости, да не вратат во нашата првобитна призваност според образот и подобие Божјо И да не понесат во нашата татковина, во Царството на Отецот И Синот И Светиот Дух.

Од овој број на 8ми ден ќе се обидеме да ви преставуваме по еден таков стрец, современ свет отец кој покажува дека Светиот Дух сеуште дише во Црквата и дека е возможно и денес да се достигнат оние духовни вредности во христијанскиот живот за кои сите ние сме призвани (повикани) и кои во древната Црква биле по многубројни.

Таков еден старец, духовен отец е и нашиот отец Гаврил Светогорец Епископ Велички од Лесновскиот манастир во Македонија, за кого ќе сакаме да проговориме малку.

 

Преподобен Гаврил Светогорец епископ Велички

            Епископот Велички Гаврил е роден во 1926 година  во Штип од Православни родители Методиј (подоцна, со монашко име, Кирил) И Горица Парнаџиеви.

Уште како млад се карактеризирал со посебна кротост и послушност. Во учењето бил остроумен и со посебен наследен тален во ликовната уметност која ја крунисал и со диплома од белградскиот универзиитет на отсек вајарство во 1955 година. Бил еден од подобрите вајари во државата. Подоцна се вработува како професор по историја на уметноста и ликовно образование во Штипската гимназија.

Иако служел во световните служби сепак никако не ја заборавал и Божјата служба. Имал навика секојдневно да присуствува на богослужбите во катедралната црква ссвети Никола во Штип. Во тоа време иако било време на најстрог атеизам и комунизам со програмиран  прогон на Црквата тој не се откажал од Бога, дури и своите ученици ги поучувал во верата. За Велигден редовно им делел по едно црвено велигденско јајце и им велел: Деца, изедете го јајцата, згмечете ја лушпата и расфрлете ја по градот за да видат сите дека Христос воскресна.

Иако во ништо не заостанувал зад своите врсници па дури и во многу работи бил за чекор понапред, неговиот живот во се бил монашки и пред да се замонаши. Во својот дом постојано пребивал во неговата соба читајќи, молејќи се и живеејќи за Бога. А кога во неговиот дом ќе дојдат гости тој културно и од учтивост се поздравувал со нив и повторно се повлекувал во својата собичка како пчелата во својата кошница. Девственоста ја сметал за голема светиња.

Во 1963 година  го остава светот и светската служба и заминува со сиот свој живот да му служи единствено на Бога. Заминува  на Света Гора Атонска. За неговиот престој таму добил директно благослов од игуманијата на Света Гора, Богородица. Се раскажува дека кога стигнал во монашката држава дошол на брегот на Белото море и сакал да се измие . Тогаш здогледал жена која умилно го гледала. По некое време жената, како што дошла, така и заминала. Се размислил и заклучил дека тоа била Богородица, бидејки пристапот на жени на Света Гора е строго забранет. Тоа го охрабрило во неговиот понатамошен подвиг.

За жал, затоа што бил Македонец и несакал да се пише под друга националност, тој за време на неговиот престој на Света Гора имал постојани политички проблеми од властите, меѓутоа Бог го чувал за цело време. Се споменуваат две такви случки кога во две различни прилики сакале да го протераат од Света Гора во едниот случај кога влегол во една пештера пајак исплетол толку голема пајажина што гонителите не го виделе а во другиот случај, пак, го заштитиле змии.

Таму се подвизувал во скитот “Камена” во една пештера како послушник на отец Татјан (Рус) кој за жал, кратко време по тоа се упокојува во Господа. На Литургија и причест најчесто одел во манастирите Хиландар и свети Павле, каде заради неговиот исклучителен тивок карактер го добил називот “Невидливиот” затоа што ниту го гледале кога доаѓа, ниту кога заминува единствено можеле да го видат кога пристапувал да се причести со светите и спасителни животворни тајни Христови.

 

            Бил замонашен во манастирот свети Павле со монашко име, отец Гаврил

            Неговите подвизи на света Гора никој не ги знае, останаа тајна за луѓето и пред Бога но од неговиот живот откако во 1971 се враќа во Македонија можеме да ги претпоставиме. За отец Гаврил слободно можеме да речеме дека е еден од најголемите подвижници на денешнината. Имено тој скоро и никогаш не спиел а и тоа време кога спиел, лежел на земја или на тврда рогозина. Држел најстрог пост. Никогаш  не јадел јадења со масло, а јадел една просфора во седмицата. Во  празниничните денови заради послушност кон црковните правила само го топнувал прстот во кандилото и го оближувал.  Редовно ги служел сите богослужби во манастирот. Се занимавал и со умната молитва во подвигот на очистувањето на срцето од срастите. Во непрестајно изговарање на името Исусово во очистеното срце. Стекнал и умносрдечна молитва. Добил од Бога дар на прозорливост и чудотворство.

Има многубројни сведоштва за светоста на неговиот живот и неговата жед за Бога. Еднаш еден човек кој мноу добро го познавал ми има речено: Не сум видел човек кој толку го сакаше Бога. Кога во 1971 година се враќа од Света Гора барајќи мир за да може постојано да му се моли на Бога, променува неколку манастири, света Богородица – Матка, света Богородица – Побожје, свети Димитриј – Марков манастир, свето Преображение –Зрзе, за да во 1975 година за трајно се насели во манастирот на свети Гаврил Лесновски во Лесново – Брегалничка Епархија тогашна, Злетовско-Струмичка. Каде често знаел и со денови да се повлече од манастирот и да се насели во двете ближни пештери каде се подвизувал и негоиот истоименик свети Гаврил Лесновски. Секогаш избегнувал гужви и непријатности и во една таква прилика, бидејки живееше во време на атеизам во неговиот манастир дошле една група на војници, тогаш тој се заклучил во својата ќелија и цела недела додека тие биле таму не излегол, пребивајќи во тишината на непрстајната умносрдечна Исусова молитва.

Имал голема љубов кон верниот народ. Често ги собирал за големите празници И им држел сеноќни бденија. Бил строг кон себе а благ кон другите. Сите ги  поучувал во кротост, љубов, долготрпеливост, саможртвеност, ревост за Бога, верата, молитвата…

Имал голема вера и љубов кон Бога така да за што и да го помолел Бога, веднаш го добивал. Имам многубројни примери за чудотворноста на неговата молитва. Овде би споменале еден пример кога на едно негово духовно чедо внукот бил многу болен и пред тешка операција за која докторите не гарантирале дека ќе остане жив. Во тие тешки моменти на тага духовното чедо заборавило на својот духовен Отец, но пред самиот ден на операцијата во крајно бунило добила просветлувачка помисла да појде кај дедо Гаврил (како што многумина го нарекуваа) и веднаш тргнала. Пред портите ја чекал отец Гаврил со зборовите: Оди си дома твојот внук е здрав. И кога се вратила дома И кажале за чудесното излекување на нејзиниот син на кое многу се чуделе и докторите. Исто така детето \…. сеуште е жив сведок дека по молитвите на отец Гаврил неговиот јазик се ослободува и тој почнал да зборува.

Манстирот во Лесново постанува кошница за сиот боготражителски народ во тоа време. Притекнувале луѓе од сите краишта на државата и луѓе од најразличен профил и професија. Отец Гаврил станува возљубен духовен отец на многумина кои го бараат Бога.

Отец Гаврил го обновува и руираниот стар конак во манастирот и ја подигнува и Црквата Успение на Света Богородица во Пробиштип која е и прва и единствена црква  во градот.

Покрај сите свои подвизи и одговорности  учи и дипломира на теолошкиот факултет во Скопје(меѓу првите). Пишува и книги и есеи во повеќе црковни весници. Покрај уметничките рецензии автор е и на збирката поезија “33 Песни за Ерусалим”. “Света Гора – Небесна земја” (1978), “Пред најголемиот јубилеј на човекот” (1980), “2000-годишнината на христијанството е на прагот” (1981) “Правила и одредби на Православната Црква за постот”(1994) и “Отец Херувим” (1998) и двете објавени постхумно.

 

Во својата пастирска и духовничка дејност имаше зацртано три цели:

  • Обнова на Лесновскиот манастир
  • Обнова на монаштвото
  • Свечено прославување на јубилејот 2000 години од Христијанството.

Неговата преподобност била почитувана и надвор од нашата Црква. Пред да дојде од Света Гора србите сакале да го направат Владика во СПЦ, имал блиски врски со отец Емилијан Симонопетарски кој тоа време бил игумен на метеорите и сакал да го задржи  отец Гаврил како игумен на еден од манстирите. Подоцна го барале да биде игумен во скитот на свети Харитон Исповедник во Ерусалим.

dedo Gavril.JPGВо 1981 од синодот на МПЦ бил унапреден во архимандрит а на 28. август на празникот на Успение на Пресвет Богородица во 1989 е хиротонисан и за епископ со тиулата Велички.

Неговата блиска смрт си ја предвидел, и самиот си отслужил 40 заупокоени Литургии. Се упокојува мирно на молитва со своето сакано Евангелие на гради и со бројаницата во рака. Пред да се упокои самиот се си подготвил за својот погреб и на едно ливче напишал: “Јадењето подгответе го без масло”, ги собрал своите духовни чеда од Лесново и им рекол: чеда мои, досега бев со вас, и сега веќе одам во горниот Ерусалим и пак ќе бидам со вас и ќе ве чекам во Небесниот Ерусалим.

Се упокојува 12 Јануари 1990 година. И навистина не ги осавил своите духовни чеда. По неговото заминуање во Горниот Ерусалим  на многумина им се јавил во сон, а на едно негово духовно чедо на кое нагло почнал да му слабее видот, му се јавува на сон го излекува и се упатува кон црквичето Вознесение Христово Штип. Во домот на едно негово духовно чедо од неговата слика, која ѝ ја дал додека бил жив, почнало да тече свето миро. А и до ден денес има знаци и чудеса на неговиот гроб од кого се чуствува благопријатна миризба низ воздухот, а селаните кажуваат дека по неговото упокојувње во Господа на неговиот гроб гледале светлина во вид на огнен столб.

 

По моилтвите на нашиот свет отец Гаврил Светогорец епископ Велички, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ. Амин.

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

12 / 01 / 2023


About The Author