// Google analytics code

23 години од блаженото упокојување на Епископот Велички и Лесновски Чудотворец Гаврил – Светогорец


Денес, 12ти Јануари е 23та година од блаженото упокојување на Епископот Велички и Лесновски Чудотворец Гаврил – Светогорец

Во далечната 1990 година, на денешен ден (12 Јануари), петиот ден по Рождеството Христово, се пресели во многу саканото Царство Небесно Светиот Старец – епископот Велички Гаврил. Овој Свет човек додека беше во земската Црква сведочеше за Небесното Царство, за Ангелската чистота, за Христовата Спасоносна наука, од кого многумина го спознаа Богооткриеното спасоносно учење, потврдено и посведочено лично од неговиот испоснички, подвижнички и ревносен живот за Христа и Верата. За новиот Светител Лесновски, сведочат многуте луѓе кои го познавале, за неговта прозорливост, за неговота чудотворна исцелителна моќ и за неговиот високоморален духовен авторитет. За ова се зборува не само помеѓу нашиот народ, туку на секаде во светот каде што имало можност да се види и да се слушне за оваа вистинската фреска која оди (жив светител). Но, исто така и по неговото Блажено упокојување, неговиот гроб и неговите Свети мошти, кои се наоѓаат во Лесновскиот манастир се исцеление на болните, радост на тажните, надеж на безнадежните и утврдување на верните. Неговиот гроб е извор на благоухание, за кое што сведочат секојдневните поклоници кои што приоѓаат како кон вистински Светител со вистинско покајание и вера. Ние пак, Му благодариме на Бога што во ова време исполнето со искушенија и соблазни, го имаме за застапник пред Престолот Божји и пример за нашиот живот во Христа, а воедно и на многумина од православниот свет кои што немаат разбирање за нас и за нашата Света Македонска Афтокефална Православна Црква – Охридска Архиепископија, дека е Света и Благодатна, затоа и раѓа Светители и Чудотворци подеднакво исто како што се случува во сите помесни православни сестрински цркви со кои раководи Светиот Дух.

Се надеваме дека во најскоро време, кој што народот Божји го призна уште како жив за свет и го почитува како светител,  Светиот Архиерејски Синод на Нашата Света Црква ќе го канонизира и внесе во календарот на Православната Црква со сите Светии. Веќе и службата му е составена, се чека само на конечна одлука. 

Свети оче Гавриле, Божји избраниче, кој имаш слобода пред престолот на милостивиот Бог, застапувај се за сите нас, твоите чеда и чувај не и пази не од секакви беди, неволји и искушенија. Амин!

Тропар на Свети Гаврил Светогорец, глас 8-ми

Откако се собравме ние верните, да го восхвалиме учителот на кротоста, големиот украс на епископите, красотата на светителите, правилото на монасите, славата на пустиножителите, подателот на милоста, светилникот на расудувањето, божествениот љубител, премудриот архиереј, големиот светител и отец, Гаврил епископот Велички и Лесновски чудотворец, ѕвезда која ги просветлува луѓето во мрак и ги озарува сите верни. Затоа брзајќи кон гробот на неговите мошти, со љубов ги целиваме и пееме: светителе свети, не престанувај да го молиш Христа Бога, да се спасат душите наши. ( составен од Игуменот Гаврил од манстирот на св. Прохор Пчински во Донибрук – Австралија)


About The Author