// Google analytics code

Јубилејно слово за 20 години младинско заедништво, вера и македонски дух

„КАДЕ ШТО ЈАС ЗАСТАНАВ, ТИ ПРОДОЛЖИ!“

20 ГОДИНИ ЉУБОВ, ВЕРА И МАКЕДОНСКО ЗАЕДНИШТВО

Вечерва е вистинска гордост да се биде Македонец. Собрани во Мелбурн од сите генерации и од сите краишта на Австралија, да ја прославиме 20-годишнината од постоење на МОЈА навистина е вистинска гордост и благослов на секој Македонец.  

Денес на дело ги остваруваме и зборовите на нашиот најпознат деец и револуционер, Гоце Делчев, кој вели: „јас го разбирам светот како поле на културен напревар помеѓу народите”, затоа што вечерва, во оваа сала, се собрани млади луѓе од различно потекло и нации со кои заеднички живееме во оваа наша прекрасна втора татковина –  демократска и мултиетничка Австралија. 

Затоа сакам да ги поздравам сите овде присутни кои што дојдоа да ни ја разубават оваа наша заедничка прослава. 

Јас секогаш велам дека полјаната (полето) е поубава, ако во неа има најразновидни цвеќиња, така и оваа сала вечерва е многу поубава со сите вас овде. Ви благодарам од срце и чувствувајте се пријатно.

Би сакал да се вратам 20 години наназад и да се потсетам за самиот почеток на сета оваа убава приказна, која што тогаш започна и дај Боже, никогаш да не престане.

,,Еден ден, мислам беше февруари-март далечната 2006 година, ги собрав неколкуте млади луѓе кои тогаш доаѓаа во манастирот ,,Свети Прохор Пчински“ во Донибрук и им реков, отприлика вака: 

Ова што вие сега го започнувате, замислете го како јаже кое го протегате во иднината за на него да се фатат ваши деца и децата после нив, да влезат во Христовиот брод, да се извлечат од искушенијата на светот и вечната пропаст. Колку тоа јаже е посилно и подолго, толку на него ќе можат да се фатат сите ваши идни поколенија. Тоа јаже е љубовта. Колку е поголема вашата љубов, толку повеќе генерации ќе спасите. Затоа најважно е на детето да му дадеш можност и секоја генерација треба да се потруди да даде свој допринос во љубовта и жртвата за тоа да не се прекине и да се продолжува. Затоа е важно МОЈА да постои.

Сите овие 20 години од постоењето ги сфаќам како едно патување. По тоа патување запознавме безброј луѓе и стигнавме до многу нови предели. За жал, не секогаш патувањето беше лесно и удобно, постоеја и сѐ уште постојат големи препреки и искушенија, но ние не треба да се плашиме и да застанеме, туку нашиот поглед секогаш да е вперен напред, зашто таму го гледаме нашиот Бог и Спасител Исус Христос, Кој е едиствената наша цел и дестинација во животот. Тие маки и потешкотии ни ја зголемнуваат љубовта и упорноста и нѐ прават посилни и поискусни. 

Вечерва и по некоја случајност, а за Бога нема ништо случајно, се слават нашите рамноапостоли, солунските браќа светите Кирил и Методиј и ќе завршам со зборовите на светиот Кирил кој му порачал на својот брат Методиј: „Брате, каде што јас застанав, ти продолжи!” Така и оваа порака да се пренесува од генерација на генерација и оваа наша заедничка организација никогаш да не запре.

Да даде Бог! 

Отец Гаврил (Галев)

22 мај 2026:

Пренос на моштите на свети Никола,

во Кинг Лејк


About The Author