// Google analytics code

Што ми е потребно? – Свети Јован Кронштатски

Ништо на земјава не ми е крајно неопходно. Што ми е потребно? Потребен ми е Господ, потребна ми е Неговата благодат, Неговото Царство во мене. На земјата, местото на моето прогонство, на моето привремено учење, нема ништо мое, сопствено, сѐ е Божјо и сѐ е привремено, наменето за привремено користење од мене. Што ми е потребно? Потребна ми е вистинска, христијанска, жива, дејствителна љубов, потребно ми е срце кое љуби, жали за ближните, потребна ми е радост за нивната благосостојба, тага за нивните маки и болести, за нивните гревови, слабости, недостатоци, несреќи, сиромаштва; потребно ми е топло сочувство, искрено во сите околности на нивниот живот, радување со оние кои се радуваат, плачење со оние кои плачат.

Доста ми е од самољубие, егоизам, настојување да се живее само за себе и сѐ да се приграбува само за себе: и богатството, и задоволствата и славата на овој свет, да умирам, а не да живеам, да страдам, а не да се радувам, носејќи го во себе отровот на самољубието, кој во нашето срце непрестајно го долева лукавиот.

Господи, Ти гледаш на моето срце, на неговото движење и на овие редови! Подај ми го ова што го барам од Тебе! За тебе сѐ е можно. Подари ми го вистинскиот живот, отстрани го мракот на страстите, со Твојата сила избркај ги!

* * *

Радосен сум и топло ми е на срцето и спокоен сум кога со целата своја душа се вртам кон Сонцето на правдата, кон Христос мојот Бог! Тогаш се растопува мразот од моето срце, отпаѓа нечистотијата и распадливоста, исчезнува темнината, бега духовната смрт, се зацарува небесниот живот, ништо земно не ме интересира.

ikona

 


About The Author