Што е Царството Небесно?
~+~
Царството Небесно ја опфаќа полнотата на несоздадената лична енергија Божја, т.е. благодат, која од моментот на нашето Крштение престојува во нашето духовно срце. Преку својата лична енергија и Бог престојува во нашето срце. Но, тоа уште не е сѐ.
Срцето е центар и на нашата личност. Суштината на нашиот ум, на нашата самосвест, на нашата личност е во нашето срце. Но, и тоа уште не е сѐ.
Нашето духовно срце е орган и место и дом кој Бог го создал за наша лична средба со Него. Дар Божји, би рекол – најголем за нас, е што единствено Бог – со сите други личности, во Него, можат да го исполнат нашето срце – и никој и ништо друго. Со други зборови, нашето срце може да го исполни само Црквата Божја, а секое друго „исполнување“ би било вечна смрт.
Проблемот е што ние сме надвор од себе, на еден безбожен начин; ние сме во полно енергетско растројство. Енергијата на нашиот ум преку сетилата, размислувањата, фантазиите, стравовите, грижите и слично, а потпомогната од страстите – од кои боледуваме, е заробена и расеана низ создадениот свет и времето, т.е. се наоѓа во замката на смртта.
Наша задача е, енергијата на нашиот ум преку послушанието на духовниот отец, т.е. преку правилно енергетско насочување во исполнување на заповедите Божји – во слава Божја, како и преку нејзино молитвено насочување кон нејзината суштина во срцето – во Бог, да ја соединиме со божествената енергија – на нераскинлив личен начин; т.е. Божјата несоздадена енергија, лично да ја усвоиме.
Нашата лична средба со Бог во нашето срце, преку нашите лични енергии – Божјата и нашата, како и нашата лична средба во нашето срце со нашите ближни – во Бог, е оствареното Царство Небесно внатре во нас, уште сега и овде. И тука нема ништо безлично, ништо бесмислено и ништо смртно. Напротив, во nего сѐ е лично, сѐ е осмислено, сѐ е бесмртно, сѐ е во просветленост, сѐ е во радост, сѐ е во познание.
Царството Небесно е внатре во нас, а ние не сме таму. Бог лично стана човек и дојде да ни ги открие перспективите на Царството Небесно, како и да нѐ повика на покајание – на влез во истото, иако знаеше колку ќе пострада. Мислите, не вредеше Неговата жртва?”
Митрополит Струмички Наум
10 / 11 / 2026
++++++++++++
Божествена Литургија во скитот ,,Рождество на Пресвета Богородица” кај Кампулунг во Романија. Митрополит Струмички Наум, Митрополит на Куртеа де Арџеш и Мушчулуи Калиник.


