// Google analytics code

Христос се роди! – Игумен Гаврил

gggБожикниот пост помина. Порано не верував дека искушенијата се поголеми за време на постите, но сега, и тоа како, верувам.

На крајот го дочекавме и споменот на рождеството Христово во мир.

Овој пост го идентификувам со патот на трите мудреци кои ја следеле божествената ѕвезда од незнабожечкиот Вавилон за да му се поклонат на Богомладенецот во Витлеем Јудејски. Кој знае какви маки, тешкотии, болки, студови, жештини, напади од нечесни луѓе и диви ѕверови и секакви искушенија претрпеле, но со нивната цврста желба, силна волја и апсолутна решеност ги победиле сите искушенија и препреки на патот до Христос.

Меѓутоа, кога го откриле и го виделе Христос, на се заборавиле, а нивните очи повеќе не ја гледале сјајната ѕвезда патеводителка, туку Христос, вистинскиот Бог наш, сонцето на правдата.

Во ширум отворената пештера, која дотогаш била ладна и темна, сега силно ограјало Сонцето на правдата кое ја осветлила целата просторија и се создадено.

Христос е Оној Кого го бараме и на Кого се поклонуваме. Тој е нашиот живот. Патот до Него е долг, тежок и трновит, но кога ќе го возљубиме со сето свое срце, со сета своја мисла и со сета своја сила, тогаш и ќе бидеме спремни да претрпиме се за Него.

И на крајот, да ја отвориме нашата темна и ладна пештера, срцето, за во него таинствено да се роди Христос, вечната правда и Вистина.

Затоа заедно со ангелите да запееме: “Слава на Бога во висините, на земјата мир и меѓу луѓето, добра волја!”

И да му принесеме дарови како мудреците духовно злато, смирна и алој, т.е. Богопосветлена мудрост, срдечна молитва и добри дела!

За многу години.

Христос се роди!


About The Author