// Google analytics code

Житие на светиот старец Јосиф Исихаст Спилеот – Отец Гаврил Галев

Elder-Joseph-the-Hesychast2~+~

Монаштвото познава неколкумина преподобни личности, монаси, кои во свое време оставиле неизбришлив печат во историја на Православната Црква. Една од тие духовни вождови на монаштвото, со право можеме да кажеме дека е И преподобниот старец Јосиф Исихаст од Света Гора. Тој е препородителот и патеводителот на денешното монаштво на Света Гора и Грција, и Америка, а ќе се осмелиме да кажеме во Македонија и Балканот па и овде во Австралија. Тој со своето мало монашко братство: Старец Ефрем Филотејски, Cтарец Харалампиј Дионисијатски, Старец Јосиф Ватопедски, Старец Арсениј Спилеот Исихаст, а негов ученик е и Старец Ефрем Катунакиотски го подига духовниот живот во манастирите на Света Гора: Филотеј, Дионисијат, Ватопед, Каракалу, Ксиропотаму, Костамониту и во многуте нивни метоси, а нивното дуxовно искуство има влијанија и во сите други манастири, скитови и ќелии на Света Гора и надвор од неа. Денес негови посредни и непосредни ученици, по Божја промисла, Бог ѓи распространил насекаде во светот и неговите духовни четива се преведени на многу светски јазици.

Старец Јосиф Исихаст или Спилеот е роден 1898 година во селото Левкис на островот Парос во Грција. Бил избран уште од утробата на мајка си за службата Божја. Тој од мали години го загубил татко му и за неговото воспитание се грижела неговата, особено, побожна мајка. Бидејќ и неговото семејство било многу сиромашно младиот Франциско, како што се викал пред да се замонаши, морал уште од најрани години да работи за да го обезбеди неопходното за опстанокот на семејството.

На свои 18 години сам заминува за Пиреја каде што живее и работи. Го завршува воениот рок во морнарицата а потоа продолжува да работи. Тој бил многу силен, храбар и снаодлив како момче и работејќи како трговец бргу се збогатува. На дваесет и три годишна возраст почнува да чита светоотечки книги. Читајки ги подвизите на Cветите Отци и поминувајќ и го се повеќе времето во молитва и повизи пополека се оддалечувал од светот и светскиот метеж и врева. Неговото срце тежнеело не кон пропадливото и лажното земно богатство туку кон нетрулежното, вечно и непроценливо богатство на дарот на благодатта на Светиот Дух во Црквата. Се откажува од се што имал, ce раздал на сиромаси и се упатил кон небоземната држава на Царицaта Небесна, Мајката Божја, на Света Гора Атонска.

Кога пошол таму најпрво прошетал надолж и попреку по Света Гора барајки  старец и место за подвиг. Како пчелата што лета од цвет на цвет и го собира најубавиот нектар така и тој одел од Старец до Старец и се напојувал од небесниот нектар на благодатта Божја собирајки го нивното духовничко искуство за свое лично надградување, растење и заеднчарење во Бога. На празникот на Преображение се искачил на врвот на Света Гора, каде има мала црквичка посветена на светото Христово Преображение и таму го сретнал отец Арсениј кој понатаму ќе му стане неразделен пријател и соподвижник. Од таму заедно со него отишле кај прочуениот Cтaрец Даниил на Катунаќа кој ги советувал да си изберат (понајдат) Старец, кој и не мора да е некој познат и нему да му се потчинат во послушание затоа што патот на животот во Христа е предание и дарот на Cветиот Дух се предава од Старец на духовното чедо и без благослов од Стрецот и беспрекорно потчинување и послушание нема спасение и обожение. Тогаш тие го пронашле Cтарец Ефрем кој живеел во келијата “Благовештение“ и му се пpедале во послушание. Неговоро ракоделие било правење на дрвени буриња за вино. Тој бил прост, добродушен, мирен, тивок, незамисливо молчалив и благ Cтарец. На нивното доаѓање за искушеници неговата радост била неискажлива. Старец Ефрем и го замонашува младиот Франциско со монашко име Јосиф во пештерата на Cв..Атанасиј.

Неуморен во подвигот на барањето и страданијата за поголемо молитвено тихување  во непрестајното призивање на Името Божјо. т.е. Исусовата молитва: “Господи Исусе Христе, помилуј ме”, со сеноќни бденија и строги пости Старец Јосиф многу рано го стекнува, дарот на чистото срце и на  непрестајната умносрдечна молитва.

Еден ден наоѓајќи се во особена усрдна молитва и плач, но и душевна тага заради тоа што неможел да го пронајде своето место за подвиг, доживеал откровение на Божјата милост. Кога во еден миг погледнал на црквичката на Пресвета Богородица во себе почувствувал неискажлива радост и одеднаш здогледал еден светол зрак кој излегол од црквичката застанувајќи како виножито над него. Тогаш целиот се променил заборавајќи на себеси. Се исполнил со светлина внатре во срцето и надвор околу него насекаде, нечуствувајќи го своето тело. Тогаш Исусовата молитва почнала да извира од неговото срце без никаков напор. Тоа била благодатта Божја и одтогаш непрестајната Исусова молитва останала засекогаш во неговото срце, но не со толку силно дејство како во првиот момент.

Одпосле, кога веќе на себе го зема и јаремот на светото послушание, имајќи го веќе опитот и пламенот на молитвата тој не го намалил својот подвиг. Секоја вечер по зајдисонце одел на едно осамено место и седел на дрвено столче и шест часа непрестајно ја изговарал Исусовата молитва заклучувјќи го својот ум во срцето. Времето го мерел со еден будилник кој го поставувал подалеку од себе за да не му пречи во молитвата, предходно навивајќи го за да ѕвони по шест часа. Една ноќ така пребивајќи во молитвата бил осветлен од несоздадената Божествена светлина која толку многу се раширила што го осветлила целото тоа место, слично како на гората Тавор каде Cв. Ап. Петар му рекол на Господа “добро ни е да бидеме овде”. И отпосле кога си дошол на себеси, забележал дека будилникот одамна ѕвонел, без да го слушне. После ова созерцание, благодатта на молитвата кај него се умножила.

Бидејќи нивниот исихастички живот не се сопаѓал со типикот на отците во околината за што имале и отпор и за да не ги соблазнуваат се преселиле во тивкото место “Cв.Василиј “. Но и овде не останале долго бидејќи наскоро со смрт на преподобен предвестувајќи си го својот смртен час се упокол во Господа нивниот Старец Ефрем.

Зимскиот период го поминувале во својата ќелија во пост и молитва, а преку летото Старец Јосиф, сега заедно со својот соподвижник Старец Арсениј, повторно се препуштил на скитнички живот немајќи ништо земно како што вели Господ: не земајте ниту стап ниту обувки…  туку оделе од место на место барајќи поуки од Cветите Старци, подвижници. И кога пешачеле тие беспрекорно се држеле до тихувателниот начин на живеење одејќи на растојание еден од друг запазувајќи го така возљубеното молчание. Јаделе само сув леб. Стрец Јосиф јадел по 75 грама сув леб и тоа  после деветиот Византиски час. Секоја Сабота и Недела оделе на Литургија во манастирите каде го добивале вообичаеното јадење како и сите други. Во овој подвиг поминале 8 години.

Отпосле тие одлучиле повторно да се повлечат во “Cв.Василиј “и подолгиот дел од денот да пребиваат во своите ќелии насладувајќи се од кажувањето на Исусовата молитва.

Таму си изградиле и мала Црквичка посветена на Рождеството на Cв.Јован Крстител и почнале дa прават дрвени крстчиња како секојдневно монашко ракоделие. Старец Арсениј го изработувал погрубиот дел оформувајки ги, а Стрец Јосиф гo резбал на нив Распетието, од едната страна и ликот на Богородица од другата.

Таму тие живееле скоро затворенички живот. Стрец Јосиф за прв пат почуствувал телесна борба која вообичаено се случува кај почетниците и во таква тешка борба поминал цели 8 години.

Орлите се собираат каде што е трупот. Боготрагателите, они кои копнеат по возвишени цели, се собираат онаму каде се духовниците, духоносците, кои како огнени столбови и немирисами кринови зрачат и благоухат со својата светост и духовна убавина. Во тоа веме околу нив почнале да се собираат и други монаси и искушеници. Многумина дошле но малкумина се задржале. Бидејќи неможеле да го издржат нивниот тежок исихастички типик (правило, устав на живеење). Старец Јосиф го усвоил правилото никого да не одбива, туку секој со љубов да го прима се додека сака да остане. Старец Јосиф особено се грижел и за немоќните, душевно болните и бесомачните кои само ако имале послушание и заради неговата вештина во борбата со страстите се излекувале.

Барајќи поосамен и тивок живот во Јануари 1938 година се преселиле во некои пештери близу скитот Мала Света Ана. Таму,го заградиле дворното место, co дрва и кал, направиле три ќелии кои биле долги метар и осумдесет и широки метар и педесет во кои освен од непоходните работи немале ништо друго и во една од пештерите направиле црквичка на св.Јован Крстител, во која се служело еднаш или двапати во неделата за да се причестат.

Нивниот типик бил следниот: работеле до пладне, потоа се повлекувале во осама и се молеле на бројаница наместо вечерна служба и по малку читале. Потоа се собирале заедно на јадење и со благослов на Старец Јосиф се повлекувале во своите ќелии за одмор. По одморот следувало молитвено бдение до полноќ, секој во својата ќелија. Ако требало да се служги Cвета Литургија таа се служeла по полноќ, а ако, пак, немало Литургија младите монаси или нешто читале или го посетувале Стрецот за исповед и духовен совет или продолжувале со Исусовата молитва. Потоа пак, следувал мал одмор. Кога пак, Отец Харалампиј станал јеромонах, тогаш се служело секој ден Литургија И секој ден се причестувле со животворните и спасителни свети тајни како наш Леб насушен.

За време на великите пости и така тешкиот живот, станал неподноcлив. Младите монаси со голема љубов желба и усрдност се труделе да го следат подвигот на својот Старец, но таа нивна жртва ги донела до крајните сили на изнмоштеност така да Стрец Јосиф во Јуни 1951 година одлучил да се преселат во Новиот Скит (Неа Скити).

Таму се населие во некои колиби малку оддалечени од скитот и бидејќи Старец Јосиф од болест неможел да пешачи ниту пак да остане без Литургија и причест и овде изградиле мала црквичка повторно посветена на св.Јован Крстител. И во Неа Скити тие го продолжиле својот строг молитвен типик. Старец Јосиф не попуштал во својот строг подвиг туку настојувал и да го зголеми. Прележaл две тешки болести од кои за првата несакал да се лекува надевајќи се само на Господ и Пресвета Богородица. Се опоравил после една година. Неговото тело постанало една рана но не се откажувал од своето возљубено молитвено правило. Болестите, строгиот и тежок подвиг, суровите услови допринеле неговото здравје драстично да се влоши. Во последните четириесет денови  од својот живот речиси вопшто и не јадел, причестувајќи се секој ден и вкусувајќи по малку лубеница.

Неговата смрт била на преподобен. Предвреме бил известен од Пречиста Богордица за неговата кончина дека ќе го земе на Нејзиниот празник. И на самиот празник успение на Пресвета Богородица, за последен пат се причестил со светите тајни изговарајќи ги зборовите за попатнина кон живот вечен, ги собрал своите ученици за испраќај и последен благослов. Во својата ќелија го оставил само Старец Арсениј и мирно ја предал својата блажена и чиста душа во рацете на Пречистиот, за Кого цел свој живот копнееше и живееше.

Се упокоил на шеесет и една годишна возраст а изгледал како престар.

 

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

29 / 08 / 2017

 

На 9 Март 2020 лето Господово, Светиот Синод на Вселеската Партријаршија го канонизирал за Светител Старец Јосиф Исихаст.

По молитвите на Свети Јосиф Исиxаст, Господе Исусе Христе Боже наш, помилуј нас.


About The Author