Петта недела од великиот пост: Недела на Света Марија Египетска
Eвангелие на денот: Марко 10:32-45
~+~
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Приближувајќи се до големиот празник Воскресение, a пред него и Страдалната седмица, така во свое време Господ Исус Христос сакајќи на апостолите, на своите најблиски ученици да им ги открие настаните што ќе дојдат и да ги подготви, почнува полека и се поотворено да им зборува за тоа.
Искачувајки се кон Ерусалим им открива на своите ученици дека се приближува моментот кога народот ќе се откаже од Него и ќе го осудат на смpт и ќе биде распнат. Сепак, покрај сетa таа трагедија, Господ им дава надеж дека и покрај тоа, ќе воскресне и ќе го исполни тоа за кое што беше дошол.
Да воскресне и да го подигне паднатиот род човечки. Повторно да го постави на претходното достоинство на кое што бил Адам пред да згреши и за кое што Бог не’ создал. А тоа е живот вечен и вечна радост во Царството Небесно.
Меѓутоа оваа тајна малкумина ја знаат, дури и неговите апостоли, најверните ученици, промашиле. Така да кога разбрале и слушнале за тоа дека Христос ќе ги напушти и и со тоа им се руши сета идеја и надеж за кариера во животот овде на земјата, браќата Јаков и Јован, поучени од својата мајка, посакале да им се исполни една неразумна желба, да седнат од десно и од лево Него. Како одговор на ова нивно барање, Тој им дава една сосема поинаква слика за тоа како ќе изгледа Неговото Царството, спротивно од ова, тука на земјата.
Овде владеат силните, владеат моќните, владеат ќе речеме и нечесните, и злото. Меѓутоа во Царството Небесно ќе биде обратно. Во Царството Небесно оние кои што најмногу претрпеле, кои што најмногу се заложиле, најмногу покажале љубов кон Христос, а со тоа и кон своите ближни, па дури и кон непријателите, ќе бидат меѓу првите. И затоа Господ ги учи да се подготвуваат уште овде на земјата, да го живеат тој начин на живот. Зашто најголемата пречка да се влезе во Цаpството Небeсно е гордоста, суетата и високото мислење за самите себе.
Ние цел живот растеме во тоа наше искачување и позиционирање во овој свет. Но, кога ќе дојде моментот да се напушти овој свет и да се влезе во Царството Небесно, оние кои што не се научени да се смируваат, што не се научени да љубат, дури да ги љубат и непријателите, за жал за нив ќе нема место таму. Затоа таму ќе видиме многу луѓе кои што во нашиот живот можеби не сме ги сакале, можеби на некој начин ни пречеле, над кои што сме се вознесувале, сме се однесувале неприродно, односно со гордост, со суета сме ги повредувале, а таму ќе биде обратно.
Затоа браќа и сестри да се поучиме од ова Евангелие, не да се туркаме и да се бориме за позиции овде на земјата. Ако Бог ни ги даде – може да ги прифатиме, меѓутоа, како што и Самиот вели, не да ни служи некој на нас, туку ние да им служиме на другите. Со позицијата што ја имаме да им помагаме на луѓето и така да се вподобуваме на Бога, на тој начин да покажуваме сличност со Господ. За кога ќе дојде тој момент на нашето претставување од овој свет, да се препознаеме таму и на тој начин да ни биде загарантирано местото од левата или десната страна на Христа. На поинаков начин не можеме да го спечалиме Царството Небесно и седењето од десно на Бога Отца. Амин.
Отец Гаврил Галев
Игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
30 / 03 / 2026

