// Google analytics code

Петровиот плач – Игумен Гаврил

La-unción-del-galloОткако св. ап. Петар се откажа од Христос три пати, а по песната на петелот како што беше речено, совеста негова се разбуди и тој горко заплака. А зошто се случи? Заради преголемата верба во себе, наместо во Него. Заради самоувереноста. Господ, Кој ги знае срцата на сите, веќе ги беше предупредил учениците дека кога ќе дојде искушението, ќе биде оставен. Петар тогаш, самоуверено и гордо, му противречи и избрзувајќи вели дека и сите да се соблазнат заради Него, тој никогаш нема да го остави. „Вистина, ти велам: дека уште денес, во оваа ноќ, пред да запее петел двапати, ти трипати ќе се откажеш од Мене” (Марко 14, 30). Зошто Тој, Господ, ја препознава слабоста, превознесувањето човечко оти “…духот е бодар, но телото е слабо.” (Марко14, 38)
Доаѓа искушението, Господ се сокрива, благодатта се повлекува и Петар се откажува од Христос. Петелот запеја, се разбуди совеста, Петар се сеќава на својот грев и горко плаче. Жалејќи плаче зашто се одрече од Христос. Додека Христос беше со него, односно додека ја имаше во себе благодатта Божја, тој храбро велеше дека ќе биде со Христос и ќе умре за Него, а кога благодатта се скри тој трипати се одрече од Него.

Откако се одрече од својот Учител и Бог, ја почуствува празнината во неговото срце и во него се всели покајниот плач, низ кој го бараше загубениот Господ. Деноноќно повикување во длабочината на своето испразнето срце: Господи Исусе Христе, помилуј ме!

И кога слушна за Воскресението Негово прв истрча да (Го) види и да Му падене пред нозете барајќи прошка, а заедно со Јована. Петар и Јован. Покајание и љубов. А зар љубовта без покајание?  Љубов без покајание не е љубов туку прелест, страст. И повторно и повторно повикуваше: Каде си Исусе? Каде си Исусе, Боже мој? И Го немаше. Отрча до гробот и го најде само повојот Негов положен во него.

Труд, напор, усрдност, покајнички плач се скалилата до Него. Да го бараме за да го најдеме.   И повторно ништо и повторно плач, но овој пат со една светлина на надеж дека Он е тука и од некаде ќе се појави.

Што го исполни срцето Петрово и што се случуваше во душата негова кога Христос дојде, кога пред него се појави и кога тој повторно го виде својот Бог и Спасител? Кога Господ му даде повторна можност за покајание? Се случи нов живот. Нова надеж. Нова љубов. Трипати, според трикратното откажување, Го прашува: “Ме љубеш ли?”. “Да Господи, Ти знаеш дека те љубам”. И повторно Бог го прими Петра и Петар Бог, и во неговото срце се всели безмерната преслатка благодат Божја и тогаш тој сакаше сам да е со Господа. Та и ученикот кого го љубеше Он (Јован), му пречеше. И дури тогаш Господ му дозволи да врви по Него. Го праќа во мисија.

Како би ги протолкувале овие настани, ако не дека сите ние заради своите гревови се откажуваме од Христос, секојдневно. Гревот е отстапување од Христос, од Бог. Но Бог е милостив, Бог е љубов и Он ни даде начин како својот грешен живот преку покајанието и љубовтa треба да го усмериме. Падот на Петар не е случаен, Господ, Кој ги знае срцата на сите, принесувајќи ни се себе и тогаш и сега, низ падовите не усмерува. Зошто без Бога, без Неговата благодат, не можеме ништо да направиме.

Сите ние имеме потреба од Бога, сите ние сакаме да го пронајдеме Бога и cите ние сакаме да сме со Бога. А Бог, нашето срце го избра за Свое дом, и таму треба да го бараме. Скриен од мноштвото наши страсти во него (срцето), Тој чека на нас да го пронајдеме. Покајничкиот плач, првиот чекор на скалилото до Него, а изговарајќи Господе Исусе Христе помилуј ме непрестајно во неговото пребивалиште (срцето) е патот на градењето личносна заедница со Него. И кога ќе го најдеш, сакаш да бидеш само со Него, да му паднеш пред Неговите пренепорочни нозе, да го гушнеш и да го имаш.

Е затоа св.ап.Петар рекол: “ А овој пак зошто?”.

Господи Исусе Христе, по молитвите на светиот апостол Петар, помилуј ме.

 

 

 

 

 

 

 

 


About The Author