// Google analytics code

Како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив! – Игумен Гаврил

31. Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив!

32. И ако ги сакате оние, што вас ве љубат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците ги милуваат оние, што ги сакаат нив.

33. И ако им правите добро на оние, што вам ви прават добро, каква ви е наградата? Оти и грешниците го прават тоа.

34. И ако им давате заем на оние, од кои се надевате дека ќе ви го вратат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците им даваат заем на грешници, за да им се врати истото.

35. Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто и Он е добар кон неблагодарните и кон лошите.

36. И така, бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец.

(Лука 6, 31)

Господ Исус Христос најчесто поучува јасно, поучно и директно, разбирливо и за најнеуките луѓе. Неговите зборови секогаш се полни со благодат и вистина.

Зашто, што има поедноставно од ова правило: ‘како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив’ (Лука 6, 31)? Не напразно нашиот народ, поучен во духовниот закон, вели: ” Кој што прави, за себе си прави”. Односно, кој прави зло, на себе си прави зло. Кој прави добро, на себе си прави добро.

Нема човек кој сака да биде повредуван, клеветен, лажен, обесправдан… Па според тоа ако не сакаме со нас така да постапуваат, тогаш и ние треба да бидеме благи, милосрдни, полни со љубов, да не завидуваме, клеветеме, лажеме… Но, ако случајно кон нас така се однесуваат, треба да се запрашаме дали и ние не сме се однесувале така кон некој друг?

Треба да се трудиме да не правиме зло никому па дури и да не прифаќаме и лоши мисли за никого внатре во нашето срце! Зашто злото е внатре во нас самите и не разјадува и разорува, а не оној против кого е насочено.

Ако на злото што ни го прават одговориме со добро, тогаш и себеси се заштитуваме од демонското влијание и на нашиот непријател му оставаме време, можност па дури и сила за покајание.

Ако на злото вратиме со зло, ништо не правиме. Макар да мислиме дека сме постапиле праведно и сме му “одржале добра лекција”, сепак во суштина ништо не правеме туку само го умножуваме злото на радост на ѓаволот од кого е сето зло, а за наша пропаст. Тогаш со ништо не покажуваме дека сме христијани и следбеници Христови, туку стануваме и извршителите на волјата ѓаволска или поточно негови слуги.

Само ако сме милостиви, полни со љубов, добрина, не мислиме зло, простуваме, па дури и на непријателите, тогаш сме носители на благодатта Божја (затоа што само со Божјата благодат можеме да твориме добро) и сме вистински христијани и синови Божји.

Во ова евангелско четиво, Бог јасно ни заповеда како треба да се бориме за да го истиснеме злото од нашите срца на првиот степен, во периодот на борбата за очистување на срцето заробено од страстите.

Бог не предупредува каква не треба да биде нашата љубов, од интерес или наемничка, т.е. Да не бараме возвраќање на едно за друго. Во тој случај се работи за обична трговија, а не за љубов. Зашто само со проверка на љубовта кон непријателот и враќање на добро за зло покажуваме дека сме Христови и подобини на Бога и само тогаш сме вистински синови Божји.

Затоа да внимаваме на кого му служиме! Не можеме истовремено да бидеме и слуги Божји и слуги демонски.


About The Author