// Google analytics code

Исповед – Игумен Гаврил

o.g. Исповедта е насушна потреба за сето паднато човештво. Таа е помирување и повторно враќање на човекот при Бог. Исповедта е најтесно поврзана со покајанието, и секогаш неразделно поврзана со него. Нема правилна исповед без покајание. Ако нема покајание, нема ни исповед. Откако ќе ја почуствуваме и осознаеме нашата падната состојба и нашето отуѓување од животворниот Бог, станувајќи свесни дека токму нашиот грев е тој што ја нарушува таа благодатна и љубовна заедница со Него, а лишувајќи не од животворната енергија, стануваме свесни дека ништо всушност немаме ако не го обновиме тој однос и таа заедница со Бог. Тогаш го отфрламе сето она што го предизвикало нашето отпаѓање, и се што не одделува од Бог. Таква треба да е исповедта, бидејќи само како таква е исцелителна и спасителна за нашата душа.

За да зборуваме за исповедта, потребно е поточно да се знае што е гревот. Гревот не е нарушено правило, закон, бон-тон или кодекс на живеење, туку гревот е егзистенцијално промашување и раскинување на нашата заедница со живиот Бог. Он нам ни се открил во Евангелието и според тоа нашиот живот треба да го восогласуваме со Евангелието. Христос е Патот, Вистината и Животот, па така, сето она што е надвор од Него, се она што не одделува од Него како неизменлив Бог, и не прави не слични со Него, е животно промашување и грев.

Како би можеле наједноставно да ја опишеме исповедта?
Да речеме дека нашиот живот е патување на брод и ако на тоа патување доживееме бура, за да се спасиме од бродолом треба да го испразниме (олесниме) бродот. Најпрво ги исфрламе покрупните работи, а подоцна и оние поситните, односно понезабележителните работи. Така е и со исповедта. Сето она што ни тежи и го прави несигурен нашиот живот во Бог, го исфрламе и се ослободуваме од него. Со првото доаѓање на исповед, човекот се враќа при Бога и се присоединува кон Црквата. На првата исповед најчесто се исповедаат видливите за нас гревови: гревовите телесни, направени со дело и со збор. Подоцна, откако делумно ќе го исчистиме нашето срце од страстите и откако ќе влезе во него светлината на очистителната благодат Божја, ќе можеме да ги препознаеме, односно освестиме и посуптилните гревови и страсти. Исто како што во една затворена, темна просторија, кога ќе го тргнеме пердето од еден прозор за да влезе светлина: најпрво се забележуваат покрупните работи, а ако продолжиме со пропуштање на светлината, ќе може да се забележи и најситната прашинка. Не е во ред ако нашата исповед останe на исто ниво како и првата. Тоа значи дека немаме духовен напредок и неправилно живееме, затоа што на првата исповед, Бог ни дава т.н. прво просветлување, кое е плод на очистувачката благодат која ни соодејствува на нашиот подвиг на очистување на срцето од страстите. Преку неа ни се дава можност да ги забележуваме сите наши слабости и гревови. Таа прва светлина, треба да ја насочиме кон себе, за согледување на своите слабости и грешки. Затоа што постои демонско искушение и наместо со таа светлина да ги видиме своите недостатоци, ние ја насочуваме кон гледање на туѓите слабости и гревови. Ако ја насочиме кон согледување на своите гревови и страсти, тогаш таа за нас станува исцелителна, но ако ја насочиме кон судење и осудување на другите, тогаш таа ќе биде за наша осуда. Тогаш, паѓајќи од темнина во темнина, нашата состојба станува полоша од првата според зборовите Христови: откако демонот ќе биде изгонет од нечие срце, тој се враќа назад и го наоѓа домот празен, изметен и уреден, тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и штом ќе влезат, таму и ќе живеат, и последната состојба на тој човек станува полоша од првата.(Матеј 12, 43-45) Значи, срцето не треба само да го испразниме, туку треба и да го исполниме со благодатните плодови на Светиот Дух.

Како правилно да се исповедаме?
За исповедта да ни биде за исцеление и за спасение на душата треба правилно да се исповедаме. На исповед не се оди за разговор со свештениот, да се фалиме колку сме добри, ниту да ги исповедаме другите, притоа судејќи ги и осудувајќи ги истите. Не треба да заобиколуваме, ниту пак да избираме убави, префинети зборови ублажувајќи ја сопствената вина. Да не се самоправдуваме или да го убедуваме духовниот Отец да застане на наша страна за да не оправда, туку да се осудиме самите себе и да си ги признаеме пред Бога и духовниот Отец сите свои гревови, да побараме прошка за нив и совет како да живееме. Секогаш носечка мисла при исповедта е: „јас сум виновен за се“. Усвојувајќи ја таа мисла, сите наши мисли и чуства добиваат друг тек и нема да ги осудуваме другите, а секогаш вината ќе ја наоѓаме во нас и ќе се каеме за тоа.

Гревот е рана и треба да се излечи. Еден од најефикасните лекови е исповедта. Колку е попрецизна исповедта, толку е побрзо лекувањето. Со тоа покажуваме и посилно покајание, страв Божји, љубов и решеност да се ослободиме од гревот и заживееме здрав христијански живот.

Исповедта треба да биде прецизна, длабока и искрена, и тоа ја прави делотворна. Накратко да ја опишеме ситуацијата во која и со која сме паднале и потоа да исповедаме што во моментот се случувало и продолжило да се случува во нашето срце. Сите лоши и негативни реакции на срцето и умот.

Кај гревовите од првите две групи на страсти, сластољубието и среброљубието гревот се случува најпрво со предлог, прифаќање, потоа разговор со предлогот (помислата), согласување, желба, грев и страст. Во ситуациите пак, кога е повредено нашето его (третата група на страсти, славољубието), прва реакција е помрачувањето на умот, потоа ни оладува љубовта, се гневиме, судиме, осудуваме, злопамтиме… и, ако не ги прекинеме навреме овие реакции на нашето болно и острастено срце, почнуваме да грешиме со збор, па и со дело. Неколку пати повторен грев, создава страст, заробеност на срцето од тој грев и потоа, тој потешко се лекува.

За таквиот грев е потребен и поголем подвиг при негово очистување. Со исповедта се простува гревот, но раните, последиците од него се уште остануваат и за нив треба извесно време за целосно да се излекуваат. Постои и поголема демонска измама – срам да се каже дека гревот се повторил или помислата дека му досадуваме на духовниот отец. Духовниот отец не е оној што ги суди децата, туку оној што ги сака и духовно ги води. Он своеволно се предава на служба на љубовта. Затоа не треба да се плашиме, туку да се исповедаме редовно дури и кога духовниот отец не прекорува и разобличува. Ако исповедаме некој грев постојано, со тек на време, демонот кој стои зад него, губи сила, а и ние ќе почнеме да внимаваме да не грешиме.

Господ ни дава ситуации и искушенија, за ние да се освестиме и да видиме што криеме во срцето. Преку искушенијата да се видиме самите себе. Тоа е вид просветление и тогаш треба да го насочиме кон себе, а не кон осуда на братот, сестрата. Ако судиме некој за нешто, знајте дека од истото за што судиме, патиме и ние. Тоа е правило.

И на крајот да заклучиме: Богочовекот Исус Христос е наш критериум за животот, а не некој друг и нашиот грев е во однос на Него. Колку сме неслични со Христос, толку сме погрешни и подалеку од Него. Затоа, се она што не прави неслични со Христос е тема на нашата исповед. Заради тоа се каеме и тие погрешни чекори ги исповедаме пред свештено лице кое е икона Божја, притоа пазејќи да не обвинуваме некој друг туку себе си, и секој совет од него треба да го сметаме како совет од Христос и да го исполниме. Исповедта треба да е редовна, а не само од време на време – повремена. Колку повеќе се исповедаме, толку повеќе душата станува по осетлива и ние се вподобуваме на Христос, Кој е нашата цел и утеха.


About The Author