// Google analytics code

Иако ни прати нем човек – од Лавсаикот

Живееше во Мала Азија богато благородно семејство. Тоа беа великодушни, добронаравни и верни луѓе. Синот единец, откако порасна и го заврши своето образование, посака ангелски живот и се одлучи за пустиножителство. Долго трагаше по скитовите на египетската пустина, додека еден ден не сретна еден многу строг Старец. Веднаш благородникот го замоли да го прифати како свој послушник во скитот и истовремено изјави дека ќе прифати потполна послушност кон својот Старец.

– Врати се назад во твојот крај, – му рече Старецот – и потруди се да го направиш она што Го рекол нашиот Господ. Значи, собери го својот имот и раздај го на сиромасите. Кога ќе го направиш тоа, пак врати се овде и ќе те примам.

Момчето направи метанија и послушно се врати во својата татковина. Го продаде сиот свој имот, а парите ги раздели на сиромасите. Задоволен што го послуша советот на старецот, сега сиромашен се упати назад во пустината и скитот. Старецот со задоволство го прифати и кога стана монах, еден ден го повика, па му рече:

– Од сега ќе живееш во онаа ќелија покрај ѕидот и воопшто со никој нема да зборуваш.

– Нека е благословено, – одговори монахот, па отиде и се пресели во ќелијата која му ја назначи Старецот. Таму остана пет години и се подвизуваше строго, не изговарајќи ниту еден единствен збор. Неговата преданост и трпението не можеа да останат скриени од останатите братја, кои му се восхитуваа и многу го почитуваа. Монахот продолжи да се подвизува во својата ќелија, кога еднаш го посети неговиот Старец и му рече:

– Гледам, дете мое, нешто што ме жалости. Ти овде немаш никаква корист. Од братјата слушам многу пофалби, кои навистина не ги вреднуваш, и така си во опасност да ја изгубиш својата душа. Треба, значи, да заминеш од Египет; затоа, подготви се. Одлучив да те пратам во општожитие.

Монахот ја наведна својата глава и, не велејќи ништо, покажа послушност кон волјата на Старецот. Веднаш ги подготви оние малку свои работи и појде на далечен пат. Малку пред заминување, Старецот му даде писмо со препорака за игуменот на манастирот во кој го праќа. Меѓутоа, Старецот не се сети на својот послушен ученик да му каже дали таму каде што оди треба да зборува или не. А монахот, откако Старецот не рече ништо, продолжи да ја следи неговата поранешна заповед, така што устата ја држеше затворена. Негов збор веќе не можеше да се чуе.

Кога стигна во општожителниот манастир, игуменот го прифати и монахот таму повторно го започна својот подвиг. Поголемиот број од отците во манастирот мислеа дека е нем. Меѓутоа, игуменот имаше некои недоумици, па сакаше да ги расчисти. Затоа го повика и му рече:

– Сакам, оче, да одиш надвор од населбите, кај големата река и да прејдеш на спротивната обала, за да ни донесеш некои намирници за манастирот.

Монахот послушно ја наведна главата, прифаќајќи ја заповедта. Значи, се упати кон реката, но пред заминување, игуменот прати и еден друг монах да го следи. Игуменот одлично знаеше дека реката е преплавена и дека никој не е можно да премине на другата обала. Затоа и го прати таму младиот послушник, затоа што веруваше дека тој, бидејќи нема да може да прејде, ќе биде принуден да се врати назад и да му го соопшти тоа, па така ќе се увери дека овој навистина е без глас.

Штом послушниот монах стигна кај реката и се соочи со поплавата, сфати дека е невозможно да прејде преку неа. Без многу размислување клекна и почна топло да се моли со солзи во очите, но со устата постојано затворена. Кога заврши со молитвата, му пријде еден крокодил од реката и застана покрај него. Тогаш монахот се качи на него, а големиот рептил, сечејќи ја реката, го пренесе на другата обала.

А собратот, кој според налогот на игуменот го следеше, се зачуди поради оваа чудесна случка и се воодушеви на добродетелноста на монахот и силата на неговата молитва. Се врати во манастирот трчајќи, па раскажа сé што се случи. И игуменот се воодушеви за случката и од тој момент сите многу го почитуваа монахот и сметаа дека е благослов за манастирот тоа што еден таков монах живее со нив.

После само неколку години, овој монах, кој беше пример за послушание, ја предаде својата душа на Господа и целиот општожителен манастир потона во тага, затоа што изгубија еден свет човек. Игуменот прати писмо до првиот Старец на монахот, за да го извести за блажениот крај на неговиот овоземен живот. Писмото завршуваше со реченицата:

„Иако ни прати нем човек, меѓу нас поживеа како вистински ангел.“

Старецот на послушниот монах, откако го прочита писмото, се восхити на послушноста на својот блажен послушаник, и откако ја напиша вистината за него, ја прати на игуменот. А игуменот ги повика сите отци од манастирот и им ги прочита следните зборови на Старецот:

„Свет игумене, блажениот човек, кој ти го пратив пред неколку години, воопшто не беше нем. Напротив, благодарејќи на заповедта на својот духовник, сиве овие години ги помина во молчење. Сега, кога Господ го повика кај Себе, нека неговите молитви бидат со нас.“


About The Author