// Google analytics code

За Чесниот Крст Христов – Архимандрит Партениј Бигорски

Слово на Архимандрит Партениј на Вечерната богослужба во чест на Воздвижението на Чесниот Крст Христов

14/27 септември 2015 лето Господово

downloadМу благодарам на Господа, мили мои, што и овој пат нè собра во толкаво мноштво и нè удостои сите заедно да земеме молитвено учество во оваа прекрасна Вечерна богослужба отслужена во чест на Воздвижението на спасителниот Крст Христов. Слушајќи ги боговдахновените стихири и четива посветени на овој голем Господов празник, ме обзеде едно силно чувство на благодарност за преголемите милости и добрини на нашиот Спасител, за Неговата неискажлива премудрост и за недогледната длабочина на Неговата татковска грижа за нашето спасение, грижа за нашата вечна радост во непосредна близина до Него.

Особено ме трогнаа старозаветните читања во кои толку живо и сликовито се открива Божјото предзнаење и Неговата чудесна икономија за спасение на човештвото. Вие знаете дека според литургиската хронологија, новиот ден започнува токму со вечерната богослужба, којашто нè потсетува на најголемиот Уметник, на Неговото Божествено ремек-дело – создавањето на светот, и на Неговата преголема грижа за Своите созданија. Затоа, неслучајно нашите свети отци на почетокот од вечерната го поставиле т.н. предначинателен т.е. почетен псалм 103, кој со својот успокојувачки тек, и особено со својата полнота и возвишеност на содржината, на еден поетски начин ја изразува прекрасната слика на Божественото творење, на радоста и благодарноста на сите созданија кон својот Создател. Старозаветниот тон продолжува и во наредните псалми на Господи, воззвахъ…, каде го слушаме молитвениот крик на паднатиот човек кон Бога, и неговата надеж во Божјата милост.

Паримиите, пак, т.е. старозаветните читања што следат после вечерниот прокимен се навистина една силна предвестие на новозаветното Божјо откровение. Во нив често наоѓаме  јасни праслики за богооткриената евангелска вистина. Ова вечер посебен впечаток ми остави паримијата од книгата Исход (2 Мојс. 15, 22-27; 16, 1), чијашто централна тема е четириесетгодишното патешествие на синовите Израилеви низ пустината. Слушнавме од паримијата за случката кога тие, одејќи низ пустината три дена, не најдоа вода за пиење. Најпосле пристигнале во местото Мара, каде што наишле на вода, но таа била горчлива и непитка. И ете, тука веднаш паѓа в очи негодувањето и роптањето на израилскиот народ против Мојсеја, иако тој само што ги беше извел со силата Божја од ропството во Египет и на чудесен начин ги беше превел преку Црвеното Море. Гледајте до колку може да закорави човечкото срце и да стане неблагодарно и нечувствително за Бога! Иако сите го виделе чудото со разделувањето на морето што Господ го направил преку пророкот Мојсеј, сепак, при првото нивно испитание тие веднаш почнале да стануваат маловерни и да роптаат против својот водач, велејќи му дрско: Што ќе пиеме? Но, тука, при оваа случка, освен човечката неблагодарност се гледа и кроткоста и верата на Мојсеј, како и безмерната Божја добрина и долготрпение. Имено, откако Пророк Мојсеј се помолил со смирение и вера, Господ му покажал дрво и тој, преку благодатта Божја, со тоа дрво направил чудо, претворајќи ја горчливата вода во слатка.

Ова старозаветно собитие на еден симболичен начин ни го покажува тоа што Господ подоцна го направи преку Крстот Свој за целиот свет. Зашто животот на човекот оддалечен од Бога станал навистина горчлив, затруен од горчината на гревот, при што таа горчина навлегла во сите сегменти на човечкиот живот. Оти гревот несомнено ја подрива животната радост во човекот дадена од Бога и го претвора неговиот живот во една неподнослива горчина. А, ете, преку Крстот Христов, преку тоа животворно Дрво, светот повторно се исполни со радост, подобно на онаа што ја имале нашите прародители во Рајот пред нивниот гревопад, радост што извирала од нивното постојано и непосредно општење со Бога. Затоа во една црковна песна пееме: „Преку Крстот дојде радост за целиот свет“. Но, како тоа преку Крстот да дојде радост за светот? Дојде, затоа што Господ Исус Христос не го избра патот што го избираат луѓето за да воспостават некаков свој ред, правда или мир на земјата – со несмирение, со негодување и оружје, туку Тој го избра токму спротивното: со Своето крајно смирение донесе нови параметри за правилен поредок во светот, воспостави нова, евангелска логика за стекнување вистинска правда и мир – логиката на љубовта, пожртвуваноста и простувањето. Тој со Своето крајното смирение се распна на Крстот, и преку тоа ни даде пример, но и духовно оружје со коешто можеме да го менуваме светот, со кое можеме горчината од нашиот живот да ја претвориме во радост.

Потребно е само како Мојсеј, со смирение и вера, да го земеме тоа оружје – Дрвото на животот, односно без роптање и со благодарност да го поднесуваме секое испитание што ни се дава како крст за носење. Зашто во продолжение на паримијата се вели: Таму (Бог) му даде наредби и закони, и таму го подложи на проверка, т.е. го испита во верноста и љубовта кон Него. А безбројни се примерите за тоа дека смирението, молитвата и верата прават големи чуда; не е само овој пример од Мара, има уште многу. Ете, го спомнавме пред малку преминот на Израилевите синови преку Црвеното Море. Што се случило таму? Израилскиот народ се наоѓал во еден страшен ќорсокак: пред него се исправило Црвеното Море, а пак, зад него доаѓал фараонот со својата војска за да го погуби. Но, тогаш Мојсеј, изобразувајќи го со својот жезол крстното знамение кон Црвеното Море, го разрешил нерешливиот проблем: морето се разделило, Израилот поминал низ него како по суво, а војската на фараонот потоа се издавила во морето.

Во Новиот Завет, пак, преку Крстот Христов всушност е решен најстрашниот и најтешкиот егзистенционален проблем за човекот – смртта. Распнат на Крстот, Господ го направи најголемото чудо, победувајќи ја на него смртта. И Бог секогаш, доколку Му дозволиме, доколку Му ги отвориме своите срца, преку Крстот Свој ќе прави чудеса, бидејќи силата Негова во слабоста се покажа. Он преку Своето смирение покажа сила и ја победи смртта. Мислам дека на ова треба постојано да се потсетуваме. Да ги отвориме нашите срца, да ја созерцаваме тајната на Крстот, која е навистина преголема и неискажлива, зашто во Крстот се надеваме, со Крстот се крстиме, преку Крстот живееме и преку него живот добиваме од на него Распнатиот Бог и Спасител.

Да ги рашириме и ние своите раце со скрушеност и смирение, и да се сораспнеме со Христа преку нашиот животен крст и тогаш сите оние проблеми кои сега ни изгледаат навистина нерешливи, како што во она време изгледало невозможно да се помине преку морето, Бог ќе ги реши на најдобар можен начин. Да Му дозволиме Нему, Најсмирениот, Распнатиот и Воскреснатиот, да дејствува во нас. И сето она што е невозможно за нас ќе стане возможно, бидејќи сè е можно за оној што верува (Мк. 9, 23). Амин!

Преземено: Бигорски Манастир

 

 

 


About The Author