// Google analytics code

ЗА ДУХОВНИОТ МИР НА СРЦЕТО – Свети Никодим Агиорит)

Твоето срце Бог Го создаде единствено за Него да Го љуби, Нему да му служи , како храм.

Затоа и бара да му го предадеш срцето: “Сине мој, вели, дај ми го срцето свое.”

А бидејќи Бог е мир кој што го надминува секој ум, неопходно е во срцето кое го сака да Го прими, да владее мир.

Само во мир е станот Негов, пее цар Давид.

Затоа, што повеќе труди се да воспоставиш мирно настроение во срцето и сите твои дела и подвизи нека бидат упатени кон стекнување на тој мир, како што рекол големиот авва Арсениј:

„Обрни го сето внимание врз тоа, внатрешното настроение да ти биде во Бога и ќе ги победиш надворешните страсти“.

Мирот на срцето го нарушуваат страстите. Ни ги пуштај страстите до срцето и тоа секогаш ќе биде мирно. Оној кој се бори за спасение , стои вооружен на вратата на срцето и одбива се што се обидува да влезе во него и да го вознемири.

Кога  ќе се поткрадне страсна вознемиреност до срцето, не се втурнувај кон страста со неа да се бориш, туку брзо повлечи се во срцето и погрижи се да го смириш. Штом срцето ќе се смири – борбата е завршена!

Човековиот живот е непрекидна борба и непрестајно искушение. Затоа Јов рекол: „ Не ли е човекот во војска на земјата?“ (7,15).

Искушението предизвикува  борба – и ете, војна! Заради тоа мораш секогаш да бидеш буден и да внимаваш срцето по секоја цена да ти биде мирно и спокојно. Кога во душата ќе ти се појави вознемиреност, задушувај ја веднаш, за да не се симнеш од вистинскиот пат под нејзино влијание.

Зашто, срцето човечко е слично на тегот на ѕидниот часовник и крмата на бродот. Ако го олесниш или го оптеретиш тегот, веднаш се менува брзината на сите тркалца на часовникот и сказалките веќе не покажуваат точно време.

Ако ја свртиш надесно или налево крмата, бродот веднаш ја менува насоката. Исто така, штом срцето ќе се вознемири, во целото наше битие настанува неред , па  дури и умот го губи правилното осудување. Затоа е неопходно срцето да се смирува веднаш штом ќе се вознемири, било со нешто од надвор или од внатре, било на молитва или во кое и да е друго време.

Знај дека ќе умееш правилно да се молиш кога ќе научиш да си го чуваш својот внатрешен мир. Затоа, труди се тоа да го постигнеш и секое свое дело завршувај го во срдечен мир со задоволство и радост.

Чувањето на срцето треба да биде непрекинат подвиг во текот на целиот твој живот и никако не смееш да дозволиш нешто погрешно да го вознемири. Сите твои дела нека бидат во знакот на тој мир и кроткост како што е напишано:

„ Сине, прави ги сите свои дела во кроткост“ (Сирах.3,17), за да се удостоиш на ветувањето на Спасителот:  „Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата“(Мат.5,5).


About The Author