// Google analytics code

За верата – Отец Гаврил Галев

IMG_8713~+~

Верата е основна добpодетел преку која се стекнува спасението. Таа го воздигнува човекот и го пренесува од материјалната/физичка сфера во духовната. Верата е природно својство на душата. Бидејќи човекот е психовизичко битие создаен според образот и подобието Божјо, според тоа, таа е природно поврзана со невидливиот Бог.

Затоа и св ап Павле вели дека: “Bерата е жива претстава за она, на кое се надеваме, и докажување на она, што не се гледа… (1) без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние, кои доаѓаат при Бога, треба да веруваат оти Он постои и дека ги наградува оние, што Го бараат… (6) оти Бог за нас предвиде нешто подобро, та тие без нас да не постигнат совршенство (Евр. 11:1-40).

Секој човек на земјата има вера. Нема човек што нема вера. Дури и оние што најтврдо одрекуваат дека не веруваат во Бог, сепак и тие веруваат во нешто или некого. Меѓутоа, многу е важно во што/Кој веруваме и како веруваме. Бидејки верата е боготкриена вистина, а вистината е една, така да и една е правата вера. Верата во Вистистинскиот Бог нас не прави да бидеме слични на Него. Таа вера си има и свој начин на искажување, тоа е вероисповестта и таа треба секогаш да потекнува од Бога и да не` соединува со Него.

Нашата вера е Православната вера, која е базирана на Светото Писмо и светото предание. Неа Христос ни ја откри, апостолите ја проповедаа, мачениците ја исповедаа, преподобните ја потврдија, а светите отци ја дефинираа како научен систем и начин на поклонение.

Значи, ние ја имаме единствената вистинска вера и должни сме да ја исповедаме и пренесуваме на идните генерации. Децата се нашиот најголем дар од Бога и ние сме одговорни правилно да ги воспитуваме и изградуваме како личности. Без вистинска вера децата се како зграда без темели и носечки столбови. Таквата зграда е нестабилна, се крши и лесно паѓа. Затоа уште од мали години родителите, со кумовите на детето, се одговрни на децата да им ја прeдадат вистинската вера и да ги направат добри личности. Гледаме дека денес, општеството оди во надолна линија и се распаѓа. Верувајте ми дека тоа е пред се само затоа што верата се истиснува од сите сфери на човековото живеење. Кога Бог не ни е критериум, тогаш се друго е нестабилно и релативно.

IMG_8784Целта на ова школо и овие поучителни видеа се насочени баш во таа насока, за децата да се учат на правилното исповедување на нашата вера и нејзино практикување. Правилно да ја научат нашата света православна вера, неизвалкана од туѓи и погрешни учења и искривоколчена од лажни суеверија и бапски приказни.

Почнувајки од учењето за верата во вистинскиот Бог Света Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух. Создавањето на светот, ангелите и луѓето. Првиот грев и отпаѓањето на првите луѓе од Бог и почетокот на стpаданијата.

Потоа, преку верата во Воплотениот Бог, Исус Христос, Словото Божјо, Кој заради нас и нашето спасение се воплоти и стана човек, ја зеде нашата човечка природа, притоа не губејки ја и Својата Божествена природа, за да го обнови и подигне човекот. Кој со Неговата крв на Крст ги откупи нашите гревови и со Неговто Воскресение и Вознесението на небесата го овозможи и нашето вознесение до висините на подножието на славата на престолот Божји на Небесата.

Потоа се учеше за Црквата. Што е Црква, како настанала таа и зошто. За нејзинот внатрешно уредување и правила и за нејзиното правилно исповедание и практикување на верата. За постот и молитвата како двете крилја на душата. За десетте Божји заповеди и за најголемата заповед за љубовта. За Крстот, што означува крстот и како правилно да го изобразуваме (да се крстиме). За свештенството и духовниот отец, која е неговата улога и значение.

Исто така се учеше и за светителите и ги опишавме житијата на некои од најважните светители на Православната Црква. Ги изучувавме и најважните празници и настани од Светото Писмо и светото предание на животот на Црквата.

Суштината на верата е живеењето според неа, затоа апостолот вели дека верата без дела е мртва (Јак. 2:17). Заради тоа, беше неминовно потребно децата да се научат и на светите дободетели, да ги засакат и да се поттикнат да ги исполнуваат. Љубовта, милоста, смирението, трпението, простувањето и барањето на прошка итн, се основните добродетели, кои на еден колоритен и за децата интересен начин, беа потенцирани за да им остават впечаток и ги научат.

Поминувајки го ова школо, децата ја добиваат базата, екстратот на нашата вера и правилно живеење, за понатаму, ако продолжат (а тоа пред се зависи од родителите колку мислат за своите деца), се стекнуваат со знање и цврстина на карактер и тврда вера. Тоа, подоцна, ќе ги направи да бидат здрави луѓе и добри христијани и ќе можат нивното знање да го пренесат на своите деца и се така понатака. И само така можеме да се осигураме во нашето опстојување, егзистенија и спасение.

Не беше лесно да се најдат вистиски зборови и објаснување, а да бидат разбирливи за децата, при тоа да не се отсапи од вистинитоста и возвишеното значение на нашата вера. Многу внимание и посветеност се даде и на содавањето на видеата, кои требаа да бидат кратки, интересни и привлечни, за да го задржат вниманието на децата. Голема одговорност носеа и тие што ги прегледуваа „домашните paбoти“ на децата и им даваа коментари и оцени. Се внимаваше и на тонот и наративот на читањето исто така.

На крајот би сакал да изразам голема благодарност до целата екипа која работеше на ова школо. Иако не многубројни, но со искрена желба и љубов, ревносно и самопожрвувано се залагаа, стимулирани дека сето тоа го правиме во слава Божја и за општо добро и сапасение на најважните зa нас, децата.

 

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

21 / 12 / 2022

 


About The Author