// Google analytics code

За Божествената Литургија – Св. Јован Кронштадски

og3Драги мои, сега ќе ви говорам за Божествената Литургија. Ако се собере сето светско богатство и ако се положи од едната страна на вагата, а од другата  да се положи Литургијата – ќе натежне онаа страна на вагата каде почива Божествената Литургија. Само што човекот не сфаќа какво богатство поседува се додека таа среќа не му се одземе. Човекот, за жал, не го цени ни сонцето, ни воздухот, ни светлината. Дури кога ќе настане темнина, ако му се одзеде воздухот и не може да диши, човекот почнува да разбира и почнува да го цени она што го имал, а без кое останал. Оној кој има можност да биде на Божествена Литургија – не е, а оној кој оди – на Неа стои невнимателно, расеано, внесувајќи ги со себе секојдневните помисли и грижи. А зошто е тоа така? Затоа што не се задлабочуваме во значењето на тоа што е Литургијата. Човекот не ја разбира сета длабочина и важност на Великите Тајни кои се случуваат пред неговите очи. А, токму тоа е најважното и најголемо чудо – Божествената Литургија. 

Заради Божествената Литургија Тајните постојат, и сонцето светли на небото,  и месечината ноќе со безбројните ѕвезди лачат светлост, и земјата дава плодови; жито и грозје – леб и вино, кои секој ден се принесуваат на Светиот Престол при служење на Литургија. Земјата своите плодови не ни ги дава нам, не заради нас грешните во рани обвиени. Не, не сме ние толку вредни, земјата дава плод за Бескрвната Жртва и ќе дава се додека на неа се служи Света Литургија.og

Кога нема да има Литургија, нема да има ниту сонце, ниту земјата ќе дава плодови.

А сега, ќе ви кажам кој и кога ја служел првата Божествена Литургија. На небото постои Сонце на Вистината – Вечно, Несоздадено, кое светли и ја разлева предвечната Светлина. Тоа Сонце е Бог, Синот Божји. Тој е Божествен зрак, зрак е на предвечната Светлина, Тој на земјата запали чудесно кандило. Не полнејќи го ниту со елеј, ниту со масло, туку со Својата Божествена, чиста Крв. И токму тоа е и Божествената Литургија која прв пат ја служеше нашиот Господ Исус Христос на Сион за време на Тајната Вечера. Светите Отци вака го опишуваат служењето на првата Литургија:

Зеде леб. Не, не зеде леб Спасителот во Своите Пречисти раце, туку тебе грешна душо, тебе те зеде во Своите свети раце, со поглед вознесен кон небото и токму тебе и твојата грешна душа Му ја покажа на Отецот, велејќи: Ќе ја измијам со Својата Крв и со страдање на Крстот и гревовите нејзини на Себе ќе ги земам. Потоа Христос рече: „Ова е Моето Тело, што се дава за вас; ова правете го во Мој спомен!”, благословувајќи го лебот со крсен знак, како очекување на Својата Крсна смрт. Потоа, ја благослови чашата со вино, погледна кон небото и и им ја подаде на Своите ученици велејќи им: „ Ова е Мојата Крв на Новиот Завет, која се пролива за вас “. Тогаш се востанови првата Литургија, а ја служеше Исус Христос на Тајната Вечера. И сега се принесуваат на Престолот, леб и вино, но со Божествена Природа, и на секоја Литургија Господ влегува во Својот дом, во душата за да ја преобрази и да стане храм Господов.

og1 О, колку е голема таа среќа! Господ влегува во грешната душа ништејќи го во неа сето беззаконие и душата човечка станува Дом Господов. Значи самиот Христос ни го остави Заветот за служење Литургија и да ги јадеме Неговото Животворно Тело и Крв. Литургијата е прекрасен дар за нас од Христос. Литургијата е мост преку кој може да се стигне до вечен живот. Запаметете – таа е Завет од Исус Христос, синот Божји. Чекорете по тој златен мост кој спасува од бездното на адот. Не слушајте ги, љубени, оние кои бегаат од Чашата. Тие се несреќни, заблудени, јадни луѓе. Тие се далеку од подадената рака Христова. Тоа се тие кои пропаѓаат во амбисот на адот. О, колку се несреќни тие луѓе кои ја менуваат Литургијата со лагата на секојдневието и световното, не присуствувајќи во Божјите храмови. Пријатели мои! Љубете го храмот Божји! Брзајте и натаму, посебно во празничните денови. Таму е Светлоста која светли крепејќи го секој човек. Таму е Светиот Принос, Христовите Тело и Крв, кои не крепат, променуваат и оживуваат, кои ја чистат нашата душа.

Мили мои, сакајте ја Божествената Литургија. Оној ден кога сте можеле, а не сте присуствувате на Литургија, сметајте го за себе како изгубен ден од животот. Свети Јован Златуст вели дека Божествената Литургија е голем и  чудесен дар; ангелите Божји ни завидуваат на нам луѓето на кои им е дарувана среќа – Светата Причест, Телото и Крвта Господови. Милиони од нив тогаш долетуваат таму каде се принесува Божествената Жртва и со страв стојат пред Светиот Престол, криејќи ги сопствените лица, а воедно прославувајќи ја Големата Тајна што пред нив се извршува. Божествената Литургија е основа на светот. Овој свет се движи и живее благодарение на нејзината чудесна, исцелителна моќ. Кога не би постоела, кога би престанала да се служи, нашиот страшен и грешен свет, од нечистотија, болест и беззаконија би се срушил, би пропаднал ако не се осетува преку тие Големи Тајни. Зошто е тоа така? Затоа што на Светиот Престол на Божествената Литургија лежи основната потреба на секое човечко битие – Светиот Агнец, Исус Христос Синот Божји. Мили мои, благодарете Му на Господа што нè удостоил да служиме Литургија на која се причестуваме со Светите Тајни Господови – Неговото Тело и Крвта Негова.

И Те молиме Господе, за оние кои во заблуда живеат и не сакаат и не бараат утеха во Светите спасоносни  Твои Тајни. Ти нив вразуми ги и воведи ги во покајание како би ја спознале спасоносната Твоја сила.

og2

 


About The Author