// Google analytics code

Еклисиолошкото учење на Свети Нектариј Егински еп. Пентаполски

Св. Нектариј Егински освен тоа што го знаеме како голем молитвеник, проповедник и страдалник за Црквата тој зад себе оставил голем број пишани богословски дела. Неговиот богат опус ѓи опфаќа скоро сите области од Православната Теологија. Ние овде ќе се обидеме да дадеме осврт на неговата Елисиологија.

Еклисиологијата  ( учење за црквата ) Свети Нектариј ја темели врз Посланија на Свети Апостол Павле, потоа еклисиологиите на Апостолските мажи (ученици на учениците Христови) и останата плејада православни Св. Отци и мислители. Според него таа е тесно и неодвоиво поврзана со Христологијата и Пневматологијата, а напоредно со тоа и со Сотириологијата  Антропологијата. 

„Единството на Црквата во првите векови било навистина единство на помесни католичански Цркви во една  ‘во вселената Соборна Црква’ како што е посведочено во Поликарповата Мартирија (VIII, 1) од половината на 2 век. Соборноста и еднаквоста на локалните Цркви, нивната  ‘еднаквост во духот на Евангелието’ (πολίτευμα), (т.е. живеење, владеење и уредување), а исто така и нивното соединување и единство во едната и единствена во целиот свет Црква, всушност се пројавило низ институцијата на Соборите, кои себе јавно се изразувале пред еретиците и сите растурачи на црковното (и внатрешно и надворешно) единство, онаа ‘заедничко единство на Црквите’ (τήν κοινήν τω̃ν εκκλησιω̃ν ένωσιν), за кое зборува Евсевиј Кесаријски по повод спорот околу Пасхата кон крајот на 2. век. Затоа сите соборнокатолички локални Цркви се потчиниле доброволно на соборниот авторитет (τό συνοσικόν κυ̃ρος), како што вели Св. Нектариј (кн. I, 49-51), бидејки тоа означувало потчинување на Христос и на Сvетиот Дух, Кој ги составува, вдахновува и раководи Соборите (ср. Д. Ап. 15, 6-28; кај Св. Нектариј, кн. I, 48-51 и 94). Над Соборите, Црквите не признавале никаков друг принцип ниту власт, вели Свети Нектариј, па додава: ‘во старата Црква постојано биле свикувани Собори’ и ‘Црквата секогаш се борела да го зачува тој обичај’ (I, 84-85). Не постоела никаква »хегемонија« или власт или наметнување на една Црква над  друга, како што такво нeшто немало ни помеѓу апостолите… Многу е карактеристичен во таа смисла и одговорот на Отците на Картагинскиот Собор  во 418 год. упатен до Римскиот Епископ Целестин: ‘Отците не сметале дека на било која парикија (епископија) и недостасува благодатта на Светиот Дух, со која Христовите свештеници разбирливо ја согледуваат и постојано  држат правдата… Овие картагински отци, како и пред нив Св. Кипријан, и Фирмилијан на Кесарија Кападокиска и Поликрат Ефески и многу други, го бранеле древното почетно еклисиолошко сваќање за потполниот католицитет (севкупност, интегралност, соборност ) на секоја локална Црква, која во својата полнота  истовремено се соединувала со сите останати соборни (католички) Цркви благодарејки на единството на епископатот, кое единство се изразувало преку Соборот и соборноста. Бидејки единството на епископатот, на кој толку толку инсистирал Св. Кипријан Картагински (во половината на 3.век),- со тоа што секој епископ бил најтесно поврзан со својот евхаристиски синаксис, т.е. со литургиската црквена заедница (општина) на тоа место, со еден збор со својата локална Црква – тоа  единство на епископатот навистина го сочинува суштината на соборот, а соборите се израз на тоа единство. Соборите ja изразуваат истовремено и католичностa (полнота) на секоја Црква и соборностa (заедничко единство) на сите Цркви, и така го изразуваат фактот дека нивното единство е во заедницата (κοινωνία) во Христа и во Духот Свети, како што тоа го беше изразил Св. Игнатиј Антиохиски (во Посл. Ефесјаните 3,2): ‘Епископите кои се назначени по сите краишта на земјата, се наоѓаат со (иста) вера во Исус   Христос. ‘ “

          Св Нектариј многу добро ги  познава новозаветни дела, делата на Апостолските Отци и сета патристичка литература и останува верен на свеста и сфаќањето на древната Црква.  Kога зборува за „Цркви“ во множина а сепак верува во Една, Света, Соборна и Апостолска Црква, тој мисли: ’Секоја Црква претставувала некоја посебна и самостојна Πολιτείαν –‘ (I, 82), a ‘соединувачка врска‘ на сите Цркви била ‘мистична и свештена врска на оние кои веруваат во Христа со зедничка вера, надеж, љубов кон Женихот Христос и заедничко општење во богослужението‘ ( I, 70 и понатаму). Локалните Цркви не биле разбиени и разделени, но не биле ни потчинети една на друга… Апостолите кога ги основале Црквите, колку и да основале, ги основале како потполни и самостојни Цркви Божји во Христа Исуса.“

         „Значи ‘Цркви’ подеднакво се католични (полни со сите дарови Божји во Христа и Св. Дух),  подеднакво апостолски, подеднакво свети и потполни Цркви, соединети во Христа во едно тело – телото Христово“ , правилно ќе заклучи епископот Атанасиј Јевтиќ во својот трактат.

         Православната Црква не признавала некоја друга власт над своите  Свети  Помесни и Вселенски  Собори.

         Всушност, нема поголема власт од власта на Епископот и на Црквата на чие чело е тој. „Службата на власт и на управување, како и сите други служби во Црквата, е харизма – дар на благодатта. Таа е дадена преку Светата тајна на свештенството, зашто единствено во Црквата е можна власт примена на светотаинствен начин, власт која по својата природа е благодатна, а и чија установа самата се заснова на благодатта. Во Црквата постојат само три харизматични степени, но без дарот на власт, којашто би била повисока од епископската. Затоа во Православната Црква не постои светотаински чин на примат, ја нема харизмата на приматот. Кога таа би постоела, по својата природа би била различна од благодатта и, доследно на тоа, не би го имала својот извор во Црквата.

         Но во сегашната канонска организација во Црквата таквата врховна власт не само што постои туку и заеднички се признава како темел на Црквата и на нејзиниот канонски систем. Точно е дека теоретски се отфрла личната власт на еден Епископ над друг; приматот ја извршува „врховната власт“ обично преку некое управно тело; синодот, соборот итн.Сепак, за нас е важен фактот дека таквата врховна црковна управа секогаш е карактеризирана како власт над Епископите кои, според тоа, и´ се подредени. Така  „врховната власт“ е воведена во самото утројство на Црквата како нејзин битен елемент. Разидувањето меѓу канонското предание и канонските факти никаде не е толку очигледно како што е во овој унивен триумф на поимот на врховната власт. Православната свест, бидејки ја отфрлила унивезалната власт во нејзината римска форма, и сè уште ја отфла , премногу лесно ја прифатила во таканаречените ‘автокефалии’.“

Атанасиј , во својот трактат ‘Свети Нектариј Егински како историчар на црквата’ , толкувајки го неговото капитално дело ‘Историска студија за  причините на расцепот’ , многу добро ни   ја открива неговата еклисиологија а со тоа и екисиологијата на старата Црква. Па ќе запише: „Сите Цркви во почетокот се основани од Апостолите, а некои од нивните ученици и самите за себе и едни за другите сметале дека секоја од нив ја содржи во себе сета полнота на Црквата Божја т.е. апостолската вера и предание, апостолското преемство, вистината и благодатта на Св. Дух и воопшто сета католичност (соборност, севкупност) и сета полнота на Црквата Христова. Затоа Апостолите и Апостолските отци секоја локална (помесна) Црква ја нарекувале Црква Божја (на пр. Црква Божја во Коринт-1. Кор. 1,2)  или Црква Христова, како што се гледа и во поедини Посланија на Св. Апостол Павле и во посланијата на Св. Игнатиј Богоносец.“  „Карактеристична е во тој поглед свеста на тоа самосознание на старата Црква за себе, забележана и кај Тертулијан: ‘Затоа тие Цркви (помесни) вели тој, колку и да се многу бројни и големи, не се друго туку истата првобитна апостолска Црква, од која тие произлегле. Така, сите тие се првобитни, сите се апостолски, бидејки сите тие се една (omne primae et omne apostolicae, dum una omnes )… Ниеден друг закон не управува со нив, туку едно предание на една иста тајна (eiusdem sacramenti una tradition).

         Значи не постои нецелосна и непотполна Црква или подвластена и потчинета Црква. Секоја Црква сама за себе е потполна и самовласна Црква со сета полнота на благодата на Св. Дух, ако правилно ја исповеда и чува верата и има непрекинато апостолско преемство.

         Св. Нектариј го разгледува и обработува прашането за односот помеѓу „мајка“ Црква и „ќерка“ Црква, односно приматот во Православната Црква на кој многумина денес паѓаат. „Со основањето на Црквите во големите и централни градови  ( μιτρο-πόλεις ) римски провинции, јасно е само по себе дека од тие централни Цркви се ширело Христијанството во градовите и областите околу нив, така што може да се зборува за „мајки“ Цркви и нивни „ќерки“ – вели Епископот Атанасиј во својот трактат. Во односот на тие нови Цркви треба да се каже дека „мајките“ Цркви од метрополиите, како духовни центри и природни станици на сите околни верници и епископи, особено кога потоа почнале да се свикуваат помесни Собори, природно и неизбежно било да имаат и извесен приоритет, приоритет секако но не и власт, туку пример и влијание,  притоа тоа да не биде некакво смалување на соборната полнота на секоја од Црквите „ќерки“. Најдобар доказ за тоа е односот на Ерусалимската Црква како „мајка“ и останатите Цркви како „ќерки“ нејзини (бидејки сите без исклучок произлегле од неа).“


About The Author