Дваесет години заедничко патување помеѓу историјата и иднината
~+~
Дваесет години можеби за некој изгледаат кратко време, но во контекстот на македонската историја во Австралија — тоа и не е така малку, особено за младината — тоа се веќе неколку генерации.
Отсекогаш сум верувал дека младите се нашата иднина. Во MOYA ја видов таа иднина со свои очи — млади кои доаѓаат од различни краишта и стануваат едно семејство во Христос, градат искрени пријателства, создаваат благословени бракови, раѓаат и воспитуваат деца во христијански дух.
Додека годините поминуваат и косите белеат, ги гледаш како тие млади луѓе растат, им служат на своите заедници, донесуваат духовни плодови и ја шират светлината на Православието, а срцето не може а да не се исполни со радост и очите со солзи радосници.
Ова наше заедничко патување започна во 2006 година во манастирот „Свети Прохор Пчински“ во Донибрук, од мала група млади луѓе жедни за Христос, со отворени срца и искрена вера, денес продолжува во „Свети Климент Охридски“ во Кинглејк и преставува живо сведоштво за Божјиот благослов и Неговата благодат, што незабележливо и тивко, но силно делува меѓу нас.
Од тие скромни чедни почетоци израсна заедница во ова што е МОУА денес, за кое што верувам секој Македонец е горд и исполнет со восхит.
Вечерва не славиме само историја, туку и жива иднина што продолжува да се гради. Книга која продолжува да се пишува од нас, од вас и од секој иден Македонец што ќе се роди на овие простори, при тоа да пазиме што ќе испишеме и каков траг ќе оставиме во историјата и во иднината истовремено.
Со безмерна љубов во Христос и благодарно срце
Отец Гаврил (Галев)

