// Google analytics code

Воведение на Пресвета Богородица – Отец Гаврил Галев

Entry~+~

 Ангелите, гледајќи го влегувањето на Пречистата,

се восхитуваа како Дева влегува во Светињата на светињите.

(стихира од празникот на Голема вечерна)

 

Така, кога наполнила три години од раѓањето, Нејзините свети праведни родители Јоаким и Ана одлучиле да Ја предадат на служба на Бог според своето ветување. Ги повикале сите свои роднини од царски и архиерејски род, како и хор од беспрекорни девици. Во име на праведната Ана, свети Герман, Патријарх Цариградски, говори: „Го исполнувам пред Господ заветот што го кажа устата моја во мојата тага, и поради тоа собрав хор од девици со свеќи, повикав свештеници, ги собрав роднините, на сите говорејќи им: ’Радувајте се со мене сите, зашто денес се покажав и како мајка и како родителка, приведувајќи Ја својата Ќерка не кон земен цар, туку кон Бог, Царот Небесен‘“.

Така тргнале на тридневно патување од Назарет до Ерусалим. А кога дошле во Ерусалим, тие свечено влегле во храмот и во него го вовеле одуховениот храм Божји, тригодишното девојче, Пречистата Дева Марија. Светите родители, таткото од една и мајката од другата страна, нежно Ја воделе својата богодарувана Ќерка. Свети Теофилакт, Архиепископ Охридски, тоа вака го опишува: „Ќерката заборава на домот на таткото и се приведува кон Царот, Кој копнее по Нејзината убавина. Се приведува не без чест и слава, туку со свечена свита… Сиот Ерусалим се собра да го гледа ова чудесно испраќање, и Ја гледа тригодишната Дева, опкружена со толкава слава и чествувана од таква свита. И не само жителите на земниот Ерусалим, туку и на небесниот Ерусалим, светите ангели, притекнаа за да го видат преславното воведение на Пречистата Дева Марија“.

Спојувајќи се со видливиот хор на чисти девици, хор од Бестелесни Умови невидливо бил присутен, соводејќи Ја Пречистата Дева Марија во Светињата на светињите, и по наредба Господова Ја опкружувале како избран сад Божји. За тоа свети Григориј, Архиепископ Никомидиски, вели: „Родителите веќе Ја воделе кон дверите на храмот, опкружена со ангели, со заедничко радување на сите Небесни Сили. Зашто ангелите, иако не ја знаеле силата на тајната, сепак, како слуги, по наредба Господова, тие служеле при Нејзиното влегување во храмот. Значи, тие прво се восхитувале гледајќи дека Таа е скапоцен сад на добродетели, дека носи знаци на вечна чистота и дека има такво тело до кое никогаш нема да се приближи никаква гревовна нечистотија; и второ, исполнувајќи ја волјата Господова, тие ја вршеле службата што им била доверена“.

При внесувањето на старозаветниот Ковчег во храмот Господов пред него одел земен цар кој тогаш царувал над Израил, богоотецот Давид, а при воведувањето во храмот Божји на овој одуховен ковчег, Пречистата Дева, пред Неа одел не земен, туку Небесниот Цар, Кому секој ден Му се молиме: „Цару Небесен, Утешителу, Духу на вистината…“ За тоа сведочи и светата Црква: „Во Светињата на светињите со Светиот Дух се воведува Светата и Пренепорочната“[1]. Самите, пак, свети праведни родители Јоаким и Ана, според сведоштвото на свети Тарасиј, ја пееле песната на праотецот Давид: „Чуј, ќерко, види, приклони го увото свое и заборави го твојот народ и домот на таткото твој. Зашто Царот ја посака твојата убавина“ (Псал. 44, 11–12).

Според блажен Ероним, пред храмот имало петнаесет скали. Праведните родители Ја подигнале Дева на првата скала, а Таа самата брзо дошла до врвот, укрепена со невидлива сила Божја. На врвот ја пречекал великиот првосвештеник Захариј, таткото на свети Јован Предвесник. Како пророк, по откровение Божјо, тој однапред ја проѕрел иднината на оваа Дева и, како што вели свети Теофилакт Охридски, тој бил „обземен од Духот“. Според свети Герман, тој вака Ѝ говорел: „Оди, најбожествен и најнов дару! Влези во радост, во храмот на Твојот Господ: во долниот дел од храмот, достапен за луѓето, а за кратко време и во недостапниот за нив!“

И Девата, веселејќи се и радувајќи се, влегла во домот Господов како во дворец: зашто иако била мала по возраст и имала само три години, Таа сепак, била совршена со благодатта Божја, како однапред позната и избрана од Бог пред создавањето на светот. Родителите на Дева Марија, пак, според Законот, Му принеле жртви на Бог, примиле благослов од свештеникот и се вратиле дома.

Така Пречистата и Преблагословена Дева Марија била воведена во храмот Господов. Притоа, првосвештеникот Захариј направил необична и чудесна работа: тој Ја вовел Девата во самата скинија, односно во Светињата на светињите, која се наоѓала зад втората завеса, во која бил Ковчегот на заветот, окован отсекаде со злато, а херувими на славата го осенувале олтарот, каде што не било допуштено да влегуваат не само жени, туку и свештеници, а можел да влезе само првосвештеник, и тоа еднаш годишно. Таму првосвештеникот Захариј Ѝ доделил на Пречистата Дева место за молитва.

На другите девици, кои живееле во храмот до одредена возраст, според сведоштвото на свети Кирил Александриски и свети Григориј Ниски, им се доделувало место за молитва помеѓу црквата и олтарот. Ниедна од тие девици никако не смеела да пристапи кон олтарот, зашто тоа најстрого било забрането од страна на првосвештеникот. На Пречистата Дева, пак, од Нејзиното воведение во ниту еден миг не Ѝ било забрането да влегува во внатрешниот олтар зад втората завеса и таму да се моли.

Блажената Дева уште од Своето детство, кога била во храмот со останатите девици, Свои врснички, животот го поминувала по строг ред: од рано наутро до девет часот Таа стоела на молитва; од девет до три часот попладне Таа се занимавала со рачна работа или читање книги, а од три часот попладне Таа повторно ја почнувала Својата молитва, и не престанувала да се моли сè додека не Ѝ се јавил ангел, од чии раце Таа навикнала да прима храна.

Свети Григориј Палама во беседата за Воведение ќе рече: „Пресветата Дева, престојувајќи во храмот, се ослободи од сите тварни окови и ги отфрли сите врски, истовремено воздигнувајќи се над сожалувањето кон сопственото тело и собирајќи го умот во сосредоточеност кон Hего самиот, со внимание и во непрестајна божествена молитва. И преку молитвата, Таа целата Своја стана и се воздигна над разнородното мноштво помисли, воспостави нов и неискажлив пат кон Небото, којшто јас ќе го наречам молчание на умот. И предавајќи го Својот ум на ова молчание, ја наткрили сета твар, и подобро од Мојсеј ја виде славата Божја, и беше посветена во божествената благодат, која никако не е подложна само на силата на чувствата, туку претставува прекрасно и свештено созерцание, својствено за непорочните души и умови. Бидејќи причесна на ова созерцание, Пречистата – како што пеат црковните химни – стана светлоносен облак на навистина живата вода, зора на таинствениот ден и огнена кочија на Логосот“.

Според блажен Ероним, „Неа секој ден Ја посетувале ангели. И ако некој би ме прашал како Пречистата Дева го поминувала времето на Својата младост, јас би му одговорил: тоа Му е познато само на Бог, и недостапно е и за Нејзиниот чувар, светиот архангел Гаврил, кој со другите ангели често доаѓал и со љубов разговарал со Неа. Живеејќи така со ангелите во Светињата на светињите, Пречистата Дева посакала вечно да живее во ангелска чистота и целомудрие“. Таа Му ја заветила Својата девственост на Бог, зашто во Стариот Завет било необично девојки да не стапуваат во брак, бидејќи бракот повеќе се почитувал од девственоста[2]. Но, Пречистата Дева е првата што ја претпочитала девственоста пред бракот, и ветувајќи се Себеси на Бог, Му служела деноноќно во чиста девственост, а Пресветиот Дух, по благоволение на Бог Отецот, подготвувал во Неа живеалиште за Бог Словото.

 

 

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

4 / 12 / 2021

[1] Стихира на празникот на Голема вечерна.

[2] Во тоа време секој сакал да има потомство за неговиот спомен да се сочува што подолго на земјата, за ако не тој самиот, барем неговите потомци да можат да станат учесници во царството на очекуваниот Месија – Спасителот.


About The Author