// Google analytics code

Беседа на јеромонах Гаврил, изречена во манастирот Св. Наум Охридски во Роклин, Австралија

gavril Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!

Во ова Евангелие и Евангелски настан, кој е опишан во светото Евангелие според Лука, се открива големината и славата Божја: Господ е единствен Господар на животот и на смртта, како и на се’ останато.

Такво е сведоштовото за вдовицата, која што го оплакува својот син и на погребот ‘собрала’ многу народ, што од друга страна пак е сведоштво за нејзината општествена положба: богата, славна и прочуена. Но, тоа не и’ помогнало да ја спречи смртта на своето сакано, единствено дете. Тука не можел да и помогне ниту сиот собран народ.

Меѓутоа Бог, Господ Исус Христос, е единствено Тој што може тоа да го направи. За да се прослави Бог во него, Тој ја сопира сожалувајќи се на неа и го воскреснува момчето, давајќи му повторно живот и можност за спасение, преку покајание, т.е. преумување, за да го спознаеме вистинскиот Бог и на тој начин да дојдеме до спасение.

Смртта всушност не е крај, туку едноставно – смртта е премин. Крај е ако ние не веруваме во Бога и не вршиме дела Божји, меѓутоа премин е ако живееме Божествен живот, како што апостол Павле вели: не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене. Ние се распнавме за Христа заедно со Него, и нашиот живот е Христов живот, Божествен живот. Тоа се гледа преку содржината и достоинството на нашиот живот. Затоа ние треба да станеме орудија Божји, храм на Светиот Дух, и на тој начин да бидеме носители на вечниот живот, којшто не престанува со смртта, туку преминува на онаа страна, страната која Светите Отци на Црквата ја нарекуваат царство Божјо, царство на Отецот и Синот и Светиот Дух, коешто е во вечни векови.

Според алегориско-исихастичкото толкување на ова Евангелие, жената, мајката, е нашата душа и нашето срце. Синот, упокоениот, мртвиот, е нашиот ум. Оние што го носат одарот на упокоениот, тоа се демоните, а одарот се страстите. И ние ако не внимаваме на нашиот живот, ако не ги контролираме нашите мисли и дозволиме лошите, нечисти мисли да завладеат со нас, нашиот ум умира и нашето срце станува вдовица: се оттуѓува од Бога. На тој начин ние го наследуваме оној крај, за кој претходно говорев.

Затоа само Господ, односно прво живата вера во Него, а потоа и повикувањето на името Божјо: Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот/грешната – и учеството во светите тајни, a пред се’ тајната на Евхаристијата, ни дава живот вечен и нашата душа станува жива.

Возљубени, да внимаваме какви мисли примаме. Какви мисли примаме, таков ќе биде нашиот живот и таква ќе биде нашата душевно-духовна состојба. Односно, ќе биде светла и просветлена ако примаме светли и просветлени мисли, а со тоа ќе бидеме носители на живот, или, помрачена и потемнета, односно ќе бидеме носители на смртта. Затоа велам внимавајте – што и да се случува во нашиот живот, секогаш да примаме добри, позитивни, благи и љубовни мисли, коишто го исполнуваат и нашето тело, коешто е храм, и го исполнува и бележи нашиот живот.

Еден отец има речено дека според содржината на садот и самиот сад дејствува. Ако примаме во него отров, тој го разјадува од внатре садот и тој се распаѓа со време. Меѓутоа, ако во него ставиме благоухано миро, тогаш и самиот сад пушта благоухана миризба и сите ги привлекува.

На тој начин, браќа и сестри, да извлечеме поука од ова Евангелие и нашиот живот да го направиме благоухан и со нашиот живот да го прославиме Бога, и така да ја воспоставиме таа вечна заеднца, којашто не престанува и којашто се пренесува во царството Божјо, коешто е и овде и во вечни векови. Амин.

25.10.2015 Роклин


About The Author