// Google analytics code

Беседа на Благовештение – Преп. Јустин Ќелиски

Ниту Божиќ, ниту Велигден, ниту Богојавление, ниту Преображение, не се наречени Благовештение, односно Благовестие. А, ете, денешниот празник се нарекува Благовешение. Зошто?

Каква е таа Блага (т.е. добра) вест којашто слегла на земјата? Што се случило во нашиот горчлив човечки живот? Зарем е можна блага вест, во свет во којшто постои смртта? Зарем е можна вистинска радост во свет кадешто сè се претвора во стравотен грч пред страшното чудовиште коешто се нарекува смрт? Денес навистина и се случува најголемото Благовештение. Што се случува? Денес светиот Архистратиг Гавриил доаѓа кај светата Дева, и ја објавува благата вест: дека ќе роди Син, и ќе му стават име Исус – Спасител, и дека Неговото Царство не ќе има крај. И самиот свет Архистратиг како да се стаписа од оваа голема, и преголема, тајна. Како тоа несместливиот Господ и Бог да се раѓа од девојка? Како ќе се смести Тој во телото на пресветата Дева? Тоа е голема тајна, сèтајна.

Затоа и во денешните црковни молитви и песни непрестано се нагласува дека денес се објавува голема тајна, предвечната Божја тајна. Пред да постојат Ангелите и Архангелите, и целиот овој свет, и сите видливи и невидливи суштества, Господ, предвидувајќи го човековиот пад во грев, одлучи да стане човек и да го избави човекот, да го спаси од гревот. Гревот, зад којшто секогаш стои ѓаволот, а зад ѓаволот секогаш е пеколот. И ете, на денешен ден се одвива тоа величествено и најогромно чудо, во сите наши човечки светови. Денес се зачнува во утробата на Пресветата Дева Предвечниот Бог, Безграничен и Бесконечен. Денес, како што се вели во една прекрасна песна, сè што е земно стана Небо. Земјата стана Небо, затоа што Бог стана човек. Кога, пак, благиот Бог стана човек, тогаш со Него сите небесни благи вести, сите небесни радости, сите небесни вистини – станаа наши, човечки, земни. Кога Господ Христос слезе во овој свет – ете го Благовестието, ете го Сèблаговестието.

Бидејки, што донесе со Себе, и Кој е Господ Христос? Тој, Единствениот Вистински Бог, се спушти во нашиот земен свет полн со лажни богови, и покажа и докажа дека е навистина Вистински Бог, Единствен Бог во сите светови, Кому е достојно секогаш да Му се поклонуваме. И кога Тој стои во овој свет, тогаш на секого од нас му е лесно да се ослободи од лажните богови. Не само тогаш, пред две илјади години, кога Господ стана човек и слезе на земјата, имаше лажни богови. И денес има многу лажни богови во светот, многу самонаречени богови – луѓе коишто самите сакаат да го заменат Единиот Вистински Бог. Полни се со такви луѓе и Европа, и Азија, и Америка, и Африка. Полни се со лажни христоси, полни се со лажни пророци, полни се со лажни богови. И кога ти, збунет, во светот полн со лажни богови, ќе се обратиш кон Единствениот Вистински Бог, Господа Христа, тогаш од душата бегаат сите темнини и сите заблуди. Тогаш, ти Му припаѓаш на Едниот Вистински Бог, и чувствуваш како целото Небо влегува во твојата душа, како спокојството и мирот, и сите Ангели царуваат во тебе.

Господ Христос во овој свет со Својата вечна божествена Вистина! Ете, Тој е со огромното Благовестие, затоа што вечната Божја Вистина е Благовештение коешто Господ Христос го створи и му го донесе на светот, Тој прв му го донесе на светот. Не само што говореше за вистината, туку покажа дека Тој е Вистината, вечната Божествена Вистина. Лесно им е на луѓето да зборуваат за вистината, но покажи ми ја вистината, дај ми ја Вечната Вистина. Господ затоа за Себе рече: Јас Сум Вистината, над сите лаги на овој свет. Лаги коишто ѓаволот ги создава преку гревовите и страстите, преку помрачени умови, преку помрачени совести. Од сите тие лаги постои една одбрана – вечната Божествена Вистина – Господ Христос. Додека Тој е во светот, на човека му е лесно да се одбрани од секаква лага во овој свет. А секоја лага е, вели Спасителот, од ѓаволот. А вистината, сета Вистина е од Единиот Бог. Затоа, никој во овој свет не се осмелил да каже за себе „јас сум вистина“ – освен Господ Исус Христос. Затоа што Тој и е Вистина. Покажа со целото свое битие, со сиот свој живот и работа, покажа и преку Својата Света Црква.

Потоа, нова благовест: Вечната Божја Правда. Тоа е богатство, тоа е небесна скапоценост којашто Господ ја донесе слегувајќи во нашиот земен свет. Та луѓето да не умираат без Божјата Правда во овој свет, да не бидат ранети со лажните човечки правдички и правенца како со жив песок.

А, зарем не е чудесна Благовест тоа што Господ Христос нам луѓето ни дарува вечен живот? Тој – божествениот Вечен Живот, и нам ни го дарува тоа преку Своето Воскресение, преку победата над смртта. Има ли поголема Блага вест од оваа за човекот? Има ли поголема Блага вест од тоа дека смртта е победена и е заменета со Вечен Живот, којшто Господ Христос му го дава секому којшто верува во Него?

Затоа, во овој свет никој никогаш неможе да ни го замени Господа Христа. Никој од луѓето, никој ниту од најголемите научници, ниту од мудреците, ниту од философите, и царевите, кралевите и војсководците, никој неможе да даде вечен живот и победа над смртта. Тоа само Он го дарува, Чудесниот Господ Христос. Затоа Неговото Име и е Благовест за секој човек, за секое човечко суштество. Ние луѓето, во овој свет на гревот и смртта и ѓаволот, полни сме со темнина, полни сме со мрак. Господ се објави Себеси: Јас Сум Светлината на светот. И навистина, се покажа како Светлост на светот. Ги осветли сите патишта кои водат од земјата на небото, сите патишта за мене и за тебе, сите вечни патишта. Ги осветли со Својата Светлина нашите души и покажа што сè има во нас, какви сè небески богатства. Но, кога душата е нечиста, каков сè мрак, какви ли сè стравотии! И повторно, во овој свет немаше човечко суштество кое се дрзна да каже за себе: Јас Сум Светлината на светот. Кој по мене оди, нема да оди во темнина. Навистина, кој оди по Господа Христа, не оди во темнина. Оди по него, по Вечната Светлина, Вечниот Живот.

Не одиш ли по Него, брате, о, па ти мора да влеташ во мракот на смртта, во мракот на гревот, во мракот на пеколот. И тогаш незнаеш каде одиш. Но, сигурно знај дека секој грев, и дека сите гревови водат во царството на гревот, во пеколот. Никогаш немој себеси да се изедначуваш со гревот, гледај на гревот како на свој најголем непријател, гледај на гревот како на свој убиец. Кога правиш грев, знај дека ти се убиваш себеси, ти се одвојуваш себеси од Бога и самиот се ничкосуваш во царството на гревот и смртта.

Кој ќе ги наброи сите Благи вести коишто Господ Христос ни ги донесе во овој свет? Што да речеме за Неговото свето Учење, за Неговото свето Евангелие? Гледај, тоа е вечна Божја Наука, неминлива Наука којашто ни ги кажува сите тајни на нашиот човечки живот, и во овој и во оној свет. Ни ја кажува сета судбина човекова кога е покрај Бога и со Бога, но и целата страшна човекова судбина кога е покрај ѓаволот преку гревот, преку непокајаниот грев. Евангелието на Господа Христа навистина е невидена Благовест во овој свет, Благовест за секој човек во сите светови. И сè што е Христово, браќа, сето тоа е всушност Благовест до Благовест, секој Негов поглед, секое Негово чудо, секое Негово дејство: Благовест до Благовест! И затоа, од неговото доаѓање во овој свет, земјата стана Небо, како што се вели во денешните црковни молитви. Штом земјата станала Божјо пребивалиште, тогаш навистина Господ е со нас.

Ги чувте, од денешното Евангелие, зборовите на Светиот Архистратиг кон Богородица, првите зборови:Радувај се, благодатна, Господ е со тебе! А до тогаш ние знаеме дека жената, т.е. Ева, во овој свет го вовела ѓаволот, и дека Господ не беше со човечкиот род. Помеѓу нас и Него стоеше гревот, стоеше смртта, стоеше пеколот. И сега, на денешниот велик празник Благовештение – новата вистина, Небесната Вистина влегува во овој свет: Господ е со Пресветата Богородица, најпрвин со неа, а преку неа – со целиот човечки род.

Затоа денешниот ден, всушност, е празник на Пречистата Богородица. Благовештение на Пресвета Богородица. Затоа што таа, таа го исполни целото Евангелие на Господа Христа. Таа, во пеколот на нашиот земен живот живееше така безгрешно, така свето, што се удостои да го роди Бога и да стане Богородица. Ние луѓето не можеме да замислиме поголема слава и поголема чест од таа, човечко суштество да стане Богородица, Божја Мајка. Каква слава, каква чест, каква величественост! Тоа ѝ припаѓа Неа, на единствената Безгрешна, покрај Бога Најсовршената во човечкиот род, Пресветата Богомајка. Таа сета е – овоплотување на сите Христови Благи вести. Да не беше таа, немаша да го има Господа Христа во овој свет. Да не беше таа, немаше да постои Христијанството во овој свет. Да не беше таа, немаше да го има ниту Вистинскиот Бог во овој свет. Да не беше таа, немаше да ја има Вечната Божествена Вистина во овој свет. Да не беше таа, немаше да ја има ниту Вечната Љубов Божја во овој свет. Да не беше таа, немаше да го има ниту Евангелието Христово. Затоа таа е неспоредливо пославна од Херувимите и Серафимите.

Браќа, голема тајна денес му е објавена на светот, тајна на која ѝ се восхитуваат и ангелите, тајна дека човечко суштество е воздигнато над Херувимите и Серафимите преку Пресветата Богомајка. Тоа покажува дека Господ го створил човекот за поголема чест од ангелската, за повозвишен живот од ангелскиот и архангелскиот. Затоа што Господ Христос после Воскресението се вознесе на Небото со телото, и човечкото тело е удостоено со таа чест да е вознесено над сите Херувими и Серафими. А по Него, по Чудесниот Господ Христос, првото човечко тело, свето и безгрешно, телото на Пресветата Богомајка. Таа е вознесена над сите Херувими и Серафими, и живее во тие над херувимски божествени сфери. Ете, за што е створен човекот.

Човекот е создаден за со помош на Господа Христа и на Пресветата Богомајка да стане надхерувимско битие, надангелско битие, да живее во вечните божествени Вистини, Радости и Блаженства. Сето тоа, браќа мои и сестри, ни го носи денешниот голем и свет празник на Благовестието, Благовештението на Пресветата Богородица.

Затоа на овој голем и свет празник ние ѝ се поклонуваме и ја молиме Пресветата Богомајка, таа наша сèрадост, непрестано да Му се моли на Најслаткиот Свој Син, Единствениот Вистински Бог и Господ Христос, за човечкиот род, за секое човечко суштество, за секое творба во светот, за секоја птица, за секое животно, за секоја тревка, за секоја ѕвезда, затоа што сето тоа до неа, и без неа, би потонало и би било во смрт и во грев и во темнина, а од неа, и со неа, сето тоа се издига над смртта, над гревот, и ита и лета кон Небесните светови. Нека таа, Чистата и Преблагословена Богородица, Сèмилостивата мајка на сите луѓе, непрестано нè води и раководи низ целиот наш секојдневен живот, низ секој ден и низ секоја ноќ, та и ние со целиот свој живот да Му служиме на Господа, Единствениот вистинит Бог, Исус Христос, во сите светови, и така да се спасиме себеси од гревот, од смртта, од ѓаволот, од пеколот, и вечно да Му служиме на Чудесниот Господ Исус.

Секогаш, секогаш, секогаш на колена, во молитва кон Пресветата Богородица, кон таа радост над радостите за човечкиот род, кон таа надархангелска и надангелска Светиња. Таа секогаш нека ни биде заштитничка и Водач и раководител низ целиот живот, и во овој, и во оној свет, та да сиот наш живот да биде пофалба и слава на Единиот Вистински Бог, Господ Исус Христос, Синот на Пресветата Богомајка, едината Вистинска Богородица. На неа чест и слава и пофалба, и сите наши молитви, а преку неа, на нејзиниот Чудесен Син, Господ Христос, Кој нека ги прими нашите молитви и воздишки заради Пресветата Своја Богомајка, и да ги спаси сите и сè. Амин.



About The Author