// Google analytics code

АКО НЕКОЈ ИСКРЕНО ТРАГА ПО ВИСТИНАТА, НЕМА ДА БИДЕ ОДВЕДЕН ДО НЕКОЈА РЕЛИГИЈА, ТУКУ ДО САМИОТ ХРИСТОС – ИНТЕРВЈУ СО АРХИМАНДРИТ ДАНИЕЛ (БАМБАНГ ДВИ) БЈАНТОРО, ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА ВО ИНДОНЕЗИЈА (1 ДЕЛ)

~+~

1 ДЕЛ

Вовед

fr.-Daniel-225x300Ветрот (Духот) дува каде што сака и Он е вистина и живот. Евангелието не е приказна, а Исус Христос не е митска личност; тоа е слово на вистината, и Исус Христос е вистинскиот Бог. И Он му се открива на секого што Го бара искрено, со чисто срце. Тоа ни го сведочи преподобната личност на Архимандрит Даниел Бјанторо од Индонезија (најголемата муслиманска земја во светот), на кого Господ на чудесен начин му се открил и тој со сето свое срце поверувал во Него како во единствен вистински Бог и одлучил да Го следи. До пред скоро триесет години во Индонезија немаше ниеден православен христијанин и ниедна православна црква. Отец Даниел беше првиот што го прими Православието. Оттогаш словото на вистината почна да се сее и на индонезиското тло. За време на една служба можеше да се случи и она што се случуваше во првите векови со Апостолите и првите христијани: за време на една богослужба на о. Даниел се преобраќаа во Православие и над 2000 луѓе. За сето тоа и за самата негова личност најдобро ќе ни каже лично о. Даниел, со кого го реализираме ова интервју со благослов на Неговото Високопреосвештенство г. Иларион, поглавар на Руската Задгранична Православна Црква.

За Вас имам слушнато и читано уште додека бев студент по теологија од о. Јован Таковски, еден наш угледен професор и духовен отец. Кога прочитал за Вас во едно, мислам, француско списание, веднаш посакал да го преведе текстот за нас. А мене најмногу ми допре до срцето моментот кога сте му ја пренеле веста на Вашиот дедо дека сте христијанин. Кажете ни нешто за Вас и Вашето обраќање во Православието.

Моето детство

Јас сум Индонезиец, роден во исламско семејство на островот Јава, Индонезија. Мојот дедо беше побожен муслиман и јас бев воспитан да живеам побожно, бидејќи религијата е мошне важна во моето семејство. Ме праќаа во џамија да го учам арапскиот јазик на Куранот уште од 5-годишна возраст, иако, како многумина неарапски муслимани, никој од нас не можеше да зборува арапски. Ме учеа да ја исполнувам исламската молитва пет пати на ден, да постам цел месец за време на Рамазан, и да правам сè што е во согласност со моите верски сфаќања.

Моето исламско воспитание

Ме научија дека исламот е првобитната религија на човештвото, затоа што бил создаден првобитно од Бог (Куран 30, 30). Сите пророци (муслиманите се должни да знаат 25 пророци по име): Адем (Адам), Шист (Сит), Идрис (Енох), Нух (Ное), Ибрахим (Авраам), Ишак (Исаак), Јакуб (Јаков), Јусуф (Јосиф), Муса (Мојсеј), Харун (Арон), Давуд (Давид), Сулејман (Соломон), Иљас (Илија), Ељеса (Елисеј), Ајуб (Јов), Зекерија (Захариј), Јахја (Јован Крстител) итн., вклучувајќи ги и Исус Христос, Дева Марија и 12-те Ученици – за сите нив се верува дека се муслимани (Куран 3, 52; 5, 111). Ниту една религија нема да биде примена од Бог освен исламот (Куран 3, 19; 85), затоа христијаните, кои ја искривоколчиле религијата на пророкот Исус, ќе бидат казнети во пеколот и им е забранет влезот во рајот. Зашто, тие создале лажна религија спротивна на исламската религија на пророкот Исус со тоа што Го направиле Бог (Куран 5, 72), и што Го направиле едниот Бог Тројца (Куран 5, 73; 4, 171), и ја направиле Марија дел од Тријадата на Богови (Куран 5, 75; 4, 171) и тврделе дека пророкот Исус бил распнат, а всушност, според Куранот, не било така (Куран 4, 157). Затоа Мухамед бил пратен од Бог како „печат на пророкот“ (Куран 33, 40) т.е. како последен и најсовршен пророк, за да ја поправи грешката на христијаните, но и за да го повика целото човештво да верува во исламот. Тој бил оној за чиешто доаѓање се молел пророкот Ибрахим (Куран 2, 126–129), за кого имало пророштва и во Тората и во Евангелието (Куран 7, 157), а за кого исто така пророкувал и самиот пророк Исус Христос (Куран 6, 61).

Ме научија и дека Евреите и христијаните ги имаат избришано сите тие вистини од нивните Библии, иако Светото Писмо првобитно им било дадено на Евреите и христијаните преку откровение Божјо, но овие го измениле (Куран 2, 75–80). Затоа претходното Свето Писмо, Стариот и Новиот Завет повеќе не важат и станале застарени со доаѓањето на Куранот како последно и најсовршено откровение.

Мојата прва средба со христијанин

Како средношколец, сретнав свој поранешен наставник од основното училиште кој беше муслиман а премина во христијанство. Тој ме покани во својата куќа и се обиде да ме евангелизира, објаснувајќи ми го воплотувањето на Исус Христос на таков начин за да можам да го разберам. Откако сфатив дека е христијанин, го напуштив неговиот дом во ужас, бидејќи дедо ми имаше кажано дека не треба да примам каква било храна или пијалок од христијаните затоа што, така тој веруваше – се разбира, тоа е негово лично верување, а не дел од официјалното учење на исламот – дека храната и пијалокот од христијаните се загадени со магична вода за да се заинтересираат за христијанството оние кои не се христијани и да одат во пеколот со нив. А таа вечер ми дадоа целосна вечера. Му кажав на дедо ми што се случи, а тој, шокиран, ми рече да се молам на Алах за да ме заштити од моќта на магичната вода што ми ја даде тој неверник. Таа ноќ јас Го молев Бог да ме заштити за да не бидам повлечен од магијата да станам неверник; сакав да умрам како муслиман и никако поинаку.

Видение на Христос

Неколку недели подоцна наставникот ме посети дома, влеговме во дискусија, и јас излегов како победник. Не можеше логично да ми ја објасни догмата за Троица и за Воплотувањето. Му реков никогаш повеќе да не доаѓа кај мене дома донесувајќи го тоа свое демонско учење. Бев убеден дека мојата исламска религија е најдобра и дека христијанското учење е навистина ветер и магла. Бев убеден дека мојот дедо сето време беше во право што ме предупредуваше за злото од христијанското учење. По мојата жива средба со вистинска личност која беше христијанин, јас сфатив дека ништо на светот не би можело да ме заинтересира за вакво нелогично учење.

Околу три месеци по оваа средба со наставникот, се случи нешто што сосема го измени мојот свет. Имав видение на Христос три вечери едноподруго додека ја кажував исламската вечерна молитва. Ја видов целата соба преплавена од светлина, и Христос ми се јави во облик на светлина облечена во човечки облик. Он ми рече дека ако сакам да се спасам, треба да Го следам; и кога јас Го прашав Кој е Он, ми рече дека Он е навистина Исус Христос. Кога Го прашав за пророкот Мухамед, Он не ми даде никаков одговор, само ми велеше да Го следам доколку сакам да се спасам. Бев збунет од она што го бев видел и почнав да се прашувам која од овие двете е вистинската вера, исламот или христијанството.

Моето обраќање и моето познание на Христос и на Света Троица

Решив да постам неколку дена, барајќи одговор од Бог. Но, ниту нешто видов ниту нешто слушнав. Меѓутоа, го отворив Куранот и очите ми паднаа на Куран 3, 45, каде што Исус Христос е опишан како „калиматминху“ (Слово од Него/Бог). Почнав да размислувам вака: нечие слово е во личноста, и ако Исус е Божјо Слово (Куран 4, 171), Он мора да е во Бог. Ако е така, тогаш Бог и Неговото Слово не се два Бога, туку еден. Пред некој да го изговори сопственото слово, тоа слово е во умот на личноста, значи умот го носи словото, тоа слово кое е во умот се раѓа од устата, а е зачнато во умот. Затоа словото е чедо на умот, бидејќи е зачнато од умот. Бидејќи Исус е Словото на Бог, Он мора да е во Бог, па значи Бог Го носи Своето Сопствено Слово како родител. Ова Слово на Бог потоа се изговара од Бог, зачнато во Бог, родено од „Божјата уста“, така да се каже. Бидејќи Он е зачнат од Бог и роден од Него, со право Словото може да се нарече Чедо т.е. Син Божји. Бидејќи Бог е еден, и Неговото Слово исто така е едно, и ова Слово Божјо се нарекува Син. Оттука, Бог има само Еден Син, и затоа Словото Божјо се нарекува Единороден Син Божји. Затоа Бог, како извор на Словото, Кое се нарекува Син, со право може да се нарече „Отец“. Затоа, „Отецот“ (Едниот Бог), и „Синот“ (Словото на Едниот Бог, Кое вечно престојува во Бог) не се два бога, туку Еден Бог. Личноста не може да има слово ако е мртва, значи само жива личност може да има слово. Знак дека личноста е жива е тоа што таа има дух во себеси. Затоа човекот, неговото слово и неговиот дух не претставуваат тројца луѓе, туку се сепак еден човек. Бог е жив Бог, затоа Он има Дух во Себе, и овој Дух Божји престојува вечно во Бог, на ист начин како што и духот човечки е во човекот (1. Кор. 2, 10–11). Ако е така, тогаш Бог/Отецот, Неговото Слово/Синот и Неговиот Дух не се три бога, туку Еден Бог. Бев шокиран од ова што го сфатив, оти навистина открив дека христијанството не верува во три бога, туку во Еден Бог.

Ако не може да се познава одредена личност без со неа да се разменат зборови (слова), односно ако личноста не го каже она што ѝ е на ум на другата личност, таа друга личност никогаш нема да знае која е оваа првата. Бидејќи Бог е личен Бог, не би можел да Го знам доколку не Го знам Неговото Слово, а бидејќи според Куранот прочитав дека Слово Божјо е Исус Христос, јас морав да верувам во Исус Христос за да Го знам овој Еден Бог. Таа ноќ одлучив да верувам во Исус Христос.

 

Разговорот го водеше:

о. Гаврил

игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија


About The Author