// Google analytics code

Опширно житие на Преподобен Гаврил епископ Велички – Светогорец

gavrilЕпископот Велички Гаврил е роден на 1926 год. Во Штип од Православни родители Методиј (подоцна со монашко име Кирил) и Горица Парнаџиеви.

Основно образование, а потоа и гимназија завршил во родниот град.

Уште како млад се карактеризирал со посебна кротост и послушност. Во учењето бил остроумен и со посебен наследен талент во ликовната уметност која ја крунисал и со диплома од белградскиот универзитет на отсек вајарство во 1955 год. Бил еден од подобрите вајари во државата. Подоцна се вработува како професор по историја на уметноста и ликовно образование во штипската гимназија.

Од 1944 година бил учесник во НОВ. Во почетокот на војната бил вклучен како партизан, а по завршувањето на борбите, во 1947 година бил прекомандуван во Корпусот на народната одбрана, во единици стационирани на граница, како специјални одреди составени од одбрани борци. Најпрво бил на граничниот сектор кај Делчево (Царево Село), потоа во Кавадарци, и на крајот, на граничната линија на Кајмакчалан. Во својата единица бил на должност- писар, како строго доверливо лице. Едно време бил и секретар на Скоевската организација. Поради големата ревност во службата и примерно однесување бил предложен и за прием во КПЈ, но поради тоа што „одел во црква” изостанало примањето во членство. Се стекнал со чин водник и е одликуван со орден „Заслуги за народ”.

По демобилизацијата извесно време бил на служба во градскиот народен одбор во Штип. Две лета учествувал и на работни акции во Нов Белград како и на автопатот Белград – Загреб, каде што добил и пофалници. Потоа се запишал на Факултетотза ликовни уметности во Белград. По дипломирањето, во 1955 година, работел како професор по уметност и историја на уметноста во гимназијата и Учителската школа во Штип. Според оценката на ревизорот, познатиот уметник Борко Лазевски, тој бил „еден од најспособните педагози во Македонија”. Поради мошне развиената вонучилишна настава, штипската гимназија била прогласена и за најдобро средно училиште во Македонија. Една од вончасовните активности на децата било и издавањето на училишниот весник „Ученичен глас”, кој во свое време бил доста успешен и по многу нешта единствен (учениците сами вршеле клиширање). Покрај работата во училиштето, како професор, епископот Гаврил, заедно со неговиот татко Методиј (подоцна монах Кирил) работел и како скулптор. Нивните прекрасни експонати се наоѓаат низ парковите во Штип и околината, но и на други места. Допринел за подобро естетско обликување на својот роден град, за што има добивано и признанија од тогашниот претседател на општината – Ристо Кадифков, како и признанија од други. Како докажан и проверен педагог бил предложен и за професор на Педагошката Академија, која била отворена во Штип.

Сочувани се неколку спомен обележја направени од рацете на Гаврил. За жал, заради нивно неодржување, многу негови дела исчезнаа, како на пример „Момчето со флејтата”, останаа само сликите и спомените на старите штипјани за нив.

Но кога таа отпочнала со работа, тој во 1960 година се преселил да живее во Скопје, таму доста успешно работел како самостоен уметник.

За време на траењето на студиите и педагошката активност, двапати престојувал во странство. Најпрво како студент во втора година на Факултетот бил на научен престој во Париз, а потоа (1959), со група просветни работници бил на светска уметничка изложба во Брисел.

Познатиот штипски уметник, Тодор Максимов за делата на Мијалче Парнаџиев ќе рече дека тие се вистински ремек дела. Се додека бил жив неговиот татко Методиј, скулптурите биле одржувани. Често Тодор Максимов го посетувал Гаврил и во Лесновскиот манастир. Но, тогаш Гаврил повеќе не покажувал интерес за вајарството и се предал на монашки живот

Иако служел во световните служби, сепак никако не ја заборавал и Божјата служба. Имал навика секојдневно да присуствува на Богослужбите во катедралната црква св. Никола во Штип. Во тоа време, иако било време на најстрог атеизам и комунизам со програмиран прогон на Црквата, тој не се откажал од Бога. Дури и своите ученици ги поучувал во верата. За Велигден редовно им делел по едно црвено велигденско јајце и им велел: Деца, изедете ги јајцата, згмечете ја лушпата и расфрлете ја по градот за да видат сите дека Христос воскресна!

Иако по ништо не заостанувал зад своите врсници, па дури и во многу работи бил за чекор напред, неговиот живот во се’ бил монашки и пред да се замонаши. Во својот дом постојано пребивал во неговата соба читајќи, молејќи и живеејќи за Бога. А кога во неговиот дом доаѓале гости, тој културно и од учтивост се поздравувал со нив и повторно се повлекувал во својата соба како пчела во својата кошница. Девственоста ја сметал за голема светиња.

Вo 1963 год. го остава светот и светската служба и заминува со сиот свој живот да му служи единствено на Бога. Заминува на Света Гора Атонска. За неговиот престој таму добил директно благослов од игуманијата на Света Гора – Богородица. Се раскажува дека кога стигнал во монашката држава, дошол на брегот на Белото море и сакал да се измие. Тогаш здогледал жена која умилно го гледала. По некое време жената, како што дошла, така и заминала. Размислил и заклучил дека тоа била Богородица, бидејќи пристапот на жени на Света Гора е строго забранет. Тоа го охрабрило во неговиот понатамошен подвиг.

За жал, само затоа што бил макдонец , за време на неговиот престој на Света Гора имал постојани политички проблеми од властите, меѓутоа, Бог го чувал преку целото тоа време.

Грците, за кои се знае дека се непостојани, му ветиле дека кога сака може да отиде во Света Гора, без никакво ограничување. Му рекле дека може да остане во српскиот манастир Хилендар, кој ужива статус на автономна српска територија под крилото на Света Гора. Тој им поверувал и останал таму. Но, подоцна работите се одвивале поинаку. Токму затоа, епископот целиот случај го оставил и предал во рацете на Бога.

Се споменуваат две такви случки, кога во две различни прилики сакале да го протераат од Света Гора. Во едниот случај, кога влегол во една пештера каде еден пајак исплел толку голема пајажина што гонителите не го виделе, а во другиот случај, пак, го заштитиле змии.

Тие отворено му изразиле сомневање дека бил испратен од епископот Доситеј (подоцна прв Архиепископ на возобновената МПЦ) тука да формира македонски манастир, како што на Света Гора сите православни земји имаат свои манастири. Па, таму бил примен само како нивни собрат и искрен православен верник. Тој нивни став бил знак и за другите словенски манастири никогаш официјално да не го прифатат во своите братства. На тој начин, епископот Гаврил бил слободен да оди каде и да сака и да биде најсрдечно приман, но само како почесен гостин.

Така, тој ги посетил сите манастири во Света Гора, а најмногу се задржал во рускиот „Камена”. Таму се подвизувал во скитот во една пештера како послушник на 84-годишен руски монах, отец Татјан Иванов (Рус), кој заради болеста морал да го однесе во матичниот манастир „Свети Пантелејмон”. Таму во манастирската болница, по околу два месеца, се упокојува во Господа, па скитот го наследил монахот Гаврил. Во почетокот на управувањето со скитот, голема материјална помош, како и масло за кандилата, темјан и друго, набавувал од рускиот манастир, потоа од српскиот, бугарскиот, како и од грчките метоси „Моноксилит” и „Свети Николај”. Сите тие манастири, кога одел на богослужби, го прифатиле како вистински христијанин.

На Литургија и причест најчесто одел во манастирите Хиландар и Свети Павле, каде заради неговиот исклучителен тивок карактер го добил и називот “Невидливиот“, затоа што ниту го гледале кога доаѓа, ниту кога заминува, единствено можеле да го видат кога пристапувал да се причести со светите и спасоносни животворни тајни Христови.

Грчкиот манастир „Свети апостол Павле” му дал и писмена гаранција, но Министерството на Грција почитувало некои други закони, а не законот на меѓучовечката љубов. Во истиот манастир бил замонашен во манастирот св. Павле со монашко име Гаврил, по големиот небесен војсководец и архистраг Гаврил.

Цело време додека о. Гаврил престојувал во Света Гора избегнувал контакти со луѓе. Зближувањето со Бога сметал дека најдобро може да се реализира преку оддалечувањето од луѓето

По едно негово енергично барање да му се даде документот „елинопистос” – грчко државјанство, услов за останување засекогаш на Света Гора, или да се врати во Македонија, тие, уверени дека не е нивни пријател, дефинитивно одбиле да го прифатат барањето и тој се вратил во својата родна земја.

Неговите подвизи на Света Гора никој не ги знае, останаа тајна за луѓето и пред Бога, но од неговиот живот откако во 1971 год. се врати во Македонија, можеме да ги претпоставиме. За отец Гаврил слободно можеме да речеме дека е еден од најголемите подвижници на денешнината. Имено, тој скоро никогаш не спиел, а тоа време кога спиел, лежел на земја или на тврда рогозина. Држел најстрог пост. Никогаш не јадел јадења со масло, а јадел една просфора во седмицата. Во празничните денови, заради послушност кон црковните правила, само го топнувал прстот во кандилото и го оближувал. Редовно ги служел сите Богослужби во манастирот. Се занимавал и со умната молитва во подвигот на очистување на срцето од страстите. Во непрестајното изговарање на името Исусово во очистеното срце. Стекнал и умно-срдечна молитва. Добил од Бога дар на прозорливост и чудотворство.

Има многубројни сведоштва за светоста на неговиот живот и неговата жед за Бога. Еднаш еден човек кој многу добро го познавал ми има речено: Не сум видел човек кој толку го сакаше Бога.

Кога во 1971 год. се враќа од Света Гора, барајќи мир за да може постојано да Му се моли на Бога, променува неколку манастири, св. Богородица – Матка, св. Богородица – Побожје, св. Димитриј – Марков Манастир, св. Преображение – Зрзе, за да во 1975 год. трајно се насели во манастирот на св. Гаврил Лесновски во Лесново – Брегалничка епархија, тогашна Злетовско-Струмичка, каде често знаел и со денови да се повлече од манастирот и да се насели во двете ближни пештери каде се подвизувал и неговиот исоименик св. Гаврил Лесновски. Секогаш избегнувал гужви и непријатности и во една таква прилика, бидејќи живееше во времето на атеизам, во неговиот манастир дошле една група војници. Тогаш тој се заклучил во својата ќелија и цела недела додека тие биле таму, не излегол, пребиваајќи во тишината на непрестајната умно-срдечна Исусова молитва.

Имал голема љубов кон верниот народ. Често ги собирал луѓето за големите празници и им држел сеноќни бденија. Бил строг кон себе, а благ кон другите. Сите ги поучувал во кротост, љубов, долготрпеливост, саможртвеност, ревност за Бога, верата, молитвата…

Епископот Гаврил се удостоил уште за време на овој живот да биде носитела на благодатта на Светиот Дух и сведок Божји. Покрај многуте дарови што ги поседувај, Себлагиот Бог му го дал и дарот на чудотворство и исцелителност на молитвата. Имал голема вера и љубов кон Бога, така да за што и да го помолил Бога, веднаш го добивал. Има многубројни примери за Чудотворноста на неговата молитва. Ќе споменеме некои од нив.

Едно негово духовно чедо внукот бил многу болем и пред тешка операција, за која докторите не гарантирале дека ќе остане жив. Во тие тешки моменти на тага, духовното чедо заборавило на својот духовен отец, но пред самиот ден на операцијата, во крајно бунило, добила просветлувачка помисла да појде кај дедо Гаврил (како што многумина го нарекуваа) и веднаш тргнала. Пред портите ја дочекал отец Гаврил со зборовите: Оди си дома, твојот внук е здрав. И кога се вратила дома, и’ кажале за чудесното излекување на нејзиниот внук, на што многу се чуделе и докторите. Исто така, едно дете сеуште е жив сведок дека по молитвите на о.Гаврил, неговиот јазик се ослободил и тој почнал да зборува.

Едно дете, по име Ѓорѓи, од некое струмичко село, не можело да зборува и неговите родители честопати го носеле кај отец Гаврил да се моли за него. Еднаш, кога до однеле кај него за време на вечерната служба, тој го однел детето во храмот и му прочитал молитви. Наредниот ден отец Гаврил служел Света Литургија и за целото време се молел за детето. Откако тоа се причестило и откако завршила Литургијата, детето ги подигнало рацете нагоре и рекло: „Мамо!” Сите присутни во храмот се израдувале и зачудиле, и му оддале слава на Бога, Кој прави чуда преку своите служители.

Преподобниот бил многу милостив и човекољубив со ближните. Еднаш, дошло некое семејство со трчање и во паника, бидејќи некоја кола го удрила нивниот син. Тогаш отец Гаврил влегол во храмот, веднаш започнал да се моли и доста време не излегол. Кога излегол им рекол: „Одете, детето ќе биде дома здраво и живо. Ама тоа е, сте работеле во недела. Внимавајте на неделата и богослужбата. Работевте ли денеска?”[2] Тогаш тие одговориле: „Работевме, работевме…” „Епа друг пат нема да работите во недела” – им одговорил отецот.

Долго време немало дожд во Лесново и селаните дошле да го молат отец Гаврил да се помоли на Бога да им испрати дожд. „Дојдете, ајде сите да се молиме на Бога…” и среде молитва, за чудо и радост на сите започнало да врне дожд. Селаните започнале да му благодаратза молитвите, а отец Гаврил им се обратил скромно со зборовите: „Никогаш не ги препишувајте чудата на себе… Не сум тоа јас… Манастирот е чудотворен и свет, а и тие што доаѓаат добиваат исцеление!”

Бидејки живеел во време на антитеизам, често бил изложуван на искушенија од световните луѓе кои не ја почитувале светоста на Православната вера и манастирот. Така еднаш една просветна работничка сакала да организира световен концерт во манастирот, на што о.Гаврил не се согласувал. Но заради нејзината упорност и покрај најучтивите молби, тој се повлекол и пошол на молитва. Само што се маместила бината и почнала приедбата се излеаз обилен дожди и сите се распрснале.И уште многу други слични примери.

Манастирот во Лесново постанува кошница за сиот Боготражителски народ во тоа време. Притекнувале луѓе од сите краишта на државата и луѓе од најразличен профил и професија. Отец Гаврил станува возљубен духовен отец на многумина кои Го бараат Бога.

Тој го обновува и руираниот стар конак во манстирот и ја подигнува и црквата Успение на Пресвета Богородица во Пробиштип, која е и прва и единствена црква во градот.

Покрај сите свои подвизи и одговорности, учи и дипломира на теолошкиот факултет во Скопје (меѓу првите). Пишува и книги и есеи по повеќе црковни весници. Покрај уметничките рецензии, автор е и на збирката поезија 33 Песни за Ерусалим, Света Гора – Небесна Земја (1978 год.), Пред најголемиот јубилеј на човекот (1980), 2000-годишнина на Христијанството е на прагот (1981), Правила и одредби на Православната Црква за постот (1994) и Отец Херувим (1998) и двете објавени постхумано.

Во својата пастирска и духовничка дејност има зацртано три цели:

Обнова на Лесновскиот манастир
Обнова на монаштвото
Свештено прославување на јубилејот 2000 години од Христијанството

Неговата преподобност била почитувана и надвор од нашата Црква. Пред да дојде на Света Гора, Србите сакале да го нарпават Владика во СПЦ, имал блиски врски со о. Емилијан Симонопетарски, кој во тоа време бил игумен на Метеорите и сакал да го задржи отец Гаврил како игумен на еден од манастирите, подоцна го барале да биде игумен на скитот на св. Харитон Исповедник во Ерусалим.

Во 1981 год. од Синодот на МПЦ бил унапреден во архимандрит на 28-ми август, на празникот на Успение на Пресвета Богородица, а во 1989 год. е хиротонисан и за епископ со титула Велички.

Неуморните пастирски трудови ставија печат врз неговото немоќно тело, но тие не беа залудни. Средбата на многу души, кои талкаа и страдаа по овој свет, со неговите духовни книги беше пресудна. А колку повеќе може да се зборува за личните средби со него! Помеѓу многуте негови духовни чеда постојат и такви, кои тој ги вовел во верата, ги огласил со евангелските вистини и ги подготвил за Свето Крштение. Има и такви, кои ги извлекол од калта на гревот и пороците. Некои од нив ги присоединил кон светата Православна Црква. Други, пак, ги упатил на спасителниот монашки пат.

На 28 Август 1995 Архимандрит Гаврил Парнаџиев бил хиротонисан за викарен Епископ на Архиепископот Гаврил со титулата еп. Велички. Наречението се случило на предходниот ден на 27 Август, а самата хиротонија на денот на Успението на Пресвета Богородица, која што тој многу ја почитувал.

Народот многу сакал дедо Гаврил да стане Владика, а некои од Синодот не мислеле така. Потоа Синодот го избрал, а тој не сакал, но заради послушание, прифатил. Иако од секогаш прибегнувал кон молчание во осаменост, тој бил хиротонисан за Владика во неговиот манастир.

Неговите солзи самите течеа, а тоа ги повлече и солзите на сите присутни во Црквата. Благодатта на Светиот Дух го исполнувала целиот храм.
Солзите се лееле од неговите крупни очи. Солзи потикнати од длабоко смирение дека не е достоен да го носи тој возвишен чин и благодарност за Божјата неизмерна љубов и милост. Меѓутоа тоа беа и еден друг вид на солзи. Тој знаел дека наскоро ќе ги напушти сите оние кои заради него дошле да се радуваат и дека ќе ги остави сираци, но и сакал затоа што веке поодмана се спремал за Ерусалим, како што тој си го нарекувал Цратсвото Божјо. Тој реално многу го сакал и земниот Ерусалим од каде имал повици да дојде и биде Игумен на скитот св. Герасим, но сега не бил во прашање земниот Ерусалим туку небесниот.

Неговата блиска смрт си ја предвидел и самиот си отслужил 40 заупокоени Литургии. Се упокојува мирно на молитва со своето сакано Евангелие на гради и со бројаницата во рака. Пред да се упокои, самиот си се подготвил за својот погреб и на едно листе напишал: Јадењето подгответе го без масло, ги собрал своите духовни чеда од Лесново и рекол: Чеда мои, до сега бев со вас, и сега веќе одам во горниот Ерусалим и пак ќе бидам со вас и ќе ве чекам во Небесниот Ерусалим.

Еднаш, кога едно негово духовно чедо дошло кај него го нашла сам во собата и со подготвено ковчеже, кое било скриено под чергата. Кога го пронашла ковчежето го пршала за каде се спрема, а тој и рекол дека ќе патува за Ерусдалим и не се враќа.

На денот на самата Хиротонија по Литургијата додека другите се подготвувале да го овековечат овој свет настан со заедничка фотографија, отец Гаврил се задржал во храмот и половина час неможел да ги собере солзите. Им рекол на малкумината што останале со него, “Вие ми дојдовте на погребение”, на што тие го укориле и рекле дека денес е денот радосен за сите и да не зборува така. “Не, не , вие денес ми дојдовте на погребение”,биле зборовите на о.Гаврил.

Секавањето на смртта е најголемата философија според св. Василија Велики, затоа што таа мисла нас не чува од грев, не смирува, и живееме со надеж за спас, само кај човекољубивиот Бог. Посебен дар од Бога е кога ќе си го знаеме денот на нашата смрт. Тоа им се дава само на големите пропаведници како што бил и св. Гаврил светогорец еп. Велички. Тој си ја предвидел својата смртт и самиот си отслужил 40 заупокоени Литургии. На 40от ден се упокоил мирно во Господа.

Тој бил многу штедлив човек. Јас лично му ја разгледував книгата каде што водел финансиски евиденции. Колку што просечен македонец ќе потроши за еден месец, а австралијанец за една недела, тоа о. Гаврил го потрошувал за една година. Во тој ден Луѓето се чуделе кога виделе дека раскрева вреќи со грав и се што било потребно за да се направи ручек за неговото погребение. Никому не кажувал ништо. Само оставил едно ливче на кое пишувало “јадењето направете го без масло”. Гробот сам си го приготвил. Тоа била една обична рамна плоча и обичен од камен исклесан крст, додека гробот за татко му го направил по убав, кое што го искажувал неговиот карактер, благ и попустлив кон другите, а строг кон себе. Цел живот за себе оставал само колку што му било доволно да остане жив.

На 12 Јануари, со евангелието, кое постојано си го читал, и крстот на гради, а во раката со бројаницата на молитва, мирно си ја предал својата душа во Божјите раце. Бидејки го нашле мртов после некое време, требало да му ги трлаат колениците за да му ги исправат нозете и го положат во сандакот. На неговиот погреб, присуствувале неколку владици и многубројно свештенство. Бил погребан зад олтарниот дел на манастирот покрај својот телесен татко и духовен син о.Кирил.

Се упокол и навистина не ги оставил своите духовни чеда. По неговото заминување во Горниот Ерусалим, на многумина им се јавил во сон, а на едно негово духовно чедо на кое негло почнал да му слабее видот, му се јавува на сон, го излекува и се упатува кон црквичето Вознесение Христово – Штип. Во домот на едно негово духовно чедо, од неговата фотографија, кој и’ ја дал додека бил жив, почнало да тече свето миро. А и до ден денеска има значи и чудеса на неговиот гроб од каде се чувствува и благопријатна миризба низ воздухот, а селаните кажуваат дека по неговото упокојување во Господа, на неговиот гроб гледале светлина во вид на огнен столб.

Неговиот свет, подвижнички и многустрадален живот, чистотата на верата, како и многубројните чудеса, за време на животот, но и по смртта, се сигурен показател дека тој е примен во населбите на светителите, и таму, пред престолот Божји се моли за неговите духовни чеда, за верниот народ на нашата Света македонска православна црква како и за сите кои со вера го повикуваат. Во новите храмови речиси насекаде се живописува неговиот свет лик, се сликаат и икони, се запишуваат неговите чудеса – останува уште да се напише официјално житие, служба, акатист, да се одреди ден за негово празнување (најверојатно денот на неговото упокојување, 12 јануари) и да се извадат неговите свети мошти од гробот во Лесновскиот манастир – сето тоа како подготовка за неговото официјално канонизирање, т.е. признавање на неговата светост, и вбројување во диптихот на светителите. По неговите свети молитви Богда не помилува и спаси. Амин.

По молитвите на нашиот свет отец Гаврил Светогорец, епископ Велички, Господи Исусе Христе, помилуј не’! Амин.

Тропар, гл. 8
Имајќи ја светската слава си го оставил светот
И на пат кон Света Гора игуменски благослов од Богомајката си добил.
Со пост, бденија и молива си го запазил целомудрието, Богобојажлив Гавриле.
Моли го сега Христа нашиот Бог, да го умножи монаштвото,
да Ја запази Црквата наша и светот да го спаси.


About The Author