Не е проблемот во нашите „непријатели“, туку лично во нас и во нашиот однос кон нив – Митрополит Струмички г. Наум
~+~
Очигледно е дека, говорам за целата Православна Црква, некои епископи против нив имаат непријателски настроени некои други епископи, презвитери или верници. Некои презвитери против нив имаат непријателски настроени некои епископи, други презвитери или верници. Додека, пак, некои верници против нив имаат непријателски настроени некои епископи, презвитери или други верници. Пишувам за оние кои не го предизвикале непријателството кон себе со некое несоодветно однесување, како и за оние кои ќе посакаат да се покаат.
Фала Богу што имаме многу повеќе нормални епископи, презвитери и верници, кои сѐ уште можат да одржат некаква рамнотежа и некакво видливо единство во Православната Црква, иако и тие се доста ограничени во своето јавно делување поради популизмот на кој треба да внимаваат – во делот на поистоветувањето на номиналните христијани со нацијата и државата; наместо, нели, пастирскиот однос кон истите – каков што од сите нас бара Светото Евангелие.
Непријателствата, поделбите и расколите се последица од маргинализирањето на аскетско-исихастичкиот подвиг и на литургискиот живот на Црквата, како и од погрешното административно уредување, што од ваквото маргинализирање произлегува. Проблемот е што Црква, која има поделби, раздори и непријателства во самата себе, е неспособна за мисија – и внатрешна и надворешна; неспособна е да Го сведочи Богочовекот Христос во овој свет. Напротив – одбива; и тоа, посебно ги одбива невоцрковените.
Но, никој не треба премногу да се вознемирува, луѓето се променливи – сега не те сакаат, утре те сакаат – и така натаму, зависи од нивниот интерес; сепак, нашата борба не е против луѓето – против „тело и крв“, нашата борба е против демоните – против силите на злото од поднебесјето. Е, демоните не се променливи, тие секогаш нѐ мразат и докрај ќе се борат против нас и за наше оддалечување од Бог.
Секако, демоните водат, модерно таканаречена, прокси војна против нас, односно не нѐ напаѓаат самите тие, туку ги користат, пред сѐ, непријателски настроените епископи, презвитери или верници против нас. Но, ние не треба да дозволиме да нѐ вовлечат во замката дека се бориме против „тело и крв“, затоа што ќе го промашиме методот на борба и ќе ја изгубиме војната. Љубовта или, барем, невраќањето на злото со зло е нашиот метод на борба против демоните.
Непријателски настроените луѓе – демонските инструменти во борбата против нас, најчесто, ним им служат несвесно – што ни остава голем простор, со наше смирено и љубовно однесување, да ги извлечеме од канџите на демоните и да ги направиме наши пријатели.
Луѓето, што несвесно им служат на демоните, некогаш не знаат зошто не нѐ сакаат, некогаш затоа што мислат дека нешто им пречиме, некогаш веруваат дека заштитуваат некакви „повисоки идеали“, но како и да е, секогаш тоа е поврзано со некоја од нивните страсти, како: славољубие, среброљубие и сластољубие, преку кои демонот ги држи заробени; секогаш тоа е поврзано со некој нивен идол.
Оние наши „непријатели“ – иако ретки, што им служат свесно на демоните, многу тешко можеме да ги придобиеме и со смирение и љубов; нивниот однос кон нас може да го промени само Бог, допуштајќи им лични или колективни несреќи, користејќи посебни политички ситуации или црковно-административни поделби.
На крај, без оглед дали нашите „непријатели“ несвесно или свесно им служат на демоните, кога ние ќе ја научиме лекцијата на смирението и љубовта или ако тие го надминат допуштеното им чинење зло, по Божја промисла, биваат отстранети од нашиот живот. Лекција што не се научува, се повторува. Значи, не е проблемот во нашите „непријатели“, туку лично во нас и во нашиот однос кон нив.
И треба многу да Му благодариме на Бог што е сето ова вака – како што е, што мораме да бидеме во постојан подвиг на смирение и љубов кон оние што ни чинат зло, што нема никаде некаква идеална средина, што никаде демонот не нѐ остава на мир. Сето тоа е само еден голем тренинг за сите нас, едно големо школо, преку кое учиме многу лекции и стекнуваме голем опит; без што немаше да има ниту наше, ниту пак, спасение на нашите ближни.
Сепак, нашето Царство не е од овој свет, а самата војна ни е однапред добиена, бидејќи ни е дарувана од Богочовекот Христос на Крстот. Господи, слава Тебе!
Митрополит Струмички г. Наум
22 / 06 / 2025

