// Google analytics code

Нашите срца требаше да ни горат, кога до нив ќе допреше Божјата информација – Митрополит Струмички Наум

Живееме во свет на информации и треба многу да внимаваме од кого, како и кога ги примаме; тие можат да ни донесат и живот и смрт. Кога Божјата информација ја прифаќаме со срцето и притоа имаме намера и волја да ја оствариме на дело, тогаш ја добиваме тајно и Божјата несоздадена енергија, Божјата благодат, живот и сила. Велиме тајно, затоа што благодатта се активира, станува дејствителна, кога ќе покажеме намера и решеност во срцето да ја оствариме и кога ќе почнеме да ја остваруваме континуирано, на дело.

Постои една голема опасност за нас христијаните, а тоа е кога ја прифаќаме Божјата информација само на ниво на разум. Ако Божјите информации што доаѓаат од словото на духовниот отец, од Светото Писмо, од делата на Светите отци ги прифаќаме само со разумот, без сериозна намера да се спроведат на дело, тогаш собираме само знаење без благодат, а со тоа стекнуваме еден вид имунитет, еден вид отпорност кон Божјата информација, остануваме бесплодни и автоматски влегуваме во пасивна социопатија; не ни ни текнува зошто духовно стагнираме.

Значи, Божјата информација пратена до нас може и да нè убие духовно ако ја игнорираме. И во Евангелието пишува дека повеќе ќе биде каран оној што знаел, а не исполнил, отколку оној што не знаел (види: Лука 12, 48).

 Овој демонски вид отпор, бесчувствителност, кон извршување на Божјото дело е една од главните карактеристики на современите христијани! Примери да не наведувам, оти сите ќе се пронајдеме во нив – кој повеќе, кој помалку. Наместо што си ги замрзнавме срцата од безверие, тие требаше да ни горат – кога до нив ќе допреше Божјата информација, и да го шират огинот околу себе. „Зарем не гореа срцата наши додека ни говореше по патот“.

Митрополит Струмички Наум

Божествена Литургија во манастирот ,,Св. Георгиј Победоносец и преподобен Антониј Велики” во Ново Село.

08 / 05 / 2025


About The Author