ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША ПАРАСКЕВА – ПЕТКА
~+~
(27/14 октомври)
„Знаете дека кнезовите народни владеат над народите, и управниците господарат над нив; меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви служи; како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да го даде животот Свој за откуп на мнозина.“ (Матеј 20:25-28)
„Оди и продај сè што имаш, раздај го на сиромаси и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене.“ (Марко 10:21)
Вистинитоста на овие Христови зборови најживо ги покажала нашата светителка, преподобната Параскева – Петка, која иако малечка по раст и млада по години, со своите дела, подвизи и мудрост ги надминала многумина мажи. За да се следи Христос не е потребно да си моќен, силен или славен, туку најважно е да имаш срце. Земајќи го последното место и следејќи го примерот Христов да им служи на другите, Света Параскева – Петка ја достигнала целта за која сме повикани.
Уште на 15 години избира да живее подвижнички монашки живот и да се овенча за невеста Христова. До својата 25-та година успева да ги помине сите три стадиуми на духовно восовршување, очистување на срцето, просветлението на умот и вподобувањето на Христос или обожението на личноста. На 27 години веќе се упокојува покажувајќи колку многу го љуби својот избраник Христос и животот на земјата не и вреди ништо само за да го придобие Него.
И така, бегајќи екстремно од овоземните богатства и почести, дури бидувајќи и странец меѓу своите во својот сопствен град и народ, таа денес е една од најпознатите и најпочитуваните светители во Православната Црква. Почитувана е од христијани од целиот свет, дури и од иноверци. Пред нејзиниот кивот секојдневно се редат луѓе кои сакаат да и оддадат почит и да ѝ се помолат за некаква помош и буквално нема момент кога таа е сама, а за средба со неа се чека во непрестајни редици.
Се вели дека споменот за света Петка е посветол и од сонцето.
Голем и богат е живописот на преподобната, а нашиот ум не е способен да го направи тоа како што прилега и кој може да ги искаже нејзините дела и чудеса, нејзините добрини и застапништва што и денес таа ги прави меѓу нас христијаните.
Потекло и воспитание
Оваа славна и рамноангелна светителка, Света Параскева – Петка е родена во 1025 година, во градот Епиват (денес Бојадос) во Турција, на брегот на Мраморното Море, во близина на Цариград, денешен Истанбул. Нејзините родители биле богати и побожни, и во сè живееле според заповедите Божји. Татко и бил управител на градот, а мајка и Софија мудра христијанка и побожна благородничка. Како добри и верни луѓе, ја воспитувале во страв Божји, поттикнувајќи ја и неа на добри дела. Освен ќерката Параскева, тие имале и еден син, по име Ефтимиј.
Своите децата ги воспитувале во набожност и ги учеле на добродетелен и богоугоден живот. Воспитана во добродетелно христијанско семејство со всаден страв Божји во нејзиното срце, блажената Параскева го започна духовното искачување на скалата на доблестите кон Христос уште од најрана возраст, пред сè преку светата молитва, која е почеток на секоја добрина.
Добродетелен живот
Светата Параскева била обдарена со мноштво на добродетели кои ги краселе нејзината душата и живот. Посебно овие три добродетели: ангелската девственост, милостињата и божествената молитва, мајката на сите добри дела. Таа ги засакала овие добродетели уште од своето детство и преку нив, на посебен начин се соблекла од сите овоземни приврзаности и страсти и како чиста гулабица се вивнала на небесата до Бога.
Уште од рани години таа научила многу да се моли, дење и ноќе. На своите молитви и ги додала делата на љубовта и подвигот на пост. Постот ѝ дава крилја на молитвата и ја издигнува на небото, затоа и таа не вкусувала ништо до вечерта, во посните денови и на празниците. А преку милостината, првата ќерка на љубовта, се принесува молитвата пред престолот на Пресвета Троица. Кога се враќала од Црква, често знаела да ја замени својата добра и скапа облека, подарена од нејзините родители, со лоша и искината облека на деца сиромашни, кои барале милостина на вратата од Црквата.
За ова побожната Параскева добивала многу опомени и тепања од мајка си, кога ќе ја видела облечена во грда и сиромашна облека.
– Кажи Параскево, кому ја подари твојата скапа и убава облека со која те облеков? – ја прашала налутено нејзината мајка.
– Му ги дадов на Христа преку рацете на сиромашните деца! – среќно одговорала таа со светло лице.
Родителите, загрижени за неа, ја укорувале и строго ѝ забраниле повеќе да не го прави тоа. Ho, таа и понатаму продолжила да прави така. Кога тие ја прекорувале поради тоа, таа одлучно но истовремено и смирено им одговарала дека не може да живее поинаку.
Еден ден, Параскева, како десетгодишно девојче, кога co својата мајка била во Црква, ги слушнала зборовите од Светото евангелие: „Кој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека врви по Мене“ (Марко 8, 34). Овие зборови длабоко се врежале во нејзиното младешко и чисто срце полно со љубов кон Христос. Таа и порано ги имала слушнато oвие зборови, но тогаш не била подготвена и баш сега, Господ сакал, како погодена со стрела во срцето, тие да подејствуваат. Ги почувствувала толку силно и благодатта Божја толку ја исполнила што од тогаш решила да ги напуштил грижите на земниот живот и да се посвети на служба на Бог. Тајно го напуштила родителскиот дом на само 15 години и пристапила на арената во светиот подвиг на монашкиот живот.
Монашки живот
Горејќи од желба да живее само за Господа, таа не можела долго да остане во овој вознемирувачки свет и најпрво отишла во Цариград за да се поклони на тамошните свети места. Се поклонила во Црквата Влахерна, како и во сите манастири и на светите мошти. Обиколувајќи ги сите светилишта, сретнала многу ревносни подвижници и од нив добила многу драгоцени совети. Според нивниот совет, таа се населила во предградието на Ираклија, при храмот „Покров на Пресвета Богородица“ и таму останала пет години во пост, молитва и солзи.
Овде блажената Параскева, усовршувајќи се во сите добри дела, а особено во непрестајната молитва со многу солзи, со строг пост и ноќни бдеење, го започна духовното искачување кон совршенството, соединувајќи се со Младоженецот Христос. Исполнета со благодат и милост набргу била возљубена од сите сестри во манастирот и ѝ се восхитувале на нејзиниот живот и мудрост. Го славеле Бога, велејќи: „Слава Ти Господи за благочестивата девица Параскева, избраниот свет сад. Ти си возвишен меѓу кротките и смирените на срце!“
Се предала на строги подвизи и следејќи го примерот на светителите, co пост, молитва и бдеење ги умртвила страстите на своето тело и го потчинила на духот, поминувајќи ги сите три степени од духовниот живот, очистување на срцето од страстите, просветлување на умот и Боговподобување или обожение.
Исто и нејзиниот брат Ефтимиј, кој имал желба за посовршен духовен живот, co благослов на родителите, се замонашил. Како монах, тој се прочул co својот подвижнички живот и бил избран за епископ Мадитски. Како епископ се прославил co своите добродетели и co борбата против еретиците. Се упокоил во длабока старост и бил погребан во тамошниот соборен храм. Неговите чесни мошти станале извор на свето миро. Свети Ефтимиј направил многу чудеса, како за време на земниот живот, така и по неговата смрт.
Во Јорданската Пустина
Исполнувајќи ја својата дамнешна желба, таа отпатувала во Палестина и откако се поклонила на светите места, осветени co животот на Спасителот, се населила во Јорданската Пустина. Во безживотната и сурова пустина водела рамноангелски живот. По примерот на пророкот Илија и на свети Јован Крстител, се хранела само co пустински растенија, во мали количини и тоа само по заоѓањето на сонцето. Постојано ги издигнувала очите само кон Едниот Бог, Кој смирените по срце ги спасува од малодушност и од тешкотии.
Пустински живот
Ho, кој би можел да ги искаже сите напори, страдања, маки и демонски искушенија што света Петка ги претрпела во текот на многуте години подвижништво? Кој може да знае колку солзи таа пролевала и колку воздишки кон Бога испратила? Кој би можел да ги опише нејзините секојдневни борби што ги водела co телото, co помислите и co демоните додека потполно не победила?
Единствено Бог, Кој е насекаде и Кој сè гледа, само Тој може да ги види и да ги знае сите нејзини подвизи. Таму таа не се грижела за суетните работи од овој свет, туку се грижела само за осветување на својата душа и за одговорот на идниот Суд и средбата co небесниот Младоженец. Нејзината основна грижа била како да го украси својот светилник и co мудрите девојки да My излезе во пресрет на небесниот Младоженец, да го чуе Неговиот милозвучен глас и да се наслади co гледање на Неговата убавина.
Постојано во мислите ја чувала мислата од книгата „Песни над песните“: „Кажи ми ти, кого го сака душата моја?“ (Песна 1,7) исто од псалмите: „Душата моја жеднува за Бога, за живиот Бог: кога ќе дојдам и ќе го гледам лицето Божјо“ (Пс. 42:3).
Додека преподобна Параскева во пустината водела таков живот, лукавиот непријател – ѓаволот ѝ завидувал на нејзините добродетели и се обидувал да ја заплаши co разни мечтаења и привиденија. Често пати, земајќи облик на разни ѕверови, тој ја напаѓал светата подвижничка за да ја спречи на патот кон подвигот. Но таа, и покрај својата женска младешка природа, се здобила co машки и старечки разум и го победила ѓаволот, како што Давид го победил Голијат.
Добрата невеста Христова, Петка, „го избра Севишниот за свое засолниште“ (Пс. 90, 9) и со Негова помош, со знакот на Неговиот свет крст, ги избркала непријателите и ги искинала сите мрежи на ѓаволот и целосно го срушила.
Украсувајќи ја својата душа со такви подвизи и доблести, Параскева станала возљубена невеста Христова, така што на неа се исполни пророчкото слово: „И Царот ја посакува твојата убавина“ (Пс. 44, 12). Христос, се вселил во неа со Отецот и Светиот Дух и станала храм на Живиот Бог.
Тука речиси десет години се борела со уште потешки неволји, победувајќи ги ѓаволите и молејќи се за светот. Нејзините добри дела со кои го победила невидливиот и неискажливо соединета со Христос достигнала потполна чистота на умот и срцето од страсните мисли и фантазии. Непрестајната молитва со солзи, постот, бдението цела ноќ и неискажливата желба за саканиот Младоженец Христос, биле постојани придружници на Преподобната. Сето тоа ја крунисало света Петка со круната на совршенството во Христос, така што таа заблескала како запален факел среде другите преподобни монахињи.
Странец меѓу своите
Кога наполнила 25 години, една ноќ додека таа, според својот обичај, стоела на молитва и co умиление ги подигала своите раце кон небото, здогледала ангел Божји во облик на пресветло момче, кое дошло при неа и ѝ реколо: „Остави ја пустината и ова место и врати се во Епиват, во својата татковина, зашто таму треба да го оставиш телото на земјата и да преминеш од овој свет кон Бога, кого го сакаш!“
Преподобната се задлабочила во смислата на тоа видение и кога разбрала дека е од Бога, таа се исполнила co радост што наскоро ќе се ослободи од телото, но во исто време и тагувала што ќе се раздели од пустината и осаменоста. Покорувајќи се на небесната волја Божја, преподобната Параскева заминала во својот роден крај. Така, откако светата Параскева – Петка се простила со сите сестри во тој манастир, се поклонила на гробот Господов во Ерусалим и земајќи кораб, стигнала во Цариград.
Кога допатувала во Цариград, таа се упатила во прекрасниот храм на Божјата Премудрост „Света Софија“. Таму се задржала кратко и често правела коленопреклоненија, пролевала реки од солзи, а често од срцето испуштала и воздишки, а кога ќе си спомнела за пустинскиот живот, ја обземала голема тага.
Потоа, како вредната пчела што ги облетува пролетните цутови, така и таа ги посетила тамошните свети места и дошла во храмот посветен на Пресветата Мајка Христова – Влахерна. Откако се поклонила на иконата на Мајката Божја, облеана во солзи, се помолила, велејќи: „Тебе, Владичице, ти го предадов целиот свој живот и на тебе ја полагам сета моја надеж; не отфрлај ме мене, бедната. Немој да се гнасиш од својата слугинка, која од младоста Го следи твојот Единороден Син. Дево, ти ја знаеш немоќта на женската природа, го знаеш страдањето на Мојата душа; немам друга надеж, немам друга заштита; ти си ми учителка; ти си ми застапничка, ти си пазителка на целиот мој живот. Додека одев во пустината, ти ми беше помошник; а и сега, кога се вратив во светот, немам потреба од никаква помош, освен од тебе?! Затоа сега, Владичице, заштити ме и биди ми сопатничка, учителка и патеводителка до крајот на мојот живот, зашто друга надеж, освен тебе, немам“.
Откако светата Петка вака се помолила од сета душа, и сета своја надеж ја положила на Мајката Божја, се упатила кон својот роден крај. Кога пристигнала во Епиват, таму поживеала уште две полни години во труд и страдања, како странец помеѓу своите, украсувајќи се co постојан пост и молитва.
Блаженото упокоение и погребение
Кога го почувствувала својот крај, кога дошло времето да оди при Бога, клекнала на колена пред иконата на Спасителот и со многу солзи се молела за себе, за Црквата, за светите слуги, за пустиниците, за болните и за целиот свет, а потоа во мир ја предала душата во рацете на Господа.
„Човекољупче, Владико, не ја презирај Својата бедна слугинка, која заради Твоето пресвето име остави сè и одеше по Тебе; и сега, семилостив Господи, заповедај му на Твојот ангел на мирот да ја прими мојата бедна душа и да не ѝ биде забранет патот кон небесата од нечистите и лукави бесови, но удостој ме слободно да застанам пред Твојот страшен престол, зашто си благословен во вечни векови. Амин!
Така во молитва, светата Параскева ја предала својата блажена душа во рацете на Бога, а нејзиното многу истрошено тело христијаните го погребале во нов гроб, блиску до брегот на морето, но не во заедничките гробишта, туку одвоено, како туѓинка, Koja никому не беше кажала Koja е и од каде е. Ја погребаа како странец, без никој да знае која е.
Ете, такви биле подвизите на преподобната Петка, такви биле борбите на духовната мајка која, иако малку време се подвизувала на земјата, но многу страдала и примила голема слава на небесата. Бог не дозволил таа да остане непозната, ниту да пропадне нејзиното непорочно тело, туку и за тоа направи големо чудо. Сакајќи да ја прослави Својата угодничка, и за утеха на верните ги открил нејзините свети мошти по многу години.
Чудесно откровение на моштите
Недалеку од местото каде што била погребана света Петка, на еден столб, се подвизувал некој столпник. Еден ден, брановите исфрлиле безживотно тело на морнар, којшто за време на пловидбата тешко се разболел и умрел. Од неговото тело почнала да се шири неподнослива миризба, така што не било можно ниту да се помине по тој пат. Таа миризба не можел да ја поднесува ни столпникот, па бил принуден да слезе од столбот и да побара од некои луѓе да ископаат длабока јама и да го закопаат телото. Копајќи, луѓето, по Божја промисла, го нашле нераспадливото тело на светителката и многу се зачудиле. Но, како прости и неуки, тие воопшто не обрнале внимание на тоа чудо. „Ако ова тело е свето, Бог тоа би го открил преку некакви чудеса“, си мислеле. Но, иако така размислувале, тие повторно го затрупале непропадливото тело на преподобната, оставајќи го на исто место до полураспаднатиот смрдлив леш на морнарот, па си отишле по своите домови.
Царицата достојно положена во Епиват
Кога се стемнило, еден од нив по име Георгиј, човек христољубив, се молел на Бога во својот дом, и кога пред зори заспал, на сон видел една царица како седи на пресветол престол, а околу неа стојат мноштво пресветли војници.
Кога го видел тоа, Георгиј го обзел голем страв и тој паднал на земјата, бидејќи не можел да го гледа сјајот и убавината. A еден од светлите војници го фатил Георгија за рака, го подигнал и строго му рекол: „Георгиј, зошто така го омаловаживте телото на преподобната Параскева и крај него погребавте распаднато тело? Веднаш извадете го телото на преподобната и положете го на достојно место, зашто Бог сака Својата слугинка да ја прослави на земјата“.
Тогаш и светлата царица му се обратила на Георгиј и му се открила: „Побрзај и извади ги моите мошти и положи ги на чисто место, оти не можам повеќе да ја трпам смрдеата на оној леш. Зашто и јас сум човек и мојата татковина е Епиват, каде што и вие сега живеете“.
Истата ноќ, за да биде поубедливо откровението, исто такво видение имала и една благочестива жена, по име Ефтимија. Утредента Георгиј и Ефтимија на сите им раскажале за своите виденија. Кога тоа го слушнал благочестивиот народ, сите co свеќи, кадилници и мириси побрзале кон моштите на преподобната Параскева и, co голема стравопочит ги извадиле од земјата, им се израдувале како на некое скапоцено богатство.
Кога свештениците слушнале за ова чудо, веднаш отишле на гробот на благочестивата Параскева со свеќи и темјан и ги однеле нејзините свети мошти во Црквата на Светите апостоли во Епиват, каде што престојувале 175 години и извршиле безброј чуда и исцелување од болести. По молитвите на преподобната Параскева, од нејзините свети мошти многу луѓе добивале исцелување: слепи прогледувале, хроми проодувале, луѓе болни од различни болести, оздравувале.
Пренoс на светите мошти
Но, по два века, откако почнала да слабее силата на Византија и по Божјо допуштение светите мошти на оваа славна светителка Христова биле пренесувани на повеќе места.
Во 1238 година, благочестивиот и верен Бугарски крал Иван Асен се заложил моштите да се пренесат во Трново.
Во тогашната Бугарската престолнина светите мошти почивале во придворната Црква посветена на Преподобната Параскева цели 155 години. Во 1393 година, кога султанот Бајазид ја освоил тврдината Трново, моштите биле однесени во Видин, каде што останале 5 години.
Во 1398 година и Видин паднал под турска власт. По 160 години престој во Бугарија, по барање на српската царица Милица светите мошти се преселуваат во соседната Србија. За таа прилика, во Белград на Калемегдан била изградена црква посветена на света Петка, која и денес постои и во која се наоѓа чудотворниот извор на света Петка.
И овде моштите не се задржале засекогаш. Наездата од Турците и нивната иноверна власт не застанала, па во 1521 година, султанот Сулејман II го окупирал и Белград. Меѓу останатото, ги запленил и моштите на света Петка и повторно биле предадени на Цариградската патријаршија.
Околу 120 години подоцна, финансиската состојба на Патријаршијата сериозно се влошила и не можела да го плаќа целиот данок на султанот, па султанот Сулејман Величествениот побарал од патријархот да ги откупи моштите на Света Параскева, велејќи му дека ако не ги купи ќе ги фрли во морето.
Конечно моштите на света Петка во Молдавија, Романија
Во 1639 година, господарот на Молдавија, Василе Лупу, ја завршил изградбата на прекрасната црква на манастирот на Светите три Ерарси, во Јаши. Самиот Василие имал голема почит кон оваа светителка и од сѐ срце сакал моштите на света Петка да бидат пренесени во овој свет храм во неговата православна земја. Оваа негова желба ја благословил и Господ, сакајќи и во Молдавија да ја прослави Својата светителката, така во срцето на цариградскиот патријарх Партениј ставил мисла да му ја исполни желбата на молдавскиот војвода.
Тогаш патријархот, во согласност co целиот свештен собор, чесните мошти на света Петка му ги испратил на војводата Василиј во неговиот престолен град Јаши, каде што почиваат до денес, длабоко почитувани од целиот романски народ.
За да му биде посигурна реализација и одобрена неговата желба, тој и понудил и финансиска помош на Цариградската Патријаршија. Наоѓајќи се во финансиска криза, лесно била прифатена понудата на овој милостив молдавски господар кој им исплатил на Турците голем дел од долговите на Патријаршијата. Така во летото 1641 година, патријархот Партениј, во знак на благодарност му го подарил најскапоцениот благомирис што го имал – моштите на преподобната Параскева. Во Галати биле донесени со брод, а оттука во Јаши ги придружувале бројни свештеници, монаси и верници со запалени факели во рацете.
Жителите од цела Молдавија co големо славење и радост ги пречекале чесните мошти на оваа голема светителка и биле положени во храмот посветен на светите Три Ерарси, на 14 октомври (односно 27 октомври, по нов стил) во 1641 година. Безброј се чудата и исцеленијата од болести што им се случиле на верниците, кои со молитви и солзи трчале кон моштите на света Петка во Јаши.
Светите мошти недопрени од големиот пожар
Во 1884 година, во црквата на манастирот започнале со реконструкции и светите мошти биле префрлени во параклисот на манастирот. Биле поставени на дрвен катафалк.
Вечерта на 26 декември 1888 година, по вечерната богослужба, била заборавена неизгасена свеќата од свеќникот до реликвијарот со моштите на Преподобната. Во текот на ноќта изгорел свеќникот, а потоа огнот се проширил на катафалкот на кој се наоѓале моштите. Тлеејќи цела ноќ пламенот го претворил ковчегот во куп јаглен.
Следното утро, државните и црковните власти, свештениците и верниците откриле дека светите мошти останале недопрени. Од пожарот се стопил дел од сребрените фитинзи на ковчегот, но по божествено чудо моштите останале недопрени. Ни трага од оган или топлина не навлегло внатре. Само перницата под главата на светителот била малку зачадена. Така, плачејќи од радост и слава на Бога и благодарејќи на благочестивата Параскева, сите паднале на колена и направиле акатист на Светителката.
Издигнати од купот жар, моштите биле привремено сместени во олтарот на параклисот во манастирот на Светите три архијереи. Еден многу добар и верен христијан, Лупу Ботез, со помош на други верници, изградил нов ковчег од дрво чемпрес, облечен со сребрени гарнитури. Поставени во новиот ковчег, моштите на преподобната со посебни почести предводени од митрополитот заедно со свештениците ги однеселе во новата Митрополитската катедрала посветена на Сретението Господово во Јаши, која била осветена кратко време пред тоа, на 23 април 1887 година, каде што и денес тие почиваат. А дрвениот ковчег, изгорен само однадвор, се чува во соседната црква, како сведоштво за чудото.
Чуда и исцеленија
Безбројни се чудата од застапништвото од ова светителка кои се случуваат и ден денес. Многумина се познати од раскажувањата на оние кои ги слушнале, но уште повеќе им останала тајна на оние кои ги доживеале. Доволно е еднаш да те исцели или утеши Света Параскева и секоја година да одиш кај нејзините мошти, со многу вера во душата. На таквите патот им изгледа пократок, животните неволји стануваат полесни, а враќањето дома се прави со повеќе радост и сила.
Пред сите, најголемото чудо на Света Параскева е зачувувањето на нејзиното тело со дарот на нераспадливост, на исцелување болести и избавување од многу потреби и опасности. Заради тоа, света Петка е една од најпочитуваните христови угодници и е земена за заштитничка во сите православни земји на Балканот. Дури и Турците биле импресионирани од чудата што им се правеле на христијаните кои барале помош со вера и побожност.
Да споменеме само неколку (нови) чудеса што се случиле од молитвеното застапништво на оваа светителка.
~ + ~
Кон крајот на 19 век, сопругата на свештеникот Георге Латес, од општина Радасени – Сучава, боледувала од тешка и неизлечива болест во главата. Тој притекнал кон Света Параскева и со солзи се помолил на моштите на светицата и побарал од неа помош. Ноќта му се јавила светата во сјајна бела облека и му рекла: Престани да плачеш, бидејќи отсега твојата сопруга ќе биде здрава! Следниот ден жената се разбудила здрава и го пофалила својот добротвор.
~ + ~
За време на Втората Светска војна Светителката го заштитила градот Јаши од уништување појавувајќи и се на сред фронт помеѓу завојуваните страни како исправена многу висока жена. Во тие моменти војниците се чувствувале изнемоштени и не можеле да војуваат. Така земајчи им ја силата, таа го заштитила својот град.
~ + ~
Во 1950 година, една млада жена од Јаши се разболела од леукемија. Исполнета со вера и надеж, заедно со нејзините родители, истрчале кај Света Параскева и со многу солзи побарале од неа помош и здравје. По два месеци упорни молитви и свети маслословија, младата жена се излечила од оваа неизлечива болест и продолжила со студиите.
~ + ~
Жена од село во близина на Јаши била тешко болна со стомакот. Бидејќи била хоспитализирана за операција, таа најпрвин ѝ се помолила на Света Параскева, барајќи од неа со вера и солзи помош и исцелување. Три дена по хоспитализацијата и биле направени сите анализи и резулатите не покажеле никакви треги од болеста. Лекарите му рекле: „Жено, оди дома оти немаш ништо!“
~ + ~
Инженер со белодробна болест бил хоспитализиран во Јаши за операција. Неговата мајка отишла кај моштите на благочестивата Параскева и верно ја замолила за својот син за здравје. За две недели лекарите ја одложиле операцијата. Потоа, било забележано дека пулмоналната состојба е чудесно излечена. Докторите зачудени му рекле: „Господине инженер, избегавте од операцијата, вратете се здрави дома. Има некој што се моли на Бога за вас!“
~ + ~
Три и пол годишно дете одеднаш престанало да зборува. Тогаш мајката го зела детето во раце и дошла да побара помош од света Параскева. Додека таа се молела со солзи, одеднаш детето извикало: „Мамо, Мамо! Еве го мојот Бог? Заблагодарувајќи ѝ се од срце на блажената Параскева, мајката се вратила дома со здравото дете.
~ + ~
Во 1955 година, двајца сопружници од Јаши имале големи несогласување дома. Една вечер, очајната жена го напуштила домот. Залудно ја барале нејзиниот сопруг и ќерка. Тогаш детето заминало да спие, а нејзиниот татко истрчал кај Света Параскева и со солзи се молел да ја врати сопругата безбедно. Пристигнувајќи сопругот дома, по еден час некој тропал на вратата. Тоа била сопругата! Лицето и било бледо и замислено.
– Каде беше, жено? Што ти се случило? – ја праша нејзиниот сопруг.
– Ѓаволот ме натера да мислам да се самоубијам. Затоа седнав на железничката линија, блиску до станицата Николина. Но, во 8 часот навечер, кога доаѓаше брзиот воз, кај мене дојде нашата ќерка облечена во бело, брзо ме фати и ме исфрли од линијата. Така ја избегнав смртта и проклетството на пеколот! Откако станав малку посилна, му се заблагодарив на Бога што ме спаси од овој страшен грев и се вратив дома.
– Жено, вечерва во 8 часот, нашата ќерка спиеше, а јас се молев на блажената Параскева за тебе. Таа што те спаси не беше нашата ќерка, туку самата света Параскева! Да и се заблагодариме, бидејќи таа те спаси од оваа страшна и двојна смрт, физичка и духовна.
Оттогаш, во ова христијанско семејство владее многу хармонија и духовна радост.
~ + ~
Благодарение на заштитничката на градот Јаши, за време на втората светска војна, тој бил заштитен од бомбардирање, а Митрополитската катедрала, каде што се чуваат светите мошти на Света Параскева, не била допрена со ниту еден шрапнел затоа што таа 350 години ја штити Молдавија и овој благословен град. Постарите велат дека војниците ноќе, за време на војната, виделе огромна жена облечена во бело над Јаши, заштитувајќи ја од окупација и бомбардирање.
~ + ~
За време на големата суша во летото 1947 година, кога луѓето и животните умирале од глад, моштите на Света Параскева биле изнесени во процесија низ селата во Молдавија. Верниците ги чекале и ги поздравиле со солзи радосници и факели во рацете. По нејзините молитви, се појавиле облаци од богат дожд и ја наводниле земјата.
~ + ~
На преподобната за своите потреби се молеле верници од сите професии, од различен социјален статус и различна возраст. Особено во испитните месеци, нејзиниот кивот бил исполнет со книги, училишни тетратки и тетратки од студентите и учениците.
~ + ~
На 14 октомври 1952 година се случило невообичаено чудо. Меѓу луѓето што чекале да дојде редот да се поклонат пред реликвијарот на преподобната Параскева, биле и двајца стари христијани од Фокшани. Гледајќи голема толпа, тие му рекле на дежурниот свештеник архимандрит Клеопа Илие:
- Оче, дај ни дозвола да ѝ се поклониме на преподобната Параскева, без да застанеме во ред, бидејќи сме болни, и да ѝ ја ставиме оваа перница под нејзината глава, која ја донесовме од дома како благодарност за помошта што ни ја даде.
- Господ да ве благослови, рече отец Клеопа. Одете и поклонете се!
Во тој момент свештениците и верниците виделе нешто премногу умилно и прекрасно. Преподобната сама ја подигнала главата, а откако жените ја ставиле перницата што ѝ ја донеле и се поклониле, таа повторно ја приклонила главата надолу како порано.
~ + ~
И во денешно време сè уште се случуваат чудеса по молитвите на светата Петка. Како што е случајот со Домника Иван која не можела да се движи. Била кај 4 неврохирурзи, се лекувала и сите ѝ рекле дека ако не се оперира ќе остане парализирана. За себе сега вели: „Со молитва и вера стојам и немам операција.“
~ + ~
Исто така и аџијата Чиро Стефан, кој по молитвите на света Петка, денес без операција може да ја движи раката и слободно да работи со неа.
Еве колку Семилостивиот Бог ги сака оние кои со смирение и вера се молат на Бога и Неговите светии! Света Параскева од Јаши ужива посебен култ во земјата, повеќе од сите други локални светци кои имаат мошти во Романија.
Свечено променување на облеката
Забележливо е дека света благочестива Параскева за време на празниците носи светли одежди, а за време на постот темни бои. Тоа е затоа што свештениците ја променуваат Светителката неколку пати во годината.
Одеждите на благочестивата Параскева се менуваат на Божиќ, на почетокот на постот кога добива одежда со темна боја, ден пред Велигден се облекува во бела одежда, во која е чувана до после Духовден, вечерта пред да биде изнесена од Соборниот храм за Поворката по „Патот на светите“, и по празникот.
Кога се облекуваат светите мошти на Света Параскева, катедралата се затвора. Свештениците ги одврзуваат затворачите што ја прицврстуваат одеждата одзади, а светите мошти остануваат завиткани во втора одежда која никогаш не се менува. Се вели дека тоа е облеката во која се донесени светите мошти и е како еден вид печат.
Оваа плаштаница е направена од ленено платно, истрошено со текот на годините, и на кое како печат е испишано проклетството на Василе Лупу и митрополитот Варлаам: „Проклет да е оној што некогаш ќе ги распрсне моштите на Светата Побожна Параскева“. Новата облека што се обвиткува околу телото на Преподобната Параскева е прицврстена со штипки одзади на одредени места. Круната во пределот на главата на светителката ја фиксира облеката како превез. Откако ќе се сменат и перниците кои се наоѓаат во реликвијарот – перницата од главата на Светителката и перницата од стапалата, во реликвијарот се става побожната Параскева.
Аџилак и свечена Литија
Секој ден, во митрополитската катедрала во Јаши, од утро до доцна навечер, има континуиран аџилак. Верници од сите возрасти, социјални статуси и од сите места на земјата и од странство, доаѓаат да се помолат на светителката. Едноставно, нема време кога нема некој да биде пред кивотот на преподобната, па дури и со редици да чекаат за поклонение. Особено на празниците, за време на постот и секој петок, кој се смета за „Свет петок“, односно на денот на благочестивата Параскева1, стотици илјади верници доаѓаат и со вера се поклонуваат на реликвијата, носат цвеќиња, подароци и облека што ја допираат до побожниот реликвијар за да ја добијат помош, здравје и благослов и не само православни, туку и иноверни како еден муслиман со име Мустафа.
„Јас сум муслиман, не сум се преобратил“. Дојдов овде со мојот муслимански идентитет, но тоа не ме спречи да ја почувствувам божествената благодат. Се чувствувам толку добро овде, се чувствувам здраво. Среќа што ги имаме моштите на светицата овде во Јаши“
Но најголемиот ден за празнување во текот на годината е 14 октомври, денот на заштитничката на Света Параскева, кога се одржува еден од најголемите православен аџилаци во Романија и Православната Црква. На тој настан присуствуваат верници од селата и градовите, од сите краишта на земјата и надвор од неа. Овој ден се смета за вистински национален црковен празник кој трае до 3 дена што се случува секоја година, светите мошти се изнесуваат од Црквата во предниот двор и се ставаат на посебен подиум украсен со цвеќиња, за да им се олесни на илјадници и илјадници луѓе кои доаѓаат да им се поклонат.
Од предвечерието, моштите на Света Параскева се изнесуваат пред соборниот храм и два дена и две ноќи верниците стојат во ред за богослужба. Вечерта на 14 октомври празникот на светителката завршува со поворка околу катедралата, предводена од митрополитот Молдавски, кој заедно со свештенството и верниците со свеќи во рацете го носат кивотот со моштите на светителката по „Патот на светиите“ прославувана од звукот од камбаните и прекрасните црковни пејачи. После тоа моштите се ставаат на нивното место во Црквата, се пее акатистот на Света Параскева, па секој се враќа на своето со радост на големиот празник со утеха на Светиот Дух во срцето.
Во последните години се воспостави традиција, на овој ден, покрај моштите на св. Петка да бидат носени и други мошти од други православни земји за поклонение на верните.
Три големи процесии низ покраините на Романија
Светите мошти се изнесени од градот Јаши само три пати во посебни прилики. За време на големи кризи како што се суша, болест, во војна или некаква непогода.
Првиот пат моштите на преподобната Параскева го напуштиле Јаши во 1944 година. Советската офанзива предвидела окупација на дел од Молдавија и за да не станат плен на злонамерниците, на 15 март 1944 година, под воена придружба биле однесени во Букурешт во манастирот Чиорогарла во близина на Букурешт. Помеѓу 27 октомври и 26 ноември 1944 година, мошти биле поставени до оние на Свети Димитриј Басарабов во катедралата во Букурешт и вратени во митрополитската катедрала во Јаши на 26 ноември 1944 година.
Вториот пат било во 1947 година за време на големата суша. Во летото 1947 година, моштите на Света Параскева беа изнесени во процесија низ селата во Молдавија. Верниците ги чекале и ги поздравиле со солзи радосници и факели во рацете, молејќи се да се појават облаци од богат дожд да ја наводнат земјата.
Тоа лето, Романија ја беше зафатила голема суша, многу од луѓето и животните умираа од глад, а останатите едвај можеле да преживеат. Од таа причина моштите на Света Параскева биле извадени од катедралата и во процесија пренесени низ селата во Молдавија. Во долга верска поворка првпат била однесена во некои места од областа на округот Јаши, во мај и јуни, потоа од едниот до другиот крај на Молдавија, во јули и август, со надеж дека светицата ќе стави крај на најстрашната суша над земјата. Во текот на целата поворка, верниците ги чекале и ги поздравувале светите мошти со солзи радосници и факели во рацете. За големо чудо, заради молитвите на верниците и молитвеното застапништво на светителката, надошле големи облаци од дожд и Романија се спасила од големата криза.
И третиот пат светите мошти биле изнесени сега, за време на пандемијата во 2021 година, во периодот од 7 дена пред празникот на Света Параскева.
Комунистичката власт останала немоќна пред силата на Преподобната
Постоела опасност за време на комунистичкиот период тие да бидат и уништени. Во текот на годините 1950-1954 година, бројот на аџии кои доаѓале до моштите на благочестивата Параскева се зголемувал. Комунистите решиле тајно да го закопаат нејзиното тело. Утрото кога делегираните за оваа задача почнале да копаат јама на блиските гробишта, небото наеднаш се затемнило, почнал да дува силен ветер, а местото го зафатил пороен дожд со град, грмежи и молњи. Исплашени, луѓето истрчале кон Соборниот храм, да побараат помош од пореподобната и Божја милост. По ѕвонењето на камбаните, верниците ги извршиле Акатистот и светителската молитва, како и други молитви кон Богородица. Веднаш по овие молитви, невремето стивнало и небото се осветли.
Три светителки со исто име
Света Параскева (Петка) е особено сакана и почитувана светителка во Православната Црква. Меѓутоа, треба да се направи разлика и да се знае дека Православната Црква, празнува три различни светителки со исто име Параскева или Петка. Сите три живееле во различно време и различно место и се прославиле на различен начин, и затоа е потребно да не ги мешаме и да ги разликуваме.
Правата светителка со ова име е преподобната маченичка Параскева Римјанка (26 јули/8 Август). Живеела во II век и апостолски им проповедала за Христос на незнабошците и многумина преобратила во вистинската вера. Била многу убава и многумина ја барале за жена, но таа одлучила да живее девствено за Христос. Многу пати била измачувана, но Бог ја заштитувал. По нејзините молитви му се вратил видот на царот Адријан. На крајот била обезглавена со меч по сурово и долготрајно мачење во времето на римскиот цар Терасиј. Света Параскева со својата храброст и чудеса мнозина привела во вера. Нејзините мошти подоцна биле пренесени во Константинопол. На иконите се слика со крст во едната рака, а во другата држи тацна со очи.
Другата е великомаченичката Параскева Иконијска (28 октомври). Родум од Иконија (Мала Азија) во III век, својот живот го посветила на милосрдие и добри дела. Заради својата вера во Христос, била изнесена на суд и кога ја прашале за името, таа рекла дека се вика христијанка, „Прво требаше да ти го кажам името на мојот вечен живот, а потоа на привремениот“, му одговорила на царот. За време на измачувањата и се јавил ангел Господов кој и ги исцелил раните и ја утешил. По долготрајни измачувања била пресечена со меч за време на прогонителот Диоклецијан во 303 година. Се црта со крст во едната раката и свиток во другата, а на многу од нејзините икони носи бела покривка на главата.
И третата е нашата светителка Преподобна Параскева (Петка) Епиватска. Живеела во X-XI век (се празнува на 14/27 октомври). Таа била родум од Епиват и била монахиња. Моштите и се зачувани целосно и денес се наоѓаат во градот Јаши во Романија. Се црта само со крст во десната рака.
Co бројни чудеса, и до денешен ден, овие свети мошти непрестајно Го прославуваат Господа, Кој е прославуван во светиите Свои.
По молитвите на св. Параскева – Петка, Господи Исусе Христе, помилуј нè!
Подготви: Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

