// Google analytics code

„Жива вода“ е несоздадената Божја благодат, енергија, живот, сила, светлина… – Митрополит Струмички Наум

„Жива вода“ е несоздадената Божја благодат, енергија, живот, сила, светлина… На првото ниво од духовниот развој – чистење на срцето од страстите, црпиме „жива вода“ од Литургијата и ја насочуваме молитвено преку енергијата на умот во пределот на срцето; да ја активираме таму вложената Божја благодат преку Светото Крштение.

На второто ниво од духовниот развој – просветлување на умот, црпиме „жива вода“ и од Литургијата и од молитвеното насочување на енергијата на умот во срцето; едното се проникнува во другото и ние стануваме светлина на светот.

И на третото ниво од духовниот развој – обожение на личноста, црпиме „жива вода“ од срцето и ја пренесуваме во Литургијата на Црквата. Не толку на таквиот човек му треба Литургијата колку што на Литургијата ѝ треба таков човек.

Токму ваков обожен човек – како што е Богородица, носител на внатрешното, царско и есхатолошко свештенство, ни Го донесе Господ Исус Христос, воплотениот Син Божји, во овој свет.

Богочовекот Исус Христос ни ја донесе Божествената Литургија, т.е. Евхаристија – заедничкото дело на Бог и народот, „времето и местото“ во кои Он твори. А Литургијата на Црквата ни ја одржуваат обожените луѓе, носители на внатрешното, царско и есхатолошко свештенство, додека Богочовекот Исус Христос, нашиот Господ, не стане сè во сè.

Митрополит Струмички Наум

18 / 05 / 2025


About The Author