Вистинскиот христијанин е човек чиешто срце е живо и кое гори – Митрополит Струмички Наум

~+~
Ако Божјите информации што доаѓаат од словото на духовниот отец, од Светото Писмо, од делата на Светите отци ги прифаќаме само на ниво на разум, без да ги прифатиме во срцето, односно без сериозна намера да ги спроведеме на дело, тогаш собираме само некакво „теолошко“ знаење без благодат, а со тоа стекнуваме еден вид имунитет, еден вид отпорност кон Божјата информација, т.е. кон Божјото слово; па дури и одбојност.
Ова е начинот на живот поради кој остануваме бесплодни и автоматски влегуваме во пасивна социопатија, а не ни ни текнува зошто духовно стагнираме.
Овој демонски вид отпор, оваа опасна бесчувствителност на нашето срце кон извршување на Божјото дело е една од главните карактеристики на современите христијани! Наместо што си ги умртвивме срцата од собирање на знаење – кое погордува, и од вера – без дела, тие требаше да ни бидат живи и да ни горат – кога до нив ќе допреше Божјата информација, а заедно со неа и Божјата несоздадена енергија, додека пак, Божјото слово требаше да биде, со копнеж и постојаност, претворано во дело.
Вистинскиот христијанин е човек чиешто срце е живо и кое гори. Христијанинот има срце кое сочувствува со словото Божјо, со страдањата на луѓето, како и со нивните радости, а надворешен знак на тоа сочувство се солзите и конкретната помош кон страдалниците; има срце кое се загрева за време на собраната молитва; има срце во коешто горат валканиците, односно се преобразуваат страстите, додека внатре во него, со енергијата на својот ум, ги прати зборовите на молитвата за сите луѓе: „Господи Исусе Христе, помилуј нас!“
За ваков човек се жали дека нема, раслабениот од бањата Витезда – кој го симболизира модерното човештво, се жали дека нема човек чие срце сочувствува и гори, и кој може конкретно да му пружи рака, да му помогне во неволјата, а на тој начин да го разгори и неговото срце со Божјата љубов – најпрвин преку послушание на заповедите Божји, па макар и наспроти сите воспоставени човечки шеми на организирање и однесување: „Оној што ме исцели ми рече да ја земам својата постелка и да си одам“. Христијанин без срце кое гори во молитва, како и при извршувањето на Божјите заповеди, има само име дека е жив, а мртов е.
Митрополит Струмички Наум
Божествена Литургија во црквата ,,Рождество на Пресвета Богородица и св. вмч. Димитриј” во Пехчево.
11 / 05 / 2025