Вистината ќе ве ослободи – Митрополит Струмички г. Наум
~+~
Вистината ќе ве ослободи. Да, ако ја прифатиме во срцето и ако ја спроведеме на дело. Рековме дека вистината е Божја информација, а нејзин носител е несоздадената Божја благодат. Примајќи ја Божјата информација, заедно со неа ја прифаќаме и Божјата благодат.
Божјата информација ја прифаќаме прво со разумот, преку подвигот на верата, и на тој начин ја чистиме енергијата на нашиот ум. Но, тоа не е доволно. Божјата информација треба да ја прифатиме и со нашето духовно срце, што значи дека треба да одлучиме да живееме според неа, да ја претвориме во Божјо дело.
На тој начин ја активираме несоздадената Божја благодат која ја добиваме при Крштението, која дотогаш стои притаена во нашето срце. Таа благодат се активира откако Бог ќе види дека ние покажуваме континуирана желба и подвиг да ја спроведеме Божјата информација на дело, во својот живот; не и претходно.
Активираната Божја благодат почнува да ја чисти од наслагите на гревот и од страстите и суштината на нашиот ум која се наоѓа во нашиот духовен центар – срцето, и на тој начин ние, полека но сигурно, почнуваме да се ослободуваме од ропството на гревот, од демоните поврзани со нашите страсти и преминуваме од умртвеност во живот.
Кога вистината, односно Божјата информација, доволно ќе го очисти срцето од страстите, тогаш тоа ќе се отвори за влез на енергијата на умот во него – која таму се соединува со својата суштина, и оној што успеал во овој подвиг ќе може молитвата да ја кажува внатре во своето срце; таквиот го добил Богородичниот и Божји дар на умно-срдечната молитва.
Просветленоста на умот и духовниот разум се плод на дарот на умно-срдечната молитва, на чистењето на суштината на умот од страстите преку прифатената и активираната Божја благодат.
Просветленоста на умот и духовниот разум се првите знаци на човек ослободен од вистината.
Митрополит Струмички г. Наум
Божествена Литургија во манастирот ,,Св. Петка” во Пехчево.
17 / 05 / 2025