Божјата информација е прифатена само тогаш кога ќе се симне во срцето – Митрополит Струмички г. Наум
~+~
Информациите што доаѓаат до нас можат да бидат од Бог, од ангел, од човек, од демон – секогаш од словесни битија. Можат да бидат и од бесловесни, но тоа е сосема друга тема.
Со прифаќањето на Божјата информација ја прифаќаме и Божјата несоздадена енергија, т.е. благодат, т.е. живот и сила, а со прифаќање на демонската, едноставно, остануваме без благодатта, се исклучуваме од Божјата енергија, живот и сила. Божјата информација ни ја покажува Божјата волја. Демонската информација ни ја покажува демонската.
Важно е да знаеме дека Божјата информација е прифатена само тогаш кога ќе се симне во срцето, кога ќе ја прифатиме во срцето, т.е. кога ќе се согласиме со истата и ќе посакаме да ја спроведеме на дело. Во тој момент, тајно, ја прифаќаме и Божјата сила да ја спроведеме на дело.
Значи, не е доволно да ја прифатиме само со разумот. Нашето делување треба да биде повратен одговор на Божјата информација. И демонската информација се смета дека е прифатена само кога ќе се симне, т.е. прифати со срцето.
„Синот не прави ништо, Сам од себе, ако не го види Отецот да прави” (Јован 5, 19). Но, ние почнуваме да „гледаме” само преку послушанието кон духовниот отец на првиот степен, кога сè уште сме духовно слепи. Потоа нешто повеќе почнуваме да разбираме на степен на просветлување и конечно прогледуваме кога ќе ја видиме несоздадената Божествена светлина – на степенот на обожение.
Божјата информација во суштина е љубов, и кога ние на таа информација ќе одговориме со љубов, тогаш се случуваат чуда!”
Митрополит Струмички г. Наум
Божествена литургија во храмот на Свети Димитриј и Свети Григориј Палама во Струмица.
04 / 05 / 2025