Бог Кој ни се даде до болка и смрт – без остаток


~+~
Ви говорев, пред некое време, дека луѓето кои имаат робовски или наемнички однос кон Бог не сакаат да ја насочат и посветат целата своја енергија, целите себе – без остаток, кон Бог, оти таква е самата природа на нивниот однос. Робот дејствува од страв, а наемникот од интерес, така што дава само дел од себе, дел од својата енергија, колку да му помине стравот или колку да го оствари интересот.
Но, каков е односот што децата Божји го градат со Бог? Кога градиме личен и љубовен однос со Бог, ние во таквиот однос се вложуваме целите себеси, целата своја енергија. Притоа, во таквиот однос ние само се даваме, без ништо да бараме за себе, и на овој начин си ја чуваме и својата слобода – дури и во однос на Бог, и својата љубов кон Него, т.е. ги чуваме и ликот и подобието Божјо по кои сме создадени. Истото важи и за нашите меѓусебни односи.
Впрочем, каков друг однос е нормално да градиш со Бог, Кој целиот Себеси ти се посветува и ти се дава, целата Своја несоздадена енергија, целата Своја љубов – без остаток? И не само тоа, нашиот Бог е Бог Кој се воплоти и стана Човек – Богочовек; Кој живееше со нас и нѐ поучуваше; Кој беше осуден и распнат; и Кој пострада и умре за нас, за да нѐ спаси од гревот, смртта и ѓаволот. Тоа е Бог Кој ни се даде до болка и смрт – без остаток.
Токму на ваквиот личен и љубовен однос – на деца Божји, и кон нашите ближни, сака да нѐ потсети евангелието на денот што денес го чувме: „Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто и Он е добар кон неблагодарните и лошите. И така, бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец” (Лука 6, 35-36).
Очигледно е дека проверка на нашиот однос кон Бог – дали е како на деца Божји, е односот кон нашите ближни – дали се однесуваме со милост кон нив, како кон наши браќа, а деца Божји. Тоа е од една страна, а од друга страна, исполнувањето на заповедите Божји – за милост кон сите, ни овозможува благодатна заедница со Бог, која пак, ни дава сила за собрано и целосно молитвено насочување на енергијата на нашиот ум кон нашето срце, кон Бог.
Користењето и на двете функции на умот – и на секундарната и на примарната, во исполнување на заповедите Божји – на љубов кон ближните и кон Бог, ни овозможува преобразување на енергијата на умот и познание на Бог. По ваквиот начин на богопознание копнее светиот Апостол Тома, а не само да ги слуша раскажувањата на другите – па макар биле Апостоли, за Христовото Воскресение. На ваков начин на богопознание сака да нѐ поттикне и евангелието на денешниот празник – од личен опит, не само да ги слушаме проповедите на епископите и презвитерите. Од слушање никој ништо не постигнал, од чинење – да.
Пресвета Богородице, спаси нас!
Митрополит Струмички г. Наум
19 / 10 / 2025
+++++++
Божествена Литургија во црквата „Св. Вмч. Георги“ во Нов Дојран.
